Шиканирање на новинарите во „колевката на демократијата“

21.08.2013 11:27
Шиканирање на новинарите во „колевката на демократијата“

„Си ја имавте својата забава, а сега ги сакаме тие работи назад“, наводно изјавил пред неколку месеци претставник на британската влада во еден телефонски разговор со Алан Русбриџер, главниот уредник на британски Гардијан.

Во овој весник на почетокот на јуни беа објавени доверливи информации за тоа како американските тајни служби масовно ја прислушкуваат и надгледуваат комуникацијата на граѓаните низ целиот свет. Ова предизвика згрозеност ширум светот, а американската влада беше изложена на многубројни критики. Материјалите ги објави Едвард Сноуден, поранешниот соработник на американската државна безбедносна служба NSA.

Антитерористичките мерки како изговор?

Во вчерашното издание (20.08.2013) на Гардијан, Русбриџер објави дека на крајот уредништвото попуштило под големите притисоци од владата. Тој опиша како во зградата на весникот бил уништен компјутерскиот хард-диск со материјалите од Сноуден, под надзор на двајца соработници на британската тајна служба GCHQ. „Тоа беше еден од најбизарните моменти во долгата историја на Гардијан“, искоментира уредникот.

Таа приказна не беше објавена случајно токму вчера. Два дена порано (на 18.08) на лондонскиот аеродром Хитроу беше привремено уапсен Дејвид Миранда, животниот сопатник на Глен Гринвалд, новинарот кој ги објави доверливите информации на Сноуден. Преку Лондон, Миранда патувал од Берлин до својата татковина Бразил. Полицијата го сослушувала речиси девет часа – колку што е максимално законски дозволено ако не постои судски налог за апсење.

Најава за нови откритија

„Тие ме испрашуваа за целиот мој живот, ми ги одземаа компјутерот, мобилниот телефон и фотоапаратот“, вели Миранда. По 8 часа и 55 минути му бил вратен само пасошот и му било дозволено да го продолжи патувањето до Рио де Жанеиро. Британската полиција се повикала на законот за борба против тероризмот кој дозволува временски ограничен притвор без судски налог и назначување адвокат, а на осомничениот не му дава право да го избегне одговарањето.

Оваа борба против тероризмот на британски начин наиде на масовни критики. Организацијата „Новинари без граници“ оценува дека под маската на антитерористички мерки постои обид за уништување на мрежата врз која се заснова новинарската работа на Гардијан. И Глен Гринвалд тврди дека неговиот партнер бил испрашуван само за новинарските известувања за NSA. „Најновата вест во западните демократии е класифицирањето на новинарските известувања како тероризам“, иронично коментира Гринвалд.

Многу Британци се згрозени, а во меѓувреме се прашуваат дали нивните тајни служби некогаш чуле дека податоците од компјутерите можат да се копираат, се разбира, пред некој да ги уништи. Дека тоа веројатно се случило, покажува и изјавата на Гринвалд: „Отсега ќе известувам многу поагресивно. Ќе објавувам многу повеќе документи. Имам многу документи за шпионските активности на Велика Британија.“

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото