Новите диктатори: Владеење со дезинформирање

08.07.2015 10:31
Новите диктатори: Владеење со дезинформирање

Кутрите пропагандисти! Во 20 век беше многу полесно да се контролираат срцата и мислите на луѓето од авторитарните земји. Со сите домашни медиуми, можеше да се управува од владината канцеларија, а странските медиуми можеа да се блокираат. Границите беа затворени, а вашето население не можеше да ги види успесите на некој сопернички систем. Имавте јасен наратив со барем теоретски примамлива визија за социјална правда или национална супериорност, доволно силен за да одолее на заводливата либерална демократија и на капитализмот. Сите што размислуваа поинаку можеа да се изолираат, да се замолчат или да се потиснат.

Тоа беа спокојните денови од периодот што Кинезите го нарекуваат „обработка на мислите“, а Советите го нарекуваа „инженеринг на човечките души“. И до неодамна, се чинеше дека тие денови завршиле засекогаш. Со денешните паметни телефони и лаптопи, секој граѓанин може да биде свој сопствен медиумски центар. Границите се поотворени. Западот и неговите филмови, автомобили и веб-пребарувачи се навлезени речиси насекаде. Сите режими експериментираат барем со некоја верзија на капитализмот, што теоретски значи дека сега сите имаат нешто заедничко, повеќе од порано.

Но, делчињата во оваа публикација раскажуваат поинаква приказна. Неоавторитарните, „хибридни“ и нелиберални демократски режими во земји како што се Венецуела, Турција, Кина, Сирија и Русија не се откажале од пропагандата, туку пронашле сосема нови начини за нејзино спроведување. Голем дел од нив ги користат технологиите измислени во демократскиот свет. Зошто да се борите против информатичката доба и глобализацијата кога, всушност, може да ги искористите?

Често, техниките се прилично суптилни. Анализирајќи ја цензурата во реално време на 1.382 кинески веб-локации во текот на првата половина на 2011 година – вкупно 11.382.221 објави – истражувачите од Универзитетот „Харвард“ открија дека владините пропагандисти, всушност, го толерирале критикувањето на политичарите и на политиките. Но, тие веднаш цензурирале секакви обиди за организирање колективни протести, вклучувајќи и некои протести што не биле критички настроени, конкретно кон режимот. На пример, еден од настаните што беа во голема мера цензуриран, имаше цел да ги нагласи стравувањата дека нуклеарното загадување од Јапонија би можело да стигне до Кина.

Оваа анализа јасно стави до знаење дека приоритетот на владата не е да се спречи секаква критика, туку да го поткопа потенцијалот на општеството за сопствено организирање протести. „Кинескиот народ е поединечно слободен, но колективно е окован“, се заклучува во студијата на „Харвард“. Всушност, интернетот се покажа како корисна алатка за контрола: им дозволува на луѓето „да се ослободат од гневот“, а на владата ѝ обезбедува барометар за мерење на јавното мислење.

Изборите, исто така, може да послужат како режимска алатка. Како што раскажува венецуелскиот новинар Даниел Ленсберг-Родригез, Хуго Чавез толку често организираше избори што опозицијата, на којашто ѝ недостигаше истото ниво на финансирање и пристап до медиумите, никогаш немаше реални шанси за натпревар. Чавез, во просек, имаше околу 40 часа директен простор во медиумите неделно, вклучувајќи го и неговото сопствено шоу „Ало претседателе“ (Aló Presidente), кое се емитуваше секоја недела онолку часа колку што му беа потребни на Чавез. Во шоуто беше дозволено Чавез да ги споделува своите ставови за сè, од бејзбол до Џорџ Буш; да одговара на телефонски повици од жителите; да раскажува анегдоти, да отпушта министри, да најавува почетоци на војни или да запее. Светски познати личности како Наоми Кемпбел, Дени Гловер и Шон Пен се појавуваа во шоуто, кои со својата моќ на ѕвезди го зајакнуваа брендот на Чавез за постојана социјалистичка револуција.

