Запрашајте се, гласачи

08.11.2016 03:27
Запрашајте се, гласачи

„Само запрашајте се за кого треба да гласам и што тој човек може да направи и да понуди за сопствениот народ и за сопствената држава.“ До ова упатство што го даде Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во обраќањето на конференцијата на Унијата на жени на партијата, треба да се придржуваат сите. Особено оние на кои им се обраќа тој, тие што решиле дека ќе гласаат за него и за неговата партија. Оние кои, според вмровското сфаќање на слободата на одлучување, ниту сами се прашуваат, ниту некој ги прашува за кого ќе го дадат својот глас. Едноставно им наредува. Не само кое бројче да го заокружат, туку и колку „истомисленици“ да донесат (врбуваат).

Таквите навистина не треба да прават ништо друго, само да се запрашаат: дали треба и понатаму да гласаат за некој што може да му направи вакво нешто на сопствениот народ. Десет години да го држи на егзистенцијален минимум - народски кажано, на работ на мизерија - додека тој договара милионски провизии, купува плацови на Водно за џабалак и мерцедеси за баснословни суми, за прислушувањето на илјадници и да не зборуваме. Да се запрашаат дали да гласаат за некој што толку многу ја понижил, ја згазил државата (ја претворил во протекторат) како никој досега во своето владеење. За тоа што ја остави без луѓе - иселувањето никогаш не било помасовно - и да не зборуваме. Само нека се запрашаат...

Извор: Слободен печат
Слика: Александар Ковачевски