Радикалното реформирање на образованието е една од најважните задачи на идна демократска Македонија

05.06.2015 02:27
Радикалното реформирање на образованието е една од најважните задачи на идна демократска Македонија

Бидејќи сум вџашен од екстерното и тоа не е никаква новина, но и од генералната состојба на образованието што им се нуди на младите, сакам да потенцирам дека токму радикалното реформирање на образованието е една од најважните задачи на некоја си идна и демократска Македонија.

Видовме преку студентите и средношколците, но и преку голем број совесни и критички настроени професори и родители, колкава е вредноста на граѓаните и луѓето кои не дозволуваат пасивно да ги прифаќаат наметнатите одлуки на власта, уште помалку да прифатат диктати од еден недемократски режим.

Значи, што беше клучот во нивниот отпор?! Клучно беше критичкото промислување на нештата. И токму во тој дух треба да се реформира образованието во иднина.

Духот на критичкото промислување на нештата пред сè претпоставува слободно размислување, нешто што би изградило капацитети кои би ја ставиле во криза легитимноста на секој оној кој се повикува на аргументите на кој било постоечки авторитет или на веќе наметнатите стереотипи во општеството.

Критичката мисла мора да се развива како слободна мисла, а тоa e затоа што претпоставките и аргументите кои владеат се легитимирани од механизми на моќ, кои лесно може да го покорат разумот. Фуко уште одамна предупредуваше дека вистината е производ на односи на моќ, и кој ја има моќта ја стабилира и вистината. Само млади луѓе, опремени со критички дух, можат да ги нагризаат позициите на моќта и, што би рекол Кант, така да промовираат излез од малцинството.

 

Проблемот е што слободното и критичкото промислување не се стекнува преку модели, преку рамки, специјални курсеви, протоколи или алгоритми, туку бара сфаќање дека образованието на младите не е само учење и стекнување информации, туку ментално градење на повеќе нивоа. Тоа не може формално да се наметне, туку треба да дише, да биде вградено како отворен пристап во целокупниот образовен систем.

Затоа, ставовите и аргументите од типот проверка на знаењето со идиотски тестови, или математиката е важна за мозокот, се моронски тези кои не го разбираат или земаат предвид целокупното ментално градење на младиот човек, целиот формативен процес, било педагошки или дидактички, психолошки, логички, филозофски или чисто културен.

Ако сакаме да имаме слободно и демократско општество, мора да имаме такво школство. Школство каде владее слободата на сомнежот и критиката. Не школство каде владеат вертикали и хиерархии, каде власта ќе наметнува и инструментализира. Училиштето треба да е првата заедница на слободни промислувачи и фактички првата и основна демократска заедница.

Менталната формација на младиот човек заедно со научен и лаичен пристап е нераздвоен дел од градењето на демократскиот дух. Школството кое би градело критички дух и однос кон нештата е школство кое гради демократско однесување. Училиштето кое би ги интегрирало во формацијата на младиот човек критичкиот дух и духот на демократијата, всушност би ја изградило нашата критичка и демократска заедница.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Винслоу Хомер