Игуана во теретана

23.06.2020 12:16
Игуана во теретана

Илустрација: Aлексеј Костовски

Игуана во теретана

Беше есен рана,
гуштер од Топаана,
мина низ поле
со здрава храна.
Од полето,
на другата страна
место сива гуштерана,
блесна - зелена игуана,
од оние што ги

има кај Хавана.
Сега таа,

од своја страна,
сака-нејќе, мора
секој ден во теретана.
Склекови, тегови...
сѐ за спешл имиџана.
Што сѐ не прави,
на купишта справи,
да одржи мускулатура,
на грбот-ирокез фризура.
Од друга пак страна,
кој ја сретна оваа игуана:
"Е, ова ти се вика...
игуана, негувана."
А по стилот како таа оди,
нова порака вчас се роди:
"Ај, да ни е аирлија,
првиот гуштер кабадаија!"

Илустрација: Алексеј Костовски

Чудовиштата против короната

Некаде џенем, e-хе...
дури во Азија,
Братството за плашење
деца од земјата Фантазија,
итно ги свика,
Буууу - Советот за страшење и
Ааааа - Комисијата за плашење.

Прво дојде комби
и главниот зомби.
Секогаш строга,
еве ја и Баба Рога.
Дузина демони, тролови,
гноми, вештери грозни,
сите кој од кој амбициозни.
Ужас и страва,
а ги виде, барај
апче за глава.

Веднаш сите за
гуша се фатија
и страшни ломови
беа можни,
но, на време сфатија -
мора да се сложни.

Не им одеше в глава...
вирусче за час,
доживеа светска слава.
Стана славно, главно.
Како може на тоа типче,
до вчера, обично грипче,
просто како грав -
цел свет, оддеднаш,
му се тресе од страв!?
Никого од нив веќе не есапат,
и децата со нив се мајтапат.

На крај луто и бесно,
до заклучок дојдоа,
некако лесно:
“Не чекаме медицина
да најде вакцина,
здружени ко
чудовиште едно,
како што е редно,
на короната
-Бууу!... ќе ѝ вреснеме
и од земи ќе ја треснеме.
Кај да бега ќе нема,
веднаш ќе ја снема.“

Кога згрмеа дружно:
"Буууу!",
некој случајно се закашла:
"Кау, кау, кау... куууу!"
И летнаа, кутри да бегаат,
чудовиштата страшни,
да паднеш од страв, во кома,
за пет минути сите беа дома.Илустрација: Наташа Костовска

Дрво во бегство

Убаво едно дрво,

во еден двор,
живееше победно

од најбеден створ.
Вода само од дожд,
едноставно, стопанот

беше многу лош.
Еднаш, нешто без врска,

го изнервира,

му се доближува тој,

во раката - секира.
Дрвото гледа,

работава не е шега,
скутови вчас крена

и летна да бега.
И, ако видиш дрво,

поземи скутови да влече,
сигурно тоа е дрво,
кого газдата решил до го сече.

Па ќе си речеш,

зар таков хотел за птици,
да стане туку-така

купишта штици?
Никако. Ќе го прибереш

дрвото дома,
ко на гости да

каниш најубава мома.
Дај му вода, сонцето

само ќе го грее,
со ластари нови

секој ден ќе се смее.
А некое златно,

есенско пладне,
кога круша во скут

ненадејно ќе ти падне,
тоа ќе биде од него

мал, скромен дар,
радост што има

и стопан и другар.
Илустрација: Наташа Костовска

Тиги чита книги 

Тиги чита книги,

еурека!
Покрај река.
Убаво, нема збор,
но вистина е чиста,
велат сите в хор,
Тиги чита книга - иста.
„Книга за џунглата“,
беше наслов на книгата.
Чита и сѐ повеќе е збркан
за дедо му, тигрот Шир-Кан.
Каков само дриблинг,
на писателот Киплинг!?
Шир-Кан, лош лик?
Можно, ако тој, баш
на тигрите, имал пик.
Се чуди Тиги,
збунето чешка риги.
„Со дедо, секој ден,
возевме тротинет,
јадевме сладолед,
одевме на ракомет...“
Каков бол,
таков дедо да
прогласиш за зол?
И Тиги, кому вистината
му беше драга,
напиша книга
за Шир-Кан, без лага.
Главно беше, што не е фер
тој да се опише како лут ѕвер.
И така, книгата на Тиги,
преку ноќ стана бестселер.
А веќе не е и ретка глетка,
да видиш тигар, лав
или слон, како итаат,
оваа книга да ја читаат.

ОкоБоли главаВицФото