Професии (3)

14.08.2014 13:38
Професии (3)

Столар

Столарот е творецот
на вратата и прозорецот,
на масата и столиците,
на орманот и полиците.
Како црв
вљубеник во дрвото е прв.
И кога не го совладува
тој не се досадува
бидејќи везден настојува
дрвото толку да го измазни
и штицата толку да ја сплеска
за во нејзе ликот да му блеска.
Ноќе сонува
слика што се повторува:
џиновски даб
во врата се претвора
па ширум се отвора;
тогаш во него влегуваат
денот, птицата и мравката -
а столарот ја завршил поправката.


Цвеќар

Кој на таа професија
ќе ѝ се посвети
цели букети
задоволство ќе сети
и веќе ќе нема
други приоритети.
Во пеперуга ќе се претвори
што се преобразува, цвета
и од цвет на цвет лета.
Со денови ќе реди
мириси и бои
гледајќи што до што
треба да стои.
Додека е светлина
цвеќарот е крај леите
на стазите.
Ноќе реди букети
и ги распоредува
во вазните.
Сега дожд, сега сонце
цвеќарот на цвеќето му дава.
Дванаесет месеци во годината
за цвеќето тој пролет создава.
За него денот
ретко е сив.
Собирајќи мириси
во боите си е жив.


Дрвосечач

Кога дрвосечач меѓу дрвја гази
на шумата срцето ѝ тропа
како на антилопа.

Штом некој пред него со секира застанува
во дрвото голема јанѕа настанува.

Кога дрвосечачи шумата ја напаѓаат
на дрвјата од гнездата јајцата им паѓаат.

За шумата најстрашни се моторните пили.
Дрвјата тогаш се исплашени до самите жили
(освен оние кои веќе се гнили).
На дрвата моторните пили не им се мили,
а дрвосечачите ги сметаат за имбецили
или за мрачни сили.

Кога ќе се засилат пилите
од шумата бегаат и самовилите.

А кога дрвосечачот ќе замине
едно шумско џуџе ќе доползи
до исечените дрва и ќе види:
на пенушките останале солзи.


Шумар

Шумарот ја има
шумата на дланка,
ја чита тој нејзе
како дете читанка.
Има зелена облека
и зелен сон довека.
Еленот што трева брсти
шумарот го довикува
со свиркање на прсти.
На шумските патеки,
крај ели, борови, смреки,
тој проверува дали
стеблата се во строј,
дали птиците се на број,
дали зимата има таман елени.
А инаку, зиме во шумата
само шумарите се зелени.


Бушач

Со моторна бушилица
непрекинато дупки буши
и затоа има затнати уши.
Понекогаш буши дупки,
понекаде дупченца,
но најчесто дупкишта.
Од тресењето на бушилицата
очите му се испапчени
како на жабиште.
Ако бушачот е пушач
работното место
му е мошне опасно, најчесто.
Кога со бушилицата скока
на некој отворен пат или друм
прашина тој голта ширум.
Некогаш дури и среде град
бушачот цел ден голта прашина и чад.
Затоа во деновите еднолични, исти,
тој в крчма оди грлото да го прочисти,
сето она што дење го голта
да проба го измие со некоја жолта.
Следниот ден пак од почеток
бушачот е со бушилицата во танцот коб.
Па буши, буши, додека не се сруши
и додека дупката не му стане гроб.

Кон првиот дел
Кон вториот дел

Илустрации: Ивица Антолчиќ
Препев: П. Вулкански

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото