Европски земјотрес

26.05.2014 14:27
Европски земјотрес

Гледано од Берлин, сѐ е во најдобар ред. Сите освен FDP имаат причина за славење. Партиската понуда не може да биде постабилна: конзервативците победија, а потоа доаѓаат социјалдемократите...

Така е барем во Германија. Меѓутоа, европските избори ги потресоа од темел националните партиски системи ширум Европа. Метеорскиот подем на UKIP во Велика Британија, триумфот на Националниот фронт во Франција, масовната загуба на поддршката на конзервативците и социјалистите во Шпанија, подемот на Сириза во Грција. Многу европски земји синоќа доживеаја трауматичен изборен земјотрес.

Коментаторите се тешат дека на крајот „антиевропејците“ ќе освојат само 20 отсто од гласовите, па тоа значи дека 80 отсто се за Европа. Секогаш можеме да ја разубавуваме стварноста, старноста на распарчените партиски системи во која луѓето како Марина Ле Пен и Најџел Фараџ сметаат на победа.

Германија пред сите би требало да ја забележи оваа нова стварност. Економијата закрепнува, еврокризата (барем привремено) е „надмината“, благодарение на германскиот диктат во берлински стил повеќето граѓани на Германија се задоволни баш како и нивните политичари, но со неверица почнуваат да сфаќаат дека во сите други земји овие избори беа избори на натрупан бес и незадоволство.

До душа, со различни исходи од земја до земја. Забележливо е дека подемот на десничарските популисти не е врзан за земјите од југот на Европа, најтешко погодени од кризата.

FPÖ во Австрија, народната партија во Данска, UKIP во Велика Британија, Националниот фронт во Франција - остварија значајни резултати во земји кои поминаа далеку подобро во еврокризата во споредба со југот на Европа. Тие сметаа на гласачите кои сакаат да се дистанцираат од Европа и веруваат дека ќе го постигнат тоа гласајќи крајно десно против „имигрантите“, „паразитите“ и Европа, а за враќање на националниот „суверенитет“.

Ситуацијата е сосема поинаква во јужна Европа. Иако многумина во Германија не го разбираат тоа, гласањето против Европа не е исто што и гласање против политиката за штедење на Ангела Меркел.

Интересно е тоа што во Грција нацистите од Златна зора останаа на десет отсто поддршка, додека повеќето незадоволни својата доверба ѝ ја подарија на левичарската Сириза. Слично беше и во Италија, каде гласачите ги отфрлија десничарско-популистичките понуди на разните антиевропски партии и масовно гласаа за Бепе Грило и неговото Движење со пет ѕвезди, чиишто поддржувачи бараат политички пресврт, но не и напуштање на ЕУ. Во Шпанија и Португалија крајната десница исто така е маргинализирана. Врз основа на сето тоа можеме да кажеме дека југот на континентот покажа далеку поголема демократска зрелост од северот.

Интересно е и тоа што на овие избори првпат има обид традиционалниот начин на водење кампања да се пренесе на европско ниво, па најголемите коалиции во европскиот парламент настапија со кандидати за местото претседател на Европската комисија. Иако динамиката се разликува од земја до земја, исходот од овие избори на крајот би можел да биде ист - или секаде ќе добиеме голема коалиција или умерено конзервативните сили ќе ѝ се додворуваат на крајната десница.

Европа може да ги реши овие проблеми под услов во Германија да дојде до сериозна анализа на изборните резултати. Во спротивно, постои опасност во политиката да се случи она што веќе се случи во економијата - продлабочување на јазот помеѓу самозадоволната Германија и незадоволниот остаток на континентот.

Извор: TAZ, 26.05.2014.