Приказни за сонцето (4)

14.06.2014 14:09
Приказни за сонцето (4)

Петко Домазетовски
Есенска настинка

Во шумата
студот коси
и настинка страшна
носи.

Ќе ви кажам
што ги стега
жителите шумски
сега.

Главата ја
лиса боли,
за совети
милно моли:
— Јас сум, ете,
умна глава,
но кажете
што да правам, —
веќе три дни
не сум спала,
ниту слатко
мевце јала.

Пајак рече:
— В студ се вијам,
каде, браќа,
да се скријам?
Падна лута
слана, бела,
ми замрзна
мрежа цела.

— Леле, леле, —
кука ќосе —
кијавица имам
в носе.
Кај ќе најдам
слатко чајче,
да се згреам
мило мајче.

Зајачето
бери душа:
— Грип ме фати,
боли гуша.
Редам само
топли крпи,
па повеќе
не се трпи.

Се склопчило
мало еже:
— Море, да не
падне снеже.
По снага ми
трпки минат
ио нозете
ми се кинат.

Медо има
мака тешка
го заболе
сета плешка.
— Страшно, рече,
зло ме најде,
од лекови
немам фајде.

Верверица
шепи шири
и не може
да се смири:

— Што ме најде —
мир да немам,
на гранките
често дремам.

Се пожали
тетка куна:
— Кај да најдам
топла гуна.
Дождот врне,
ветар вее,
тоа живот
веќе не е.

Сончко, златен,
им се смее,
прати зраци
да ги грее.

Бујна радост
в гора бликна,
браво, сончко,
секој викна.

Сè што беше
лошо пројде
и здравјето
пак им дојде.


Ефтим Клетников
Еднаш во една бајка

Еднаш во една бајка се заљубиле
два зрака, едниот сребрен, другиот злат.
Во честаците на планините го загубиле,
држејќи се за дланка, својот пат.

Сребрениот зрак бил Ќерката на Месечината,
а златниот - палавиот Сончев Син.
Се спровирале цел ден низ гранките, под синевината,
ги поздравувале џуџињата и шумскиот џин.

Пред залез од шумата низ градината поминале
и таму се венчале во една пурпурна ружа,
а Сонцето и Месечината, барајќи ги, се разминале
без да ги благословат и рака да си пружат.


Александар Кујунџиски
Брзоизговаралка

Од бело - побело, од побело - најбело?
Млеко!

Од сино - посино, од посино - најсино?
Синчец!

Од зелено - позелено, од позелено - најзелено?
Зеленика!

Од црно - поцрно, од поцрно - најцрно?
Мрак!

Од жолто - пожолто, од пожолто - најжолто?
Сонце!

Од црвено - поцрвено, од поцрвено - најцрвено?
Петокрака!

Слики: Arnold Lobel (насловна), Hilda Miloche (прасето), Hans Fischer (птицата во шума), Jean Berwick (детето), Leonard Everett Fischer (човекот воловска кола), David McKee (бродот)

ОкоБоли главаВицФото