Приказни за името (1)

22.05.2014 14:01
Приказни за името (1)

Бистрица Миркуловска
Сказна за името

Секој си има свое име -
и си го сака.
А јас, кога бев малечка,
поради името си имав мака:

на некои недругарки,
на некои недругари
им пречеше моето име;
го извикуваа, го превртуваа,
Матница - ме викаа;
а кога бев исплашена
дури и камења по мене
фрлаа...

А јас трчав,
бегав зазбивтана,
дома се засолнував -
небаре сипче залипано,
без здив,
скриена во некое ќоше
си се прашував:
- Кој ли е крив?
Мама и тато го сакаа
името мое;
кум и кума тие ми биле
и токму со тоа име
јас сум им ќеркичка мила.

Дете бев тогаш -
и не знаев насилство што е!
Исплашена не знаев како
да си го бранам името свое!

Измислував некакви чудесни зборови,
волшебници некакви, самовили горски,
седумте џуџиња, животинки шумски,
за да ми помогнат моето име
ко изворче бистро да блика,
да тече ко бистра река,
кон некое езеро бистро,
па таму да сретнам моменце мило -
што како мене се вика...
Двете да шетаме за раце фатени,
а бистрите езерски води
да блескаат пред нас
од сонце позлатени.


Александар Кујунџиски
Пресудувалка

Две дечиња,
Иле и Ели,
се фалеле
часови цели:

- Моето име е подобро!
- Е, не е твоето!
- Е, моето е подобро!
- Не твоето, туку моето!

Го прочитал Иле
неговото име
од наопаку,
чита: „Ели“.

Го прочитала Ели
нејзиното име
од наопаку,
чита „Иле“!

И пак се убедувале,
чие навистина е подобро име,
сè додека до нив не дошле
една Ана и еден Симе.

Нека пресуди некој од нив!
- Подобро е... моето име! - рече Ана. -
Исто се чита и од едната
и од другата страна.

Ги попари слана!
За жива смеа!
Кај ја најдоа за судија
токму - неа!

- Каков си, таков си,
не кажува ниедно име.
Важно е нешто друго... -
скромно заклучи Симе.


Бошко Смаќоски
Име

Се роди ждребе
душа млада -
нè фати сите
чудна радост.

Се роди ждребе
вино-боја,
одвај на своите
нозе стои.

„Нека се вика
Брза Стрела!“ -
мојот мал
брат вели.

Друг вели: „Виор!“
А трет: „Сокол!“
Сестра ми сака:
„Горски поток!“

Сал дедо молчи,
молчи, трае -
животот на прст
тој го знае!

Сеедно ти е
ждребе младо,
какво и име
да ти дадат.

Од него полза
не ќе видиш -
штом сепак само
коњ ќе бидеш!

Слики: Jiří Trnka

Сродни прилози

Приказни за сонцето (1)

Приказни за името (2)

ОкоБоли главаВицФото