Македонија во сенка

09.06.2014 09:25
Македонија во сенка

Премиерот Никола Груевски најави дека е можно неговата владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ да направи влада во сенка, бидејќи не верува дека СДСМ е способна за такво нешто. Тоа, како што рече, „би било многу невообичаено, но со вакви опозиционери, можеби ќе биде потребно“.

Со ваква власт ништо веќе не е невообичаено, напротив. Најмалку остварувањето и на најапсурдните идеи. Откако е тој во зенитот, сѐ друго е во негова сенка. Сите официјални институции, почнувајќи од владата, парламентот, претседателот, полициските служби, медиумите и судовите до тие што вообичаено се сметаа за безначајни во одржувањето на власта. Македонија е држава во сенка или, поточно, сенка од држава, подземна конструкција, земја на сиви еминенции, дублери и фасади, во која никој не верува во тоа што го гледа на јавната сцена, што го чита во медиумите или го слуша во државничките говори. Сите се уверени - со право - дека зад тоа има некоја друга, валкана, игра, нечиј сѐ уште неоткриен личен интерес, дека некој од сенка ги диктира потезите и ги влече сите конци. И, што е поважно - односно пострашно - сите точно знаат и кој е и што е.

Оттаму, би било многу невообичаено од оваа власт да се очекува тоа што е најпотребно – каков било потег што ќе биде зрак на надеж дека Македонија и нејзините институции може да излезат од долгата сенката на нејзиниот апсолутен владетел. Зашто, тоа би значело дека тој е во залез.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња