Русија Севодња - министерство на вистината

12.12.2013 10:39
Русија Севодња - министерство на вистината

Без најава и претходни дискусии во јавноста, Кремљ завчера ја укина РИА Новости, државна новинска агенција во која изминатава деценија беа вложени милијарда долари и која се прослави со објективно и непристрасно известување.

Со оглед на тоа дека режимот на Владимир Путин има целосна контрола врз главните медиуми во Русија - неколку десетици весници, исто толку ТВ канали и интернет портали, не е чудно демолирањето на полу-независната државна агенција. Се поставува прашањето зошто токму сега, кога агенцијата води неколку проекти поврзани со Олимписките игри во Сочи, каде е главен медиумски партнер? А знаеме дека игрите во Сочи се толку саканото чедо на Путин.

Преку своите одделенија како англојазичното Russia Profile (за кое одредено време пишуваше и потписникот на овие редови) или РАПСИ, руска агенција за судски информации, РИА Новости предаваше објективни и шаренолики анализи од случувањата во политиката, економијата и културата во светот, во регионот и дома. Формирана како советско биро за информации, два дена по германската инвазија на Советскиот Сојуз, РИА Новости денес има свои дописници во 45 земји и објавува новости на 13 разни јазици.

Агенцијата, најверојатно, стана непожелна за власта поради продлабочените известувања за антивладините протести кои започнаа во декември 2011 и кулминираа со инаугурацијата на Путин во мај 2012. РАПСИ, на пример, објавуваше навремени, точни и долги писанија од најновите монтирани судски процеси против селективно апсените граѓани од Болотнаја, антикорупционерот Алексеј Навални и други опозиционери.

Поради својот квалитет секојдневно цитирана во безброј домашни и странски медиуми, во РИА Новости, за разлика од останатите државни медиуми ставени под јаремот на државните пропагатори или потонати во самоцензура, се негуваше професионален журнализам.

По светската економска рецесија од 2008 што се рефлектира во тековната финансиска нестабилност во евро-зоната, Москва е убедена во својата моќ како светска сила и наметнува руски поглед на состојбите на глобалната сцена. Конфронтацијата со САД околу Сирија заврши со успех, и Москва неодамна започна нова битка, со ЕУ околу несудената европска интеграција на Украина.

„Русија води независна политика и има намера цврсто да ги брани своите национални интереси“, рече Сергеј Иванов, шефот на претседателската администрација по повод трансформацијата на РИА Новости. Иванов, близок соработник на Путин, смета дека е многу тешко да се пренесе пораката во светот, и затоа е донесена оваа одлука. „Нашата цел е пренесување на вистината до што повеќе луѓе со употреба на модерен јазик и најсофистицирани технологии.“

Агенцијата, заедно со нејзината меѓународна радио програма, се трансформира во Росија Севодња (Русија денес), замислена од режимот како сосема поинаков информациски сервис. Росија Севодња нема никаква врска со Russia Today, ТВ канал кој емитува програма на англиски и шпански во стилот на Ал Џезаира, Би-Би-Си или Дојче Веле, но полемизирајќи за пристрасноста на западните медиуми, и дискутирајќи разни теории на заговор (како на пример 9/11 или светската економска рецесија).

Познат под брендот RT, овој канал има одредена популарност во САД и Велика Британија поради покривање на активностите на движењето Occupy. Од своите поклоници RT е оценет како анти-хегемониски.

По сѐ изгледа, наративите за меркантилната и мрзлива Европа, за американскиот ексепционализам и за одбраната на руските „цености“ од декадентниот Запад и наметнување на идејата за своја сфера на влијание во регионот, ќе биде главното оружје во арсеналот на новата информативна агенција Росија Севодња, што се смета дека ќе биде задолжена за меѓународна презентација на Русија. За разлика од нео-советскиот информативен диносаурус, Итар-Тасс, која е задолжена за покривање на внатрешните состојби.

И самиот Путин неодамна укажа на пристрасните извештаи за руските случувања од страна на западните медиуми. Новата информативна агенција ќе конкурира со, според Путин, „англо-саксонскиот монопол на информациските текови.“

И тоа како. Главните критики до власта се поради кадровското решение. За главен и одговорен уредник на Росија Севодња, претседателот со посебен указ го назначи Димитриј Кисељов, ТВ водител од националната Росија 1, со екстремна и разглаголена реторика на своите неделни Вести на неделата.

Најверојатно поминат низ школата на пропагандната лабораторија на Кремљ, Кисељов, кој е одличен дворски медиумски шут, ги нема аналитичките способности на врвните пропагатори на власта како Михаил Леонтјев или Максим Шевченко.

На Путин му треба една лесно манипулативна личност. Со неговата аморална изјава после убиството на новинарката Ана Политковскаја во 2006, дека не треба да се крева многу врева по нејзината смрт оти таа немала големо политичко влијание во земјата, Путин укажа дека не цени новинари со изградени и комплексни погледи на руската стварност од десна или централистичка позиција, па макар тие биле и апологети на власта.

Следниве изјави од страна на Кисељов се доволни за да се укаже каков човек всушност ќе ја уредува новата влијателна руска агенција. Неговата псевдо-историска идеја дека демонстрациите во Украина се разгорени од Шведска, Полска и Литванија, како одговор на поразот што овие средновековни сили го претрпеле од армијата на Петар Велики во битката кај Полтава, денешна Украина, предизвика бран од критички коментари по Твитер и форумите на рунет.

Стегањето на ременот за опозициските групи од страна на Кремљ последнава година и пол стана тренд во државата. Задолжителната регистрација на сите невладини организации кои примаат финансии од запад како „странски агенти“ или законот за хомосексуална пропаганда, што ги оцрни претстојните Олимписки игри во Сочи.

Кон мејнстримот се приклучи и Кисељов кој законот го нарече „доволно благ“ и порача дека за ширење пропаганда, хомосексуалците треба да бидат подложени на посебни мерки како забрана за донирање на крв и сперма. „А во случај на автомобилска несреќа нивните срца треба да бидат закопани или изгорени.“

Конечно, тој има изјавено дека за разлика од западното, руското пост-советско новинарство треба да гради вредности, наместо да ги обновува, и дека тие вредности треба да се продуцираат, наместо да се репродуцираат.

Добредојдовте во министерството на вистината.

Борис Камчев е новинар и писател, неговата книга Русија на Путин: Записи од опачината на светот, неодамна излезе во издание на Темплум