Неказнивост за пресметка со новинари

22.01.2020 17:55
Неказнивост за пресметка со новинари

 „Ти гарантирам дека ќе престанеш да пишуваш.“ Така, според сведоците во судскиот процес кој е во тек, гласела пораката што обвинетиот бизнисмен му ја испратил на убиениот словачки новинар Јан Куциак, кој истражувал голем корупциски скандал.

Главниот сведок во судот во Братислав навел дека бизнисменот платил 70.000 евра за нарачка на убиството. Трагичната смрт на Куциак пред две години не претставуваше само силен удар врз слободата на печатот и новинарската независност, туку ги предизвика најголемите демонстрации во Словачка по падот на комунизмот.

Со широка јавна осуда и остри реакции беа проследени и вербалните напади и навреди кои заканувачот Емил Јакимовски деновиве ги упати до македонски новинарки. Поради своето непрофесионално однесување тој доби и отказ од работното место.

Тоа, можеби, е дочекано како мала сатисфакција за оштетените, но и за сите оние што се залагаат за заштита на слободата на изразувањето како темел на демократијата, и барем малку ја намалува перцепцијата дека владее неказнивост за насилства против новинарите. Но тоа сепак не значи дека партијата чиј симпатизер и член е заканувачот нема да се ангажира околу неговото згрижување, сè додека има полза од неговите услуги во медиумското оцрнување на политичкиот противник. Злоупотребата на партиските активисти, со поттикнување омраза, навреди и дискредитации, со години наназад речиси целосно го контаминира медиумскиот простор во Македонија.

А токму неказнивоста на злосторствата и насилствата против новинарите во значајна мера придонесува за морално труење на општеството. Во 2014 година Обединетите нации го прогласија 2 ноември за Меѓународен ден против неказнивоста на кривичните дела против новинарите, со цел да се посвети внимание дека новинарите се жртви на убиства и дека се изложени на сериозни закани, насилства и прогонувања.


Според меѓународни извештаи, во повеќе од 90 отсто од случаите на убиства на новинари сторителите остануваат на слобода, како во земјите зафатени со војна така и во земјите кои се во мир. Според УНЕСКО, 1.154 новинари се убиени по 2006 година. Тоа практично значи дека секој четврти ден се случува убиство на новинар. Но само за половина од случаите за кои биле испратени извештаии до УНЕСКО едновремено биле доставени и информации за тоа какви правни мерки и дејствија биле преземени за да се истражат убиствата.

Негативни искуства поврзани со нарушувањето на статусот на новинарската професија не се забележуваат само во земји со авторитарни режими. Има повеќе предупредувачки примери, како во случајот на една од најсилните европски демократии, Шведска, која според слободата на медиумите редовно е меѓу првите земји на ранг-листата на „Репортери без граници“. Но, испитувања покажуваат дека дури 40 отсто од шведските новинари прибегнуваат кон автоцензура поради закани и ширење на омраза кон нив.

Според резултатите на една анкета објавени во весникот на Сојузот на новинарите на Шведска, мошне мал број од овој вид кривични дела се предмет на темелна истрага, бидејќи ретко се поднесуваат кривични пријави. Причината е едноставна – малкумина шведски новинари веруваат дека се приоритет за полицијата.

Агресивните напади кон медиумите последниве години јасно зборуваат дека дури ни Европа не е имуна на сериозни насилства и убиства на новинари. Зад отворените закани против новинари во Европа одекнува непопустливата анти-медиумска реторика од страна на одделни политички лидери – актуелни премиери или врвни опозициски политичари со претензии да ја освојат власта.


Токму затоа организацијата „Репортери без граници“ истапи со десетина предлози пред годинашните ЕУ избори со кои слободата на печатот би добила статус на едно од централните прашања за новиот состав на Европскиот парламент. Еден од предлозите се однесуваше и на воведување на посебна функција на европски комесар со одговорност за прашањата поврзани со слободата на медиумите и заштитата на новинари, како и јакнењето на гаранциите за демократија и на Интернетот и социјалните мрежи.

ЕУ располага со можности да ја користи својата економска и политичка моќ за да воведе санкции против лица кои со своето однесување претставуваат закана против слободата на медиумите, а што беше и предлог на самиот Европскиот парламент со оглед на развојот во медиумската сфера во последните години.

Модернизацијата на законите во ЕУ е всушност неопходна поради приспособување на реалноста која владе во Унијата. Оттаму и сè почесто се укажува дека слободата на печатот е неоспорен дел на демократските вредности кои во изминатите децении претставуваа обединувачка нишка што ги поврзуваше членките на ЕУ. Со одбрана на медиумските слободи Европа го брани сопствениот политички модел од внатрешни и надворешни закани.

За жал, екстремните случаи на нарачани убиства на новинари веројатно ни во иднина не ќе можат да се исклучат. Но, без постојани бескомпромисни заложби за јакнење на слободата на медиумите и заштита на новинарите, слабата ефикасност во борбата против корупцијата, криминалот и кршењето на човековите права и понатаму ќе се доживува како алиби за немоќта и фрустрациите предизвикани од неисполнувањето на клучните реформи и бавното темпо на модернизација на општеството.

Без слободни медиуми, криењето на корупцијата и матните зделки, како и нападите врз демократијата - стануваат многу полесна задача.


Слики: Francesco Ciccolella

ОкоБоли главаВицФото