Екстремно тестирање

05.06.2014 08:52
Екстремно тестирање

Пред два дена, во инбоксот на Фејсбук, ми стасува следнава порака: господине Героски, дали може да ви поставам две-три прашања? Повелете, му одговарам на мојот виртуелен пријател, кого не го познавам лично, а веќе страхувам дека ќе морам да објаснувам нешто за бојкотот на парламентот, за препораката или за спорот за името.

Дали знаете, прашува човекот, кој бил генералот на Александар Македонски, кој бил наречен „стратег на Европа“? Од каде потекнува името Египет? Кој го напишал епот „Енеида“? Имате 15 секунди за одговор и уште сто такви прашања! Ова се прашања за екстерното тестирање за шесто одделение, чии одговори, како што вели пријателот, ги нема никаде во учебниците.

Поминуваат 15 секунди, а јас имам само бледа идеја за тоа кој би можел да биде авторот на „Енеида“. За да не си ги расипувам петките, си молчам. Пријателот ми ги дава одговорите според редоследот на прашањата: Антипатар, храмот Хут-Ка-Птах во Мемфис (во грчки превод: Аи-ги-птос) и Вергилиј. Одговорите ги барал со часови на интернет. За да не му страда детето...

Слушајте бе, билмези од Министерството за образование, да ви го опне тој Антипатар, имате ли вие навистина грам мозок во тоа главите? Па ова ли треба да го научи десетгодишно дете? Од една страна вакви прашања, ко за Квискотека, од друга страна оние малоумни прашања, кои со денови служат за потсмев и забава на социјалните мрежи. Каква е смислата на ова екстремно тестирање, кое вие го нарекувате екстерно? До кога ќе се глупирате и ќе си го терате инаетот?

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња