Дали новиот Закон за високо образование (масовно) се изигрува?

13.06.2015 13:37
Дали новиот Закон за високо образование (масовно) се изигрува?

 

Законот за високо образование уште при донесувањето предизвика големи распрaвии. Тој беше причина за масовните студентски, а подоцна и за професорските протести, преку Студентски пленум, односно Професорски пленум. Како последица на овие протести, законот набргу доживеа измени и дополненија, но некои негови одредби, како на пример одредбите што се однесуваат на изборот на професорите во звањето редовен професор, одредбите за начинот и постапката за стекнување докторати, почнаа веднаш да се применуваат.

Претставниците на Владата на РМ, односно МОН, објаснија дека овој закон се донесува со цел да се зголеми квалитетот во високото образование. Патем, тоа е признание дека квалитетот во високото образование е драстично опаднат, нешто за што во академските кругови одамна се зборува. Значи, со цел да се подобри квалитетот, со овој закон се предвиде да се заострат критериумите при изборот на наставници, односно критериумите за стекнување докторат. Покрај другото, со законот е предвидено кандидатот да има објавено барем еден труд во списание со импакт фактор, индексирано во Web of Science (WoS), односно таков труд при изборот на наставникот во звањето редовен професор.

По сè изгледа, веднаш по донесувањето на овој закон, почнаа да се бараат начини тој да се изигра.

Еден начин законот да се изигра е објавување на трудови во списанија што соопштуваат интерен фактор, како на пример global impact factor или universal impact factor и сл., за да го означат, наводно, нивното влијание, а не impact factor, како што е предвидено со законот, заснован на Thomson Reuters’s Web os Science. Накратко, место да се изнесуваат податоци за цитираност на списанието според Web os Science, се изнесуваат лажирани, локални, интерни податоци, односно самореклами на списанието.

За да не се рече дека измислувам и неоправдано критикувам, ќе дадам еден пример.

Кога работата врз докторската дисертација ќе дојде во завршна фаза, дисертацијата не се дава на оцена пред комисија без тврдење и гаранција од менторот дека кандидатот има објавено барем еден труд во списание со импакт фактор.

Во билтенот на УКИМ, број 1099, од 30 април 2015 година, стр. 479-484, е објавен Реферат за оцена на докторска дисертација. Докторатот е високо оценет. Како поткрепа на тоа, а и како потврда дека дисертацијата е квалитетно изработена, како и за да се задоволат законските барања, на крајот на рефератот е даден посебен поднаслов кој гласи: ИСПОЛНЕТОСТ НА ЗАКОНСКИТЕ УСЛОВИ ЗА ОДБРАНА НА ТРУДОТ, во кој се дадени докази во форма на библиографски податоци за трудовите на кандидатот објавени во списанија со импакт фактор (наслов на трудот, име на списанието, година на издавање, волумен, страници). Еве што пишува во рецензијата: Кандидатката, пред одбраната на докторскиот труд, ги објавила во меѓународни научни списанија со импакт-фактор (подвлеченото е мое) следниве рецензирани истражувачки трудови... Во конкретниов случај наведени се два труда (еден труд како прв автор и еден труд како втор автор) кои кандидатката ги објавила во списанието International Journal of Cognitive Research in Science, Engineering and Education (IJCRSEE). Vol. 2, Issue.2, December 2014, ISSN 2334-847X.

Но, податокот изнесен од менторот не е точен, тој е лажиран. Проблемот е во тоа што ова списание не е списание со импакт фактор. Како поткрепа на ова мое тврдење, ги наведувам следниве докази:

- Списанието International Journal of Cognitive Research in Science, Engineering and Education (IJCRSEE), не е индексирано во Web of Science, како што се бара со Законот;
- Истото списание не е индексирано во SCOPUS (SCOPUS се смета за европска верзија на Web of Science);
- Списанието не е индексирано во EBSCO, база на податоци што е препорачана од МОН;
- Списанието не е индексирано ни во EMERALD, база на податоци, што, исто така е препорачана од МОН.

Списанието International Journal of Cognitive Research in Science, Engineering and Education (IJCRSEE) е српско списание. Во Србија излегува Serbian Citation Indeks (Scindeks) на англиски јазик, затоа што е наменет за меѓународна употреба. SCIndeks е развиен и одржуван од Centre for Evaluation in Education and Science (CEON/CEES). Во овој индекс се опфатени сите српски списанија што имаат научен карактер. Изворно, текстот гласи вака: SCIndeks is covering locally published journals classified as publications of scientific character. Под буквата „И“ се наведени шест списанија и тоа:

Industrija
Info M
Inovacije u nastavi - časopis za savremenu nastavu
Inspirium
Istraživanja u defektologiji
Istraživanja u pedagogiji

Списанието International Journal of Cognitive Research in Science, Engineering and Education (IJCRSEE) го нема на овој список. Значи, и на локално ниво е оценето дека ова списание нема научен карактер.

Сиве овие мои тврдења може да се лесно да се проверат за 3-4 минути.

Сосема е можно, онака како што врз основа на трудови објавени во списанија што соопштуваат интерен, произволен податок за цитираноста, а не податок за цитираноста заснован на импакт фактор од Web os Science, како што е предвидено со законот за ВО, така е можно не само да се даваат докторати, туку и да се доделува акредитација за менторство и да се бираат редовни професори. Дали е започнат процесот на масовно изигрување на ЗВО?

МОН, кое што толку многу инсистира на подобрување на квалитетот во високото образование, премолчено, го одобрува изигрувањето на Законот. Тоа го заклучувам врз основа на фактот што МОН не реагира на неговото очигледно изигрување.

Откако овој закон стапи на сила, квалитетот на докторските дисертации, а и квалитетот на трудовите со кои се стекнува професура, посебно во општествените науки, е паднат како никогаш до сега.

Скулптури на сликите: Guy Laramee