Професии (1)

06.08.2014 13:36
Професии (1)

Пекар

Кога првиот пекар
го испекол првиот леб,
рекле: Ова е за еп!
Кога првиот пекар
го направил првото печиво,
повеќето рекле:
Ова е нешто неизречиво.
А се мислело дека е неизведиво,
дека е незамесиво и неиспечиво.
Кога првиот пекар
го направил првиот перек,
од радост вриснале децата:
Ова е страшно погодено!
Ова ко за нас да е родено!
Сите толку биле возбудени,
сите толку биле зачудени,
што заборавиле да го прашаат пекарот
како му е името.
А да знаевме кој првиот леб го замесил
споменик ќе имаше за таквиот придонес!
Да не беше скриен зад историските завеси
пред леботворецот луѓето ќе паѓаа во занеси!
Ќе учеа кога се родил,
кога проговорил, кога проодел
и како човештвото го препородил.

О, непознат леботворецу,
о чудесен стомакоборецу!
Мојата љубов кон твојата големина е неизлечива
и затоа секогаш ќе јадам леб, тестенини и печива.



Слаткар

Слаткарот во мојата улица
има доста фини манири:
и на кавал знае да свири.
Кога колачи не сервира
тој, значи, си свири,
можеби за да се смири?
Има јагоди со шлаг тој
и во кафето шлаг цел слој.
Има и бела крава
бело млеко што му дава,
и друга, црна, сосем здрава,
за кафето млеко што дава.
Тој прави и сладолед
со шлаг,
за шлагави деца.
Кај него можете
со шлагот да се смеете;
со шлагот слободно смеете
и брадата да си ја насапуните
или да се нашлагирате.

Кондуктер

Кондуктерот цел ден стои,
се провлекува низ турканицата.
Без да гледа ситнишот
со прсти го брои
и дупки буши, буши и буши
додека од умор не се сруши.
Еднаш кога си дојде дома
наместо добравечер
„Средина напред!“
рече.

Сообраќаец

Движењата му се
елегантни, лесни.
Ту ги пушта колите,
ту пешаците доблесни.
Ако се сврти кон некого,
тој во мигот е запрен строго
оти на сообраќаецот
(од страв да не се случи урнебес)
образите му поцрвенуваат од бес.
Дури кога во профил ќе ви дојде неговиот нос
и кога неговата фаца веќе не е црвена
завршува вашата состојба здрвена.
Ако некој е непослушен,
сообраќајот може да биде задушен;
затоа сообраќаецот станува намуртен
и кон прекршителот свртен;
за да ја поврати контролата
на возачот може да му ја земе дозволата.
Сообраќаецот не може
да матка и гледа низ прсти;
тој мора сите правци да ги надгледува
и дури и назадечки да умее да ѕирка!
Освен тоа, само во таа професија
по службена должност
се свирка.

Кројач

Додека кројачот крои,
тој стои;
тогаш кројачот е -
стојач.
Кога шие кројачот,
во главата му штрака
шево-бројачот;
та тој е бројач на шевови.
Ако кројачот распарува,
тој пцуе и искарува;
тогаш кројачот е
пцујач,
распарувач и
искарувач.
Тогаш е најдобро
да се собере робата
и да се одложи пробата.

Електричар

Кога некој ќе ја изучи
електричарската вештина,
по столб тогаш тој ползи
како пајак
и со птиците
живее по жиците.

И кога летните дни печат
електричарот речните води ги молзе
и ги пушта во сијалицата да течат.

Од мрачни дупки
собира светлински пупки
(кои личат на светилки).
Сонце вовлекува
во темни домови
и мракот го отсекува.

Звонимир Балог (1932) веројатно е најпознатиот хрватски писател за деца. Во педесетината години творештво напишал околу 60 книги за деца. Во животот работел многу различни професии: администратор, водоинсталатер, декоратер, наставник, предавач, уредник на списание, уредник на телевизија итн. Освен што е писател, тој е сликар, скулптор и илустратор. Повеќекратно е наградуван со најпознатите хрватски и југословенски книжевни награди.

Илустрации: Ивица Антолчиќ
Препев: П. Вулкански
Извор: Zvonimir Balog, Sto zanimanja, 1990.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото