Купи ден помини

25.07.2014 09:27
Купи ден помини

1.

Уметничката практика, особено уметничката практика денес, е неверојатно комплексна работа. Низ неа ферментираат бројни виталистички и, се разбира, помалку виталистички енергии, низ неа пулсираат идеи но и ќорсокаци, таа творечка практика често е втемелена врз автохтони носечки столбови, но се случува да „виси“ и на несигурни пајажинести струни. Впрочем, и уметникот е само човек и на него влијаат сите секојдневни тривијални нешта, некаде повеќе, некаде помалку, оставајќи навидум невидливи траги врз ’рбетот на практитката. И искачувањата и паѓањата се нешта што често се гледат во уметноста. Многу поретки се оригиналните, автентичните, стабилните нагорни линии.

Но токму тие стабилни вертикали (не „прогресивни“, како што некои преваранти милуваат да спинуваат!) се основата / предметот на сериозните проучувања во уметноста, токму тие продлабочувања на исказот се релевантната точка на разговорот за вистинската уметност. Сето друго, сите талкања и дилеми, сите повладувања на јавниот вкус или на личното его, се констатираат, ама не се почитуваат, се разгледуваат ама не се вреднуваат како релевантни чинители во уметноста. И ако некој, денес, мисли дека (постмодерниот) свет функционира поинаку, дека нештата се толку сменети што лесно може да се продаде рог за свеќа, многу греши. А такви изгледа има, особено кај нас.

2.

Своевремено, во еден постар текст, којшто на некој начин го гледам повторно актуелен, се обидов да напишам нешто на таа тема. Имено, немајќи решение за сопствените проблеми, веќе подолго време уметниците бараа(т) – и најдоа!? – проблем во убавата Уметност и нејзиниот „ограничувачки“ јазик. Не им е доволен. Особено младите, заведени од идејата „против традиционалното и модерното“, а всушност заинтересирани за лесно-брзо-успешно, се натпреваруваа(т) во полза на сопствената штета! Големите светски изложби и престижните меѓународни биеналиња им наметнаа компетитивен дух небаре трчаат спринт на сто метри. Заборавија дека Уметноста сепак е – маратон! Во неа нема ништо брзо, лесно, едноставно. И дека Марини Абрамовиќ, Аниш Капури, Демијан Хрстови, Џеф Кунсови … не се раѓаат секој ден. Ниту преку ноќ. Тезата на Ворхол дека секој ќе ги добие своите петнаесет минути слава е само теза. И петнаесет минути се само – петнаесет минути!

Оттука, многумина, па и редица македонски уметници кои Уметноста не ја гледаа(т) како дневна циркуска акробатика или инстант абракадабра производ, едноставно одбиваа да се повинуваат на ваквото лудило и сопственото творештво да го „трансформираат“ во тие насоки. И беа во право, зашто таквите циклични масовни хистерии по правило не траат многу долго (иако, за жал, често оставаат трајни последици!). И кураторите и уметниците во светските метрополи, а особено публиката, бргу се заморија од еквилибристиката на „иновативните“ уметнички искази. Славата и вредноста, коишто едно време тргнаа по сосема спротивни патишта, повторно стануваат синоними. Луѓето, едноставно, повторно сакаат да гледаат Дело – да го доживуваат, да го „читаат“, да препознаваат, да градат свои приказни … Сакаат и друго: позади делото да видат Уметник, а не техничар со шрафцигер, сакаат да видат Личност, а не собирач на дневни отпадоци.

3.

Зошто ние денес немаме личности во македонската уметност? Како е можно од една цела генерација, којашто на почетокот на деведесеттите години на минатиот век ја гледавме како ветувачка, како надежна и објективно способна да влезе во нов вид дијалог со уметничката стварност, да останат само парталчиња недоволни ниту за пристоен пачворк? Како е можно толку да се трансформира идентитетот на генерацијата, денес престорена во етаблирани средовечни чичиња и тетки неспособни ни за обично, секојдневно творечко преживување, а не пак за големи дела?

Дали навистина оној „проклето лошион“ социјализам со човечки лик беше толку подобар, поумен, потворечки ориентиран и поуметнички профилиран, па можеше, ако не повеќе, тогаш барем да ги одржи во живот легендите од типот на Никола Мартиноски, Петар Мазев, Петар Хаџи Бошков и редица други? Велам да ги одржи, зашто ниту еден систем, нека е и најдобар, не создава уметнички квалитет по себе.

И во што – извинете што ќе прашам – е подобра, уметнички посилна и творечки покомплексна Есма наспроти еден Петар Хаџи Бошков, па првата да ти биде национален уметник, а вториов, со неговите осумдесеттина години, да не е? Или извиканион Милчо Манчевски, ако сме веќе кај тоа? И кој, и како ги направи тие „валоризации“? И според кои и чии критериуми? Која и каква е таа национална уметност којашто така го потценува Делото на еден македонски скулптор од таков формат, наспроти детските играрии на неговите ученици денес? Зашто творештвото на Хаџи Бошков, безмалу нетипично за македонската ликовна уметност, нескротливо во духот и љубопитноста, минуваше низ бројни фази, истражувања и безмалу футуристички експерименти, свртено едновремено и кон сопствените корени но и кон актуелните светски движења и универзални значења, за да во одделни мигови ги подведе под сомневање дури и основните принципи на скулптурата. И кои и какви се тие негови колеги – безмалу сите негови директни или индиректни ученици – кои едноставно „забораваат“ таква личност?