Во меѓувреме, Чавез и неговиот наследник, Мадуро, ја „прикриваа цензурата под невидлив превез“ за да ги замолчат несогласувањата. Наместо да ги затвораат критичките медиуми, тие само правеа овие медиуми да пропаднат. „Прво“, пишува Ленсберг-Родригез, „медиумите беа регулирани за да станат економски неконкурентни: еден весник, на пример, можеше да не добие поволен девизен курс за увоз на хартија за печатење; радиодифузер можеше редовно да добива казни за лажни обвиненија за клевета или непристојност. Второ, откако компанијата ќе почнеше да пропаѓа, одредена корпорација – марионета, чијшто сопственик понекогаш беше анонимен, мистериозно се појавуваше и нудеше да ја откупи, често за пристојна цена. Трето, и покрај првичните гаранции дека редакцијата ќе остане неизменета, новото раководство наскоро почнуваше да ги отпушта вработените и да ги менува темите за коишто известува, додека пораката што ја пренесува медиумот стануваше идентична со оптимистичките ставови на владејачката партија“.

Слична формула беше применета во Турција, каде Реџеп Таип Ердоган, исто така, успеа вешто да го интегрира стариот пријател – капитализмот во своето авторитарно управување со медиумите. Како што пренесува Бериван Орукоглу, компаниите чиишто медиумски бизниси се наклонети кон владата, добиваат солидни државни договори во други сектори. Компаниите чиишто медиуми се критички настроени кон владата, губат на владините тендери и стануваат мета на даночни истраги.

Противниците тешко можат да ѝ се спротивстават на оваа нова пропаганда, особено затоа што контранаративот стана уште поприкриен. Во 20 век, демократскиот капитализам на Западот имаше моќен одговор за советскиот тоталитаризам: слободни пазари, слободна култура и слободна политика. „Мерцедесот“, трговското банкарство, рокенролот и парламентот беа попривлечни од „ладата“, петгодишниот план, хорот на Црвената армија или Политбирото. Но, денешните неодиктатори нудат нова зделка: може да имате животен стил како на Западот – сите германски автомобили, реални шоуа, гости како Наоми Кемпбел и „блу-чип акции“, но да немате ниту една од политичките слободи на Западот, презирајќи го Западот.

Особено бизарен пример за ова се руските „Ноќни волци“ – припадници на моторџиската група „Ангели на пеколот“ поддржани од Кремљ, кои имаа суштинска улога за анексијата на Крим. „Ноќните волци“ имаат „кул“ западен стил, возат мотори „харли дејвидсон“ и организираат огромни концерти со германски хевиметал-групи. Но, истовремено, ги величаат Сталин и Путин и отворено повикуваат на воскреснување на Руската Империја. Слично на ова, Гери Ронсли опишува како кинеските пропагандисти, помалку шарени, но еднакво постојани во нивниот пристап кон идеологијата, „намерно испраќаат контрадикторни пораки“. Денешната кинеска „комунистичка“ партија е поборник за културната револуција и за Конфучие и ги фали акциите и уделите на Шангај заедно со маоистичките песни.

Јасно е дека едноставната индоктринација не е единствената цел. Во една студија од 2014 година, Хаифенг Хуанг од Универзитетот „Калифорнија“ ги разгледа политичките ставови на студентите во еден од „клучните државни универзитети“ на Кина (што се чуваат анонимни од безбедносни причини). Анализирајќи 1.250 одговори, истражувањето на Хуанг покажа дека иако студентите што посетуваат пропагандистички курсеви можеби не сметаат дека владата е „добра“, тие сепак сметаат дека е „силна“. „Доволно количество пропаганда може да послужи за да се демонстрира силата на режимот во одржувањето на контролата врз општеството и политичкиот поредок“, тврди Хуанг. Тој ја нарекува оваа пропаганда еден вид „сигнализација“ наместо „индоктринација“: поентата е да се заплаши, а не да се убеди некој со идеолошка порака.

Нешто слично на ова функционира и во Сирија. Во нејзината студија „Нејаснотиите на доминацијата“, Лиза Виден се обидува да разбере зошто Сиријците што живееле под власта на Хафез ал-Асад во 1990 година би ги повториле некои од очигледно апсурдните тврдења на режимот, на пример, дека Асад бил „најдобриот фармацевт“ во земјата. Виден заклучи дека невистинитоста била поентата: „Моќта на режимот опстојува благодарение на неговата способност да наметнува национални фикции и да ги натера луѓето да го кажат и прават она што инаку не би го кажале или направиле. Оваа послушност ги прави луѓето соучесници; ги вплеткува во само-спроведување односи на доминација“. Според Абигејл Филдинг-Смит, Башар ал-Асад, наследникот на Хафез, сега се обидува повторно да го наметне овој модел на соучесништво. Револуцијата против Башар почна во февруари 2011 година, кога тинејџери нацртаа слогани за Арапската пролет на ѕид во градот Дераа. Реакцијата на безбедносните служби – апсењето и тортурата на тинејџерите – се чинеше екстремна. Но, истата произлезе од логиката на режимот, која бара од граѓаните да ја покажат нивната лажна лојалност, колку и да е таа апсурдна. Секое прекршување на оваа норма претставува исклучително субверзивна појава.

