Писмо од ученик: екстерното тестирање е психолошко малтретирање!

12.06.2016 11:57
Писмо од ученик: екстерното тестирање е психолошко малтретирање!

Почитуван Министре, ова писмо не би можело да се каже дека е упатено само кон Вас, туку и кон Вашите колеги кои претходно ја извршувале Вашата функција. Го пишува ученик во средно образование, кој од почетокот кога се воведе екстерното тестирање е директно инволвиран во истото. Сега, кога годинешното тестирање дојде при крај, решив да ги сумирам сите досегашни искуства и истите да ги приложам во ова писмо и да го дадам својот критички став.

Целта на воведување на екстерното, или како што многумина го нарекуваат – екстремното тестирање, беше подобрување на образовниот процес во земјата. Од моја гледна точка, во овие неколку години видов сè, само не подобрување на образованието.

Како прво, ќе започнам со генерална анализа на целокупниот процес. Прашањата и одговорите. Дали воопшто би требало да се дискутира за ова? Како може толку стручни лица да прават толку многу грешки во пишувањето на прашањата? Мноштво лошо формулирани прашања и неадекватни одговори. Толку многу граматички грешки, што за некои предмети може многу да значат, Еден предлог до вас Министре: да воведете екстерно и за експертскиот тим кој ги составува прашањата? Хм, не би било лошо?

Е сега, да се префрлам на тоа што Вие го сметавте за најголема причина за воведување на екстерното. Необјективноста на професорите. Корумпирани професори. Зголемување на бројот на ученици со просек од 5,00. Само за ваша информација, јас лично сум ученик со просек 5.00 од оценките од професорите, исклучиво само со труд ги имам заработено истите и знам колку е тешко да го задржиш тој просек. Во ред, можеби има корумпирани професори. Но дали Вие навистина сметате дека можеш да ги имаш сите одлични оценки, кај сите 14 професори (не е возможно сите да се корумпирани) без воопшто да се вложи труд? Извинете, но вашите констатации за причината за воведувањето на екстерното воопшто не се логични ниту пак се совпаѓаат.

Објавување на прашањата еден месец пред екстерното - уште една небулоза. Прашања, кои дури и ученик со многу ниска оценка може да ги научи и да добие висока оценка. И вие тоа го сметате за објективно оценување? И на тој основ ги казнувате професорите? Од друга страна, пак, од лично искуство зборувам дека и во случај да си одличен ученик во текот на целата година по предметот по кој си тестиран, на тие квиз-прашања не можеш да добиеш одлична оценка доколку не си ги учел истите (секоја чест на исклучоците). И како можеш да согледаш нечија обејктивност на тест со однапред познати прашања? Многу нелогично. Ова јас во никој случај не би го нарекла ОБЈЕКТИВНОСТ.

И сега, можете ли да ми објасните, како вашето екстерно оценување е обејктивно? Само еден факт, само еден би бил доволен. Но, сигурна сум дека не би можеле да го дадете. И која е вашата цел? Да ни го расипете успехот? Секоја чест, успеавте во тоа, барем кога станува збор за мене лично, а верувам и на многумина други. Да нè истрауматизирате и психолошки да нè малтретирате? Секоја чест, успеавте и во тоа, лично познавам ученици кои завршиле дури и во болница поради сиот тој стрес, колку и да звучи вака невистинито. И уште, која рековте дека е вашата најважна цел? Да го подобрите образованието? На кој начин оваа нефункционална реформа влијае врз образованието? Таа прави само поголема штета врз образовниот процес, а во никој случај не го подобрува.

Извор: Факултети.мк

Слика: Chanta

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото