Сноуден и Гринвалд (3)

02.01.2014 11:00
Сноуден и Гринвалд (3)

Сноуден и пред 2009 година, додека бил во ЦИА, размислувал за откривање на владини тајни но се воздржал, како што ќе раскаже подоцна, затоа што не сакал да им наштети на агентите на терен, а се надевал и дека Обама ќе го реформира системот. Неговиот оптимизам не потрајал. „Гледав како Обама ги развива токму оние политики за кои мислев дека ќе бидат зауздани“. Колку повеќе гледал како работи НСА, особено затоа што читал „вистинити информации“, вклучувајќи го и извештајот на генералниот инспектор за програмите за надзор без судски налог од ерата на Буш – му било сè појасно дека всушност постојат две влади: едната избрана и другата тајна, режим кој управува од мракот. „Ако највисоките претставници на власта можат да го кршат законот без страв од казна или какви било последици, тајните моќи стануваат страшно опасни.“

Го загрижило и кога ја видел подготвеноста со која големиот бизнис се ангажира за унапредувањето на владините тајности. На овој начин, во 2010 година Сноуден одговорил на еден пост на форумот Ars Technica за ранливоста на системот за прислушкување на фирмата Cisco кој е дизајниран за потребите на американската полиција: „Навистина ме загрижува колку малку ова корпоративно однесување им пречи на луѓето надвор од технолошките кругови. Изгледа дека општеството развило несомнена послушност кон морничавите ликови“. Се запрашал: „Дали стигнавме дотука само затоа што не ја искористивме сопствената моќ за да ја запреме пропаста, или станува збор за моментална промена која ни се случила незабележано благодарение на владините тајни?“

Оттогаш Сноуден се движел кон понапредните нивоа на сајбербезбедноста. Во 2010 година посетувал курс за „етичко хакирање“ кој ги учи работниците во компјутерската безбедност на кој начин хакерите упаѓаат во големите компјутерски системи и оперираат невидливи. Оваа вештина високо се вреднува во модернизираната НСА каде наследникот на Хајден, генералот Кит Александар – елегантен промотер на програмата за сајбербезбедност која буквално никој во Конгресот не ја разбрал – неуморно ја притискал владата да му одобри повеќе шпионски овластувања и повеќе средства. „Имаше несоборлив кредибилитет и едноставно му препуштија да прави што сака“, вели еден поранешен службеник од Белата куќа, кого го вознемирила способноста на Александар да ги спинува пратениците од двата дома и претседателот. „Сајбербезбедноста беше магла до неодамна, а Кит Александар беше волшебникот од Оз“.

Благодарение на тоа, Александар бил во можност целосно да го реализира концептот кој прв го промовирал Хајден, дека „НСА го поседува интернетот“ – остварувајќи пристап речиси до сè. Во февруари 2012 година агенцијата ја изложи стратешката визија во својата изјава за мисијата на пет страници, објавувајќи ја намерата да собира податоци од „кого било“. Програмата осмислена за тие цели, позната под називот „Мапа на богатството“, била толку сеопфатна што претендирала да мапира информации од „кој било уред, каде било, во секое време“. Агенцијата ја опишуваше сегашноста со зборовите „златниот период на SIGNIT“.

„Изградија таен систем за надзор кој го раскина ткивото на нашето општество и Сноуден го виде тоа“, вели Дрејк кој разговарал со Сноуден и го опишува „како Трон од истоимената видео игра: талка по мрежите и влегува во различни системи, од легитимни причини. Но, за време на своите патувања сфаќа дека и тој овозможува таков систем. Како ќе живее и работи со себеси на тој начин?“

Сноуден нејасно зборува за моментот кога одлучил да ги објави информациите, но е многу прецизен за тоа што го навело на таква акција. „Слушајќи ги постојаните лажни литании на високите службеници пред конгресот, а со тоа и пред американскиот народ; сфатив дека конгресот... всушност ги поддржува лагите. Гледајќи го Џејмс Клапер – директорот на Националната разузнавачка служба – како невешто ја лаже јавноста без последици, е доказ за минирана демократија“.

Во април 2012 година додека работел за Dell, Сноуден наводно почнал да снима документи од кои повеќето се однесувале на програмите за прислушкување кои ги водела НСА и нејзиниот британски еквивалент, владиниот центар за комуникации (GCHQ). Единаесет месеци подоцна, ја напуштил работата и прифатил друга, во фирмата Booz Allen која ја барал токму заради широкиот пристап на обилните информации поврзани со американската сајбершпионажа. „Положбата во Booz Allen Hamilton ми овозможуваше пристап до листите со машини кои ги хакирала НСА ширум светот“, рече Сноуден за The South China Morning Post. Наредните три месеци снимал документи, кои според подоцнежните проценки на надлежните ги имало повеќе од 50 000, поделени во четири категории: НСА потенцијали, партнерства со приватни технолошки компании и странски разузнавачки служби, барања за информации од други американски агенции и разузнавачки извештаи засновани на нејзината колекција пресретнати електронски сигнали. Требало уште да смисли како да го објави целиот материјал.

Знаел дека нема да оди по трагите на Томас Дрејк, чиј случај го проучил внимателно, и останатите кои постапиле на сличен начин во текот на 1990-те и 2000-те години кои своите грижи, често недокументирани, му ги изнесувале на конгресот или печатот. „Погледнете, за изминатите 12 години неколку од вас веќе зборувале за доброто дело на откритијата на Сноуден“, потсетува Дрејк. „Врз основа на она што ни се случи на нас, знаел дека ќе мора да понуди некаква документација, ако воопшто смета на можноста да биде слушнат во јавноста. Но, можеби ни тоа нема да биде доволно. Сега целиот систем стана докрај институционализиран“.

Исто така, Сноуден знаел дека не би било добро да ги предаде документите на Викиликс или едноставно, самиот да ги објави некаде. „Не сакам да дадам повод за аргументот кој беше користен во случајот на Бредли Менинг, дека документите се објавени без надзор и проверка“, ќе објасни Сноуден подоцна. „Внимателно го проценував секој документ посебно за да се уверам дека секој од нив е легитимен за јавниот интерес. Имаше секакви документи кои би имале силно влијание а кои не ги предадов, затоа што не ми беше цел да им нанесам штета на луѓето. Мојата цел беше транспарентноста“.

Мејнстрим печатот како единствена опција изгледал уште поризично. Присетувајќи се како The New York Times под притисок на власта ја прикривал приказната на Рајсен за прислушкувањето без судски налог, Сноуден стравувал дека истото би можело да му се случи и нему. „Кога предмет на новинарско истражување е институција која е толку далеку надвор од законска контрола како што е американската разузнавачка служба, дури и најдобрите намери на The New York Times не значат ништо“, ми напиша тој во мејлот. „Не можете да принудите шпионска агенција да отстапи ако не сте подготвени да го си го уништите сопствениот живот и заради најситната вистина, затоа што тоа е единственото нешто од кое се плашат. Вистината значи одговорност, а одговорноста ги шокира сите оние кои ги преминале границите на нужното“.

Кон средината на мај, Сноуден земал кратко отсуство од работата во Booz Allen за да се врати на копно каде, како што им кажал на надлежните, отишол на терапија за епилепсија, состојба која му била дијагностицирана една година претходно. Наместо тоа, со директен лет се упатил во Хонг Конг каде се сместил во хотелот Мира во кој едно ноќевање со поглед кон паркот Kowloon чини 300 долари, и стапил во контакт со Глен Гринвалд. Тоа била нивната прва директна преписка од минатиот декември, кога Сноуден се откажал од обидите да го убеди да го научи шифрирањето и се насочил кон Лора Поитрас за која знаел дека „ги разбира ризиците од лошата безбедност“.

Авторката на два многу критички филмови за американската антитерористичка политика и војната во Ирак, Поитрас се нашла во средиштето на вниманието на американската власт во 2006 година по премиерата на нејзиниот документарец „My Country, My Country“, номиниран за Оскар, а кој се занимава со искуствата на Ирачаните под американска окупација. Министерството за внатрешна безбедност наводно ја ставило на листа за надзор, за во текот на наредните шест години, според нејзината проценка, да биде запрена и притворена речиси 40 пати на американските гранични премини. Сето тоа ја направило исклучително параноична (одби да разговара за овој текст). За да го спречи шпионирањето на својата работа, ја научила енкрипцијата. Тоа му овозможило на Сноуден, кој ѝ се обратил анонимно, во неколку мејлови да скицира бројни владини програми за надзор.

Поитрас му покажала на Гринвалд некои од мејловите кои веднаш ги намирисал дека се основани. Инсталирал софтвер за енкрипција и по упатствата на Лора Поитрас почнал сопствена размена со изворот кој имал волја во живо да се сретне со новинарите. Гринвалд се колебал: „Му реков дека ми треба примерок од документите за да проверам дека тој е навистина оној како што се претставува и дека има нешто вредно“. Па така, Сноуден му испратил на Гринвалд десетици документи, вклучувајќи и Power Point презентација за програмата PRISM преку која НСА преку американските интернет компании како што се Google, Facebook и Apple, можела да презема купишта податоци за корисниците, вклучувајќи ја поштата, податоците за четот и историјата на пребарувањата.

Седел на тремот пред куќата, додека кучињата му се моткале околу нозете, кога ги отворил документите останал без здив. „Мислам, лудница, нели? Од никаде, одеднаш во раце држев 25 документи со ознака за највисока доверливост од НСА, агенцијата од која ретко изглеувале тајни“. Трчал за да му каже на Миранда: „Не можам да верувам што добив“.

Гринвалд веднаш одлетал за Њујорк каде се сретнал со Поитрас, за со неа и со уште еден новинар, долгогодишниот дописник на Гардијан Иван Мекаскил како официјален претставник на весникот, да заминат за Хонг Конг. Во таксито на пат до њујоршкиот аеродром, Поитрас, на која Сноуден веќе ѝ испраќал многу поголеми количини документи, му објаснила на Гринвалд како да ги отвора и да ги чита фајловите од нејзините мемориски стикови. Кога полетал авионот, тој го вклучил лаптопот и почнал да го чита материјалот. „Веднаш сфатив дека оние 25 документи кои ми ги испрати, за кои мислев дека се најдоброто што го има, се всушност избрани случајно. Гледав во илјадниците документи кои се однесуваат буквално на секоја тема која можете да ја замислите, огромен куп тајни од кои многу беа далеку подобри од оние што ми ги испрати претходно.

„Колку долго изворот го планирал ова?“, се прашувал Гринвалд. Само организирањето на материјалите мора да траело со месеци, ако не и повеќе. Секој мемориски стик имал сложена архитектура. „На насловната, на пример, имаше 12 фајлови. Кога ќе кликнеш на еден од нив, доаѓаш до уште 30 нови. Кога ќе клинкеш на некои од нив, ќе се отворат уште шест, и потоа конечно доаѓаш до документите. И секој проклет документ кој ни го предаде беше извонредно елегантно и преубаво урганизиран“. Гринвалд не се сомневал дека изворот ја прочитал секоја страница; ниту една не била погрешно сортирана. „Беше потполно јасно дека го читал и многу внимателно го обработил секој документ кој ни го предал во тој негов незамисливо педантен, урнебесно елабориран систем“.

За време на патувањето до Хонг Конг, кое траело 16 часови, Гринвалд пребарувал по документите. „Имаше работи за Ирак, Авганистан, програмата за беспилотни летала, шпионирањето на нашите сојузници, за технологијата со која се прави тоа, разузнавачкиот буџет, буквално за сè можно – а сето тоа е врвна државна тајна и јас ја читам залегнат во авионот“. Меморандумите и презентациите детално ги опишувале размерите на глобалните операции на НСА: колекции метаподатоци за американски и странски државјани; шпионирање на комуникациите и интернет сообраќајот на светските лидери; разузнавачки операции насочени кон нафтените и останатите компании. Поитрас, која седела неколку седишта зад Гринвалд, повремено доаѓала да го посети, а тој ја опсипувал со прашања, како да не им верувал на сопствените очи.

„Само седевме, така, во транс“, вели Гринвалд. „За нас двајцата тоа беше животен момент“.

Гринвалд веќе имал некаква претстава за тоа кого може да очекува во Хонг Конг: „Шеесетгодишен проќелавен ветеран со седа коса од разузнавачка служба кому му дошло преку глава да трпи разочарувања“. Наместо него, пред ресторанот во шопинг центарот ги чекало момче кое е едвај дораснато за утринско бричење. Блед, слаб, во фармерки и маица која со денови не ја соблекол. „Изгледаше како дете кое денгуби во трговски центар“.

