За новиот албум на Дејвид Албарн, „Everyday Robots“

11.06.2014 13:47
За новиот албум на Дејвид Албарн, „Everyday Robots“

Дејмон Албарн „Everyday Robots“
Parlophone, 2014

Damon Albarn, долгогодишен активен музичар и фронтмен на Blur, Gorillaz и на The Good, the Bad&the Queen го издаде и својот прв деби албум. „Everyday Robots“ е албум кој има 12 композиции, албум во кој се слуша една специфична целина претставена од Албарн во која на еден мирен, дури нежен и суптилен музички концепт ни се укажани проблемите, недостатоците, деструктивните елементи на нашето глобално-локално секојдневие. Креативноста на албумот ја надополнуваат Брајан Ино и Наташа Кан. Исто така, гостува и хорот од родниот крај на Албарн The Leytonstone City Mission Choir. Албумот е исполнет со електро-поп, фолк поп, трип-хоп, соул и госпел влијанија, а главни теми во текстовите на песните се отуѓеноста меѓу луѓето и односот на луѓето спрема одредени важни животни компоненти. Албумот содржи и автобиографски моменти од животот на Албарн пред сѐ поврзани со кризните години на зависност.

Како вовед во првата композиција која го носи името на насловот на албумот има фрагмент од говор на англискиот комичар Лорд Бакли. И во еден лежерен стил на претставување на посериозни теми или проблеми, стил кој го има и во филмовите на Били Вајлдер, започнува приказната со стиховите дека ние сме роботи со нашите телефони додека секојдневно се враќаме од работа. И самиот омот ја надополнува главната содржина на албумот, замислениот Албарн седнат на едно столче со наведната глава опкружен со сива позадина. Пред двете повпечатливи композиции на албумот The Selfish Giant и Photographs има кратки инструментални премини кои се и вовед кон развојот на претходно споменатите. На средината на албумот е сместена прекрасната балада The Selfish Giant каде што Наташа Кан е придружен вокал, во рефренот Албарн пее дека е тешко да бидеш љубовник додека постојано се гледа во вклучениот телевизор. По оваа композиција следи најдолгата која трае седум минути, You and Me. Овде Брајан Ино е придружен вокал, а композицијата е составена од две приказни за личните кризи, но и нивно надминување. Завршната Heavy Seas of Love ја исполнуваат Албарн, Ино и хорот, и таа е најсветол момент.

Ова е албум кој може да нѐ одмори ако не обрнуваме многу внимание на текстовите, а може и да делува барем малку да го смениме нашето секојдневие во подобар правец.

Во тек е турнеја на Албарн во која е вклучен и фестивалот Егзит.

Неодамна во издание на Темплум излезе книгата на Јулијана Жабева Папазова „Популарна музика“. Извадок од книгата може да прочитате овде.