Денес, официјалната сириска телевизија продолжува да прикажува неверојатно позитивни приказни за напредокот на земјата, иако сите знаат за разорувачката граѓанска војна преку пријатели и роднини на фронтот или од многубројните алтернативни медиумски извори, сателитски и на интернет. Но, овој факт воопшто не му пречи на режимот. Како што објаснува Филдинг-Смит, во септември 2011 година сириската телевизија се обиде да ги поткопа емитувањата на „Ал Џезира“ од протестите во сириските градови, тврдејќи дека Катар изградил реплики од нивните главни плоштади во природна големина за да исценира лажни протести на тие места, кои потоа биле, наводно, снимани од француски, американски и од израелски режисери. Целта, според еден сириски новинар, не е луѓето да се убедат дека оваа бизарна приказна е вистинита: „Целта е луѓето да се збунат“, за да им биде тешко да сфатат што е вистина, а што лага.

Асад не е сам во ова. Многумина од новите диктатори сфатија дека во 21 век информациите не треба постојано да се цензурираат, а и дека во секој случај тоа е невозможно. Но, може да се создадат доволно дезинформации за да се расипе медиумскиот простор и да се спречи луѓето да сфатат што се случува. Во Турција, Ердоган создаде ескадрон од десетици илјади роботи на „Твитер“ што сеат теории за заговор. Кинезите ја имаат таканаречената „Партија за 50 центи“ – интернет-писари што добиваат по 50 центи за секој прорежимски коментар што го објавуваат. Кремљ користи „фабрики со тролови“ за да објавува содржини за поддршка на Кремљ и да ги клевети критичарите во Русија и во странство.

Што е резултатот од тоа? На пример, Балтикот, со нивните големи етнички руски малцинства изложени на радикално различни реалности преку локалните медиуми и медиумите во Кремљ. Етничките Руси кои живеат во земјата, а коишто гледаат и естонски канали и канали од Кремљ, на крајот не им веруваат ни на двете страни и се мачат да оформат мислење. Ако ништо друго, руската публика од Балтикот е понаклонета кон изворите од Кремљ затоа што тие се поемотивни и позабавни, нудејќи им фантазии, на пример, измислени приказни за руски деца распнати од украински милитанти. Испитаниците од фокус-групите во етничката руска публика во Латвија рекоа дека вестите на рускиот телевизиски канал се „емотивно привлечни, бидејќи некои вести ги гледате како да се возбудлив филм. Не верувате во филмот, но со задоволство го гледате“.

Со други зборови, ако има конкуренција меѓу различните верзии на реалноста, верзијата што е помалку ограничена од вистината има поголема веројатност да победи. Но, ако ова е точно, тогаш се поткопува целата премиса на либералните медиуми. Ние долго време сметавме дека повеќе информации значат подобри одлуки и подобра демократија. Но, тоа не може да биде така доколку сме затрупани со лавина од дезинформации. Алармантно е што овој проблем го гледаме во целиот свет, а не само во САД, каде што различните страни на политичкиот спектар почнаа да се делат во одвоени реалности и каде што станаа честа појава дезинформациите како таа за реформата во здравството на Демократите со којашто ќе се формираат „жири-комисии за смрт“ во однос на лекувањето на старите лица или, пак, дезинформацијата дека претседателот Обама е роден надвор од САД.

Трудовите собрани овде се навистина издржани: денешните автократи, „нелиберални демократи“ и нивните пропагандисти научија како да ги користат појавите што претходно се поврзуваа со демократијата – изборите, интернетот, печатот, пазарот – за да ги поткопаат слободите. Тие научија како да ја нарушат моќта на либералната демократија со постојаниот подривачки третман со идеологијата. И тие го прават тоа користејќи ги технологиите и парите на Западот. Додека ЕУ и Владата на САД упатуваат критики за бројот на дезинформации, агресија и за сеење информации за војни од ТВ-каналите од Кремљ, треба да се има предвид дека голем дел од овие мрежи опстојуваат благодарение на приходите токму од рекламите на Западот.

________________________________________
Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Извор: http://proverkanafakti.mk/

ОкоБоли главаВицФото