Гринвалд помислил дека се работи за грешка: „Нема шанси ова момче да има пристап каков што ме убеди дека има. Едноставно не се вклопува; можеби му е син или помошник на вистинскиот извор? Изгледаше сосема поинаку од она што го очекував, па помислив дека целото патување беше губење време“.

Но сепак, исцрпени од летот, новинарите го испратиле Сноуден до хотелската соба од која излегол само неколкупати откако стигнал, плашејќи се дека службата ќе го открие. Во собата на сите страни имало чинии од оброци кои му ги носеле во собата. Облеката била расфрлана по подот. Загрижен дека би можеле да го шпионираат, на лицата од хотелскиот персонал не им дозволувал да влегуваат во собата за да му ја променат постелнината. Пред да прозбори, Сноуден ги наредил перниците на вратата за да го отежне евентуалното прислушкување. Овие мерки на претпазливост на Гринвалд му звучеле параноично, но решил да почека со осудата. Заземал став на парничар. „Тоа беше вистинско вкрстено испрашување“, опишува Сноуден. „Построго од брифинзите на агентите на ЦИА кога се враќаат од терен. Но, беше корисно, затоа што се воспостави апсолутна доверба: не остана простор за лаги“.

Гринвалд сфатил дека Сноуден е многу бистро момче и дека неговата приказна, колку и да звучела неверојатно на почетокот, била кохерентна. По пет, шест часови исппрашување „бев прилично убеден дека ја зборува вистината“. Сепак уште многу нешта немаа смисла. На Хаваите ја оставил девојката со која бил осум години, преубавата танчерка Линдзи, која очигледно ја сакал. Заработувал шестцифрена плата и имал кариера чии можности, дури и без средношколска диплома, биле безгранични. Сè околу него посочувало дека бил среќен и стабилен. „Долго се обидував да сфатам зошто го направи тоа што го направи, свесен дека најверојатно ќе заврши в затвор до крајот на животот“.

Сноуден не сакал потрагата за изворот на овие информации да ја попречува сеопштата расправа која тие би требало да ја предизвикаат, па и пред да стигнат во Хонг Конг ги известил новинарите дека планира да излезе во јавноста. Идејата за откривање на изворот на доверливите материјали се противела на секој инстинкт, и новинарски и човечки. Мекаскил, кој има три сина на слична возраст како Сноуден, вели дека цел ден го удебувал да се откаже. Изгледало како Сноуден да испланирал сè. Намерно не преземал мерки да ги прикрие своите траги, пред сè, како што објаснил, за да ги заштити своите колеги од долготрајна истрага. „Не можев да бидам нечиј соучесник кој го упропастува својот живот ако не бев убеден дека тоа го прави потполно свесен за своите постапки“, вели Гринвалд. „Така поминав многу часови со тоа прашање: За што се работи? Од каде му е идејата дека е обврзан да го жртвува сопствениот живот за доброто на другите?“

Најпосле Гринвалд сфатил дека Сноуден се раководи со истиот морален кодекс кој, на возраст од 20 години, го навел да се пријави во војска и да оди во војна за која верувал дека треба да ги „ослободи“ поробените. Тоа што го прави НСА, рекол Сноуден, претставува „егзистенцијална закана за демократијата“; чувствувал дека е должен да преземе нешто. Му објаснил на Гринвалд дека сакал да направи своја веб страница за која подготвил манифест со објаснување за незамислените размери на системот за надзор кој го конструирала НСА. Имал намера да објави неколку страници текст на веб страницата, со надеж дека тоа ќе допре до стотици илјади, дури и милиони луѓе кои би потпишале петиција за крај на државата надзорник.

Меѓутоа, манифестот имал „призвук на Унабомбер“, вели Гринвалд, кој со Лора Поитрас го убедувал дека тоа би било погрешно сфатено во јавноста. „Текстот беше прилично драматичен и вознемирувачки, што е и разбирливо затоа што кога некој е подготвен да го фрли својот живот за да се бори против неправдата, тој размислува во прилично екстремни рамки. Но, на обичниот човек кому сака да му се обрати тоа може да му звучи морничаво“. На крајот, Сноуден се откажал.

Продолжува.

Кон вториот дел.

Кон првиот дел.

Извор: http://www.rollingstone.com

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото