1026 hPa
80 %
1 °C
Скопје - Пон, 20.01.2025 15:59
Име
Се роди ждребе
душа млада -
нè фати сите
чудна радост.
Се роди ждребе
вино-боја,
одвај на своите
нозе стои.
„Нека се вика
Брза Стрела!“ -
мојот мал
брат вели.
Друг вели: „Виор!“
А трет: „Сокол!“
Сестра ми сака:
„Горски поток!“
Сал дедо молчи,
молчи, трае -
животот на прст
тој го знае!
Сеедно ти е
ждребе младо,
какво и име
да ти дадат.
Од него полза
не ќе видиш -
штом сепак само
коњ ќе бидеш!
На крајот
Загар и зајак,
глеј, се гонат,
полека двата
в снегот тонат.
Зајакот бега -
чува душа,
загарот трча -
гладна гуша!
Снегот бел стана
пропаст црна:
во себе двата
тој ги згрна.
Загар и зајак -
скаска брза -
веќе во снегот
длабок мрзнат.
И тука гине
секоја трага:
кој беше зајак,
а кој загар?
Мачор еден
Мачор еден
многу вреден...
Не оти е само еден,
ни оти е многу вреден!
Тој е мачор без работа:
од сабота до сабота,
од недела до недела,
преде, преде, распредува
една иста кадела.
Мачор еден
многу вреден...
Не оти е само еден,
ни оти е многу вреден!...
Сепак,
сепак,
не е важно каква мрза
в себе криеш -
важно каков глас те бие!
Светна молња, удри гром
Светна молња, удри гром:
сред гората стори лом.
Впламна еден висок даб,
скрши еден јасен слаб.
На врапчето мало в лет
пердуви му скина пет.
Штурци стори каша - сос,
на комарец столчи нос.
А на еден бесен волк
му запали опаш долг.
„Но што ако падна гром? -
пее полжав в својот дом:
Јас си имам, дир-дир-дан,
на куќата громобран!“
Ешко војник
Војник пошол
Ешко мешко,
па му дале
копје тешко.
Тоа тешко,
Ешко мал -
да го гледаш -
ти е жал.
- Ха-ха-ха!
Се досетил
кутри Ешко:
в страна фрлил
копје тешко.
И без копје,
јунак мој,
застанало
во строј.
- Хо-хо-хо!
„Еј, копјето
кај е ваше?“ -
командантот
прашал страшен.
А Ешко
му рекол в час:
„Сто на грбов
носам јас!“
- Ха-ха-ха!
Слики: Brian Wildsmith
Од стихозбирките за деца: „Сликички и зборчиња“ (Култура, 1979) и „Додека роси“ (Кочо Рацин, 1963)
Бошко Смаќоски бил поет, раскажувач, романсиер, драмски писател. Роден е на 18 септември 1938 година во с. Модрич, Струшко. Починал 1998 година во Скопје. Завршил средно образование во Охрид. Работел како новинар во Македонското радио. Член на ДПМ од 1963 година. Автор е на книгите: Мајски ѕвончиња (поезија за деца, 1959), Додека роси (поезија за деца, 1962), Распродажба на остатоци од пролетта (поезија, 1963), Еден багрем и четири деца (лирски раскази за деца, 1964), Усвојување на дневниот ред (поезија, 1965), Големи и мали (роман за деца, 1966), Славејот ноќева во трендафили (поезија за млади, 1967), Всушност, се е убава балада (поезија, 1968), Влегување во Охрид (поезија, 1972), Корениште (роман, 1972), Крастава година (раскази, 1972), Цвеќе од деветтиот рид (роман за млади, 1972), Песни од Модрич (поезија, 1977), Сликички и зборчиња (позија за деца и млади, 1979), Како кога се откинува јаболко (роман за млади, 1982), Модричка тетратка (поезија и лирски записи за деца, 1982), Таа и татковината (поезија, 1983), Пладне во ридиштата (раскази, 1984), Облека на душата (роман, 1986), Преку две реки, преку три планини (роман, 1986), Полна месечина, Големи и мали (романи, 1986), Низ Зеленово, низ Руменово (поезија, 1986), Рими (поезија, 1987), Јулски дневник (роман за млади, 1989), Се подели село на црно и бело (гатанки, 1991), Животот занает најтежок (роман,1992), Димензиите на крстот (роман, 1992), Лето господово, лето ѓаволово (поезија, 1998). Автор е на повеќе радиодрами, радиокомедии, радиоигри за деца и на телевизиски драми. Добитник е на наградите" "РТВ Скопје", "Стале Попов", "Кочо Рацин", "Ванчо Николески", "Гораново пролеќе".