Или, кому и зошто му пречи легендарниот Петар Мазев, еден од првите македонски уметници кој на дело го демантираше долго присутниот мит дека ликовната уметност кај нас има сосема ограничен радиус на влијание и интерес, исклучиво фокусиран само на мала група професионално инволвирани лица. И, кога сме веќе кај митовите, Петар Мазев беше еден од првите уметници кај нас кој директно му се спротивстави на митот дека Македонија нема (или пак има сосема малубројна) публика која што може да ја прифати и разбере апстрактната уметност (на пример, неговата „бела фаза“) односно апстрактниот експресионизам итн.

И како тоа – извинете што ќе прашам, зашто прашувањето очигледно на многумина им пречи – кај нас „легенди“ и „величини“ станаа сите неписмени шушумиги од фолк и поп музиката, а уметниците што ја претставуваа Македонија на најпрестижните светски уметнички сцени никој не ги спомнува? Па, ако не повеќе, ене ви го еден Чемерски – една брилијантна творечка кариера, еден уметник кој на маестрален начин ги поврзува традицијата и современото, локалното и интернационалното … И во тој контекст, колкумина од македонските уметници го виделе неговото последно ремек дело, мозаиците во Претседателската вила на Водно, завршени пред само неколку години? И дали, воопшто, компарирајќи ги нив со она што го гледаме како „творечки“ производ на помладиве генерации, можеме да разговараме за некаква јавна, монументална македонска уметност денес?

4.

Оттука, како е можно македонскиот уметник денес, па нека е и Аџиевски, да тртља за Вера Мухина или Георг Колбе, а да не сака уста да отвори за сопствената уметничка традиција, така лесно препуштена на целосна деградација? Или да посочува на делото „Дијамант“ на Џеф Кунс во Њујорк како некаков потсетник на „сограѓаните на нивниот естетски невкус и алчност, се разбира сето тоа е добро платено“, а да не види дека денес токму неговото „дело“, за жал посветено на паднатите херои, се претвора во наш современ потсетник за естетскиот невкус и алчност на уметникот, се разбира, платен со дебели пари!?

Македонскиот уметник денес како да заборави на сè околу него, а особено на – уметноста. Сликарството го претворија во расштимувано театрално расфрлање со боја низ звуците на Филхармонијата, скулптурата во банално „фиќо“ или вестерн кавалерија, перформансот го извулгаризираа до седење по автобуски станици и чекање некој да им удри печат во пасошот …! И сето тоа, се разбира, е можно, денес, и тука, ама таквата „уметност“ има краток рок на траење. Петнаесет минути, или колку што трае „свеченото отворање“! До испивањето на последното шише вино. И не е проблем што публиката или званичниците заборавија дека творештвото, уметноста, не живее ден, два, година … туку на тоа целосно заборавија и уметниците. „Купи ден помини“ проектите ја претворија македонската современа уметност во депонија на изгубени надежи и многу потрошени пари. А од тоа по правило не останува ништо, дури ни материјал за рециклажа!

5.

Македонскиот систем на вредности денес, (ако нешто такво воопшто постои, во што длабоко се сомневам), можеби му оди „на рака“ на ваквиот македонски уметник – оној од типот лесно-брзо-успешно, оној со потенцијален двоен идентитет, деперсонализиран кога треба, подготвен на секакви творечки компромиси заради лукративни цели… Но таквите „вредносни“ системи никогаш не траат долго. А впрочем и самиот „систем“ се заситува од таквите „вредности“. Тие ја исполнуваат својата задача и – исчезнуваат. Потоа, доаѓа времето на отрезнување. Потоа, доаѓа процесот на преиспитување и превреднување, прво лично – ако поединецот е подготвен на такво нешто – потоа пошироко, јавно, општествено. Стручните, професионалните (ре)валоризации не ги спомнувам зашто тие и сега се јасни, и повеќе или помалку јавни. Колку се – толку се, но меродавни се. Или, ако сакате, до сега не слушнавме, уште помалку прочитавме, компетентната македонска критика и историја на уметноста да се произнесе позитивно за ваквите состојби во македонската уметност. Дури напротив, сето она што сме можеле да го чуеме и прочитаме одело директно на негативното конто на македонскиот уметник и македонската уметност денес. Фактот дека два-тројца маскирани шарлатани разврзуваат „тези“ и „теории“ од типот на бапските муабети средсело, не се сериозен аргумент.

Се разбира дека уметноста, не само денес, е (и) личен став / чувство, искажан односно „произведен“ со одредени материјални средства. Но кога тој личен став е јавно изложен, веќе престанува да биде личен. И тоа македонскиот уметник денес мора конечно да го научи. И да го почитува. Особено кога за неговиот „