Краток прирачник за работа на странски новинар во Русија

17.01.2014 13:00
Краток прирачник за работа на странски новинар во Русија

Во прилог на забраната за влез во земјата што Кремљ му ја испорача на американскиот новинар Дејвид Сатер во Киев, прв прогонет новинар од Русија после падот на комунизмот, имам неколку полезни информации што треба да ги знае секој журналист намерник, автор кој патува и привремено или постојано работи во оваа земја.


Некои критички западни гласила, предводени од Гардијан, во своето блажено непознавање на руската реалност, беа можеби преостри во написите против режимот. Со ова, не би сакал да помислите дека ја бранам одлуката на руското МНР, што фактички го депортира Сатер и претставува чисто кршење на човековите права и правото на слободно изразување. Но тие медиуми не ги знаат, или ако ги знаат, ги игнорираат следниве важни работи.


1.

Руската административна бирократија е немилосрдна. Институцијата наречена прописка или регистрација по место на живеење на внатрешни или надворешни емигранти е една ефективна алатка за наметнување на волјата на државата врз поединецот. Таа постои уште од сталинистичките мрачни предвоени и воени децении и остана како таква и во денешна нереформирана Русија.


И ако еден новинар со повеќедеценско искуство кој во Русија работел уште од времето на Брежњев и Андропов, направил административен пропуст во документите за оформување на својот престој, тоа е негова грешка. Руските власти имаат навика растегливо да ги применуваат имиграциските закони. Јас, на пример, плаќав административен „штраф“ во неколку наврати зашто задоцнив со мојата регистрација за престој, која во ОВИР се оформува најдоцна за пет дена од пресекувањето на границата. Доколку би сакале, тие би можеле и мене да ме протераат поради тоа.


Но, за кого како. Овие пет дена можат да се растегаат од четири дена плус-минус 24 часа до пет дена плус-минус 24 часа. Сатер, најверојатно, успеал да поднесе „уведомление“ во МНР за своето присуство во земјата во текот на четвртиот или петтиот ден. И колку и да кука и да се жали, тој е критички западен новинар и за него властите го интерпретираат ова како административно нарушување. Во овој случај, тие бараа легален повод за негова физичка релокација, и го најдоа.

Дејвид Сатер, новинарот на кого му е забранет лез во Русија


Совет: Без разлика дали се работи за странски новинар, шеф на дописничко биро или обичен смртник, прописката секогаш треба да се оформи кај надлежните органи во тек на 24 часа по поминувањето на пасошка контрола. Кога бев студент и патував за Скопје, татко ми секогаш велеше: „сине, на автобуска биди барем 15 минути пред тргање, автобусот тебе не те чека, ти треба да го чекаш“. Во преносно значење: ти постоиш заради (руската) држава, а не дека таа постои заради тебе, како што либералите учат по школите на Запад.

2.

Пишувајте колку што сакате критички за состојбите во Русија. И јас верувам во тоа дека најобјективно известување за овдешните горливи случувања се постига само преку критичка опсервација - за епохалната и невидена чиновничка и олигархиска корупција, за кревањето во воздух на станбените згради во 1999, за репресиите врз борците за човекови права, опозицијата и геј популацијата, угнетувањето на демократските процеси, фалсификуваните избори, еколошките катастрофи и трагедиите предизвикани од пропусти во безбедноста и техничкото одржување, кавкаскиот тероризам, извиканите
„пробки“ (сообраќаен метеж), државната забрана за посвојување на сирачиња од страна на Американци, итн, итн...


Како странски новинар, можете да пишувате слободно и да ја критикувата власта, црквата, корумпираниот гувернер кој купува мерцедеси од 150 илјади евра по парче и поседува вила во Кан или шубарницата под Москва со територија голема колку пола Водно на Јакунин, шефот на РЖД, или пак, неефективната градска управа на Москва или Санкт Петербург - на англиски, македонски, француски, шведски, германски, и кој ли уште не јазик. Но, треба да внимавате само на едно, да не ја нарушите светоста на руското слово.


Кремљ е доста чувствителен кога за многу или некои од наведените теми објавувате на руски јазик. И вие ОБЈАВУВАТЕ. Не тоа што постирате по блогови и форуми, не што ја пердашите власта по онлајн публикации или газети.ру, не што постирате јутјуб видеа или коментирате (и полевате пролив - зборови на Путин) во вконтакте или или по фејсбукот. Не драги мои, тоа веќе го прават многу слоеви од градската и интелектуална маса на Москва и останатите големи градови, и тоа Володин, сегашниот сив кардинал во претседателската администрација, наследникот на Сурков, не го засега.


Овде владее режим познат по своите софистицирани политехнолошки методи на изнуда. Неказнив и неконтролиран од никого во исползување на неисцрпните ресурси на земјата, и кој доста ефективно ја задушува меинстрим критичката мисла во Русија со самоцензура, економски притисок, лукративни вработувања на критички уредници и новинари по високи државни позиции итн. Затоа, во Русија денес не постојат критички новинари и презентери ангажирани по главните печатени и телевизиски медиуми, гласила што навистина допираат до неразвиената и не вмрежена провинција, главната гласачка потпора на корумпираниот систем.


Токму затоа мошне ретко се објавуваат продлабочени критички ставови во весниците како Комерсант или Вједомости (единствените навистина независни и критички медиуми што имаат тежина во Русија се двонеделната Новаја газета и радиото Ехо на Москва). Или пак се печатат во голем тираж книги на руски чиј главна тема е за власта болната епизода со експлозиите на станбените згради во септември 1999 во Москва и уште два града, кога загинаа околу 300 мирни жители и се создаде паника низ цела Русија.

А Сатер го направи токму тоа. Својата книга Darkness at Dawn, Тhe Rise of the Russian Criminal State, објавена во 2004, каде тој говори доста критички за мотивите зад експлозиите во 1999 (дека биле дело на безбедносни структури од ФСБ), од не знам кои причини тој лани ја реиздаде на руски јазик, среде Москва. Но не само тоа, башка што неговиот руски е со тежок акцент, и редовно настапува во руското студио на Радио Слободна Европа, каде беше вработен како советник, тој неодамна постираше блог на CNN.com за предновогодишните терористички напади во Волгоград каде се вели дека поради директната близина на северен Кавказ, „спортистите што доаѓаат на Олимписките игри во Сочи треба да знаат дека влегуваат во воена зона.“ Објавено и на англиски, ова предупредување звучи како лична навреда за Путин, чијшто зенит на неговото лидерство, според многумина, е токму оргнизацијата на првите зимски Олимписки игри во Русија.


Според мое мислење, забраната за влез во Русија на Сатер е одлука за негова лична безбедност. Бидејќи, со тешките критики до власта испорачани на чист руски јазик, тој би можел да ја доживее судбината на Ана Политковскаја, Пол Хлебников или Наталија Естемирова и уште десетина руски и не само руски новинари кои беа убиени за време на владеењето на Путин од 2000 па наваму. Политковскаја и Хлебников беа натурализирани американски државјани со руско потекло, но Сатер е роден Американец. Тој е доста цитиран американски новинар, ветеран во својата област, академик и поранешен дописник за Фајненшл тајмс, кој за Русија има издадено три книги, и неговиот трагичен крај поврзан со неговата професионална дејност во земјава би бил катастрофален дипломатски, морален и политички пораз на Москва непосредно пред игрите што за три недели се отвораат во Сочи. А власта штотуку успеа некако да го обели образот со ослободувањето на Ходорковски и девојките од Pussy Riot. Депортацијата на Сатер значи дека безбедносните служби не можат да му гарантираат безбедност. Од друга страна, Кремљ сестрано прифаќа такви новинари, како на пример Бранко Влаховиќ, дописник на Вечерње новости од Москва, кој е стар српски песнопој и апологет на вечната власт на Путин.


Совет: Критикувајте ја власта до сите можни граници. Но бидете умерени ако тоа го правите на руски и среде Црвениот плоштад.


3.

Дволичноста на некои западни медиуми како Гардијан е очигледна. Тие го „полеваат со пролив“ режимот на Путин и одвреме-навреме сакаат да се пожалат како Лук Хардинг, острото перо на славниот лондонски весник, некогашен дописник од Москва, бил протеран од Русија. Но не го истакнуваат фактот дека после неколку дена откако Хардинг доби аламе, неговата новинарска дејност во Русија е непожелна, имиграциските служби му испратија корегирана одлука и му понудија отворен влез во земјата. Но тој ја одби понудата. И сега постојано се жали и крева сензации дека бил протеран од Русија.


Очигледно е дека на некои новинари, писатели и фоторепортери, а ги има многу од западна Европа кои во изминатава деценија биле цензурирани и протерани од Русија, им годи таквиот статус. Тие потоа издаваат книги, држат предавања, гостуваат по разни токшоуа и монетизираат на тоа искуство, на „мачеништвото“ што го претрепеле од односот на руската власт кон нив.


Совет: Доколку сакате да станете славен и богат новинар, совладајте ги англискиот и рускиот јазик, одете во Русија, критикувајте го режимот на англиски и објавете критичка книга на руски јазик. А потоа фаќајте џаде дома.

Борис Камчев е новинар и писател од Санкт Петербург, неговата книга „Русија на Путин: Записи од опачината на светот“ неодамна излезе во издание на Темплум