ПТИЧЈИ ПЕСНИ

29.08.2014 10:56
ПТИЧЈИ ПЕСНИ

Едно утро во честарот

Едно утро во честарот
се слушнала врева.
Пеење е или џева?
Славје или бунтување?
Можеби по земја летање?!
Не. Денес е час по сметање.
Само што денот изгреа ран
во честарот дојде гавранот вран.
Уранил, измил коса
и си испил чаша роса.
Облекол црн фрак,
поздравил мирно: квак!
Дигнал клун (ил нос),
горд, умен, црнокос,
и запрашал: два и два?

Стивна сета забава,
што ли овој задава?
Се замислил птичјиот свет.
И ете ја чавката: пет, пет, пет!
По неа и другите прекутрупа
гакаат, тупаат, трупаат тука, 
чурлика сета перјена група.
Крешталката крешти: шест!
Жолњата клука: четрррнаесет!
Клукајдрвецот клика: арно, ќе биде
Ластовицата тропа кому иде
и црцори: три, три, три!

Кон вревава од едно џбунче
се прудружи најнежно клунче.
Другите птици мислат: има ли штиче
некое во главата нежново птиче?
Четр! Четр! Цврцна малото
со умот, со алото.
А птиците велат: малово бае!
Но гавранот гракна: знае!

Птичурлијата зачурика:
откаде птичево
цуцуличево
да погоди: два и два?

Тогаш завика врабецот сив:
да живее птичо! Жив, жив, жив!


Два одговора

- Горска птичке, прашање прими,
те молам, кажи ми,
кога дождот паѓа,
како се снаоѓаш?

- Дождот кога лие,
мене лисјето ме крие,
дрвото е мој стан
и мој чадор сакан.
*
Речна рибо, прашање прими,
те молам, кажи ми,
дождот кога паѓа
дали тоа ти се допаѓа?

- Дождот кога лее
срцето ми се смее
оти ми дава тој настан
проширен стан!


Ластовичја телеграма

Во мојата улица телеграфските жици
Утрово ги окупирале ластовици.
Приоѓам полека, полека, сама,
И слушам - диктираат телеграма:

ЛАДНИВЕ ДОЖДОВНИ ЧОРБИ
НЕМА ДА ГИ СРКАМЕ СТОП
СПРЕМНИ НИ СЕ ПАТНИТЕ ТОРБИ СТОП
ЏАДЕ ДА ФАТИМЕ, ДА НЕ ИСПОЦРКАМЕ СТОП.


Разговор меѓу Шумарот и Клунарот

-Што правиш овде, другар Шумар?
-Ја чувам шумава, другар Клунар.

- Дали шумата ја чуваш од дожд
Или ветрот да не ја тресе?

- Ни од ветар ни од дожд,
Туку некој да не ја однесе.

- О, па зарем некој може да однесе
Вака цврсто всадени брези?

- Може секира да донесе,
Да ги исече и да ги одвезе.

- Тогаш чувај, другар Шумар.
- Секако ќе чувам, другар Клунар.


Сонцето заоѓа

Се чудат птиците, се чудат птиците:
исчезнало сонцето над жиците! 
Над земјата успеало да се извие -
каде ли се крие?
Знаете ли вие?
Знаете ли вие?

Јас го бев видела!
Јас!
Јас!
Јас!
Некаде преку гората беше брзало,
од што веројатно се истоштило
па во морето потем се нурнало
и - потонало...

Сега што ќе правиме? Што ќе правиме?
Како од морето сонцето ќе го извадиме?

Птиците тажни беа сите,
ги заборавија дури и песните.

Препев: П. Вулкански
Слики: Brian Wildsmith

Григор Витез (1911-1966) бил југословенски поет, писател за деца и преведувач. Се смета за зачетник на модерната хрватска и југословенска книжевност за деца. Пред Втората светска војна бил учител, а по Војната работел во Министерство за просвета и во издавачката куќа Младост. Главно пишувал поезија за деца. Ги издвојуваме збирките: Prepelica (1956), Sto vukova (1957), Kad bi drveće hodalo (1959), Jednog jutra u gaju, izbor (1961), Iza brda plava, izbor (1961), Hvatajte lopova (1964), Gdje priče rastu (1965) и Igra se nastavlja, посмртно (1967). Објавил и неколку поетски збирки за возрасни: Pjesme, Naoružane ruže, Povjerenje života и Kao lišće i trava. Преведувал од руски, француски и словенечки. Особено се ценети неговите преводи од руски. Исто така, сочуван е дел од неговата преписка со Пастернак, кого го преведувал. 

Стиховите за деца му се складни, лирични, музикални, често необични... Сликите и ситуациите во неговите песни исто така често се нетипични, нови, непредвидливи... Веќе со првите книги за деца Витез се издвоил од преовладувачката поезија на своите претходници и современици преполни со баналност и дидактичка досада. Неговите песни настануваат од длабочината на малото суштество кое допрва го осознава светот, низ игра на јазикот и фантазијата, зачуденоста и радоста. Поради иновативноста, креативноста, актуелноста и духовитоста Витез имал голем број читатели низ цела Југославија. Неговите песни за деца се преведени на речиси сите европски јазици.

Голем број градинки и основни училишта во Хрватска го носат неговото име.

Неговото име го носи и најважната и најстарата хрватска награда за писателите и ликовните уметници што создаваат за деца. Наградата е востановена 1967 година.

 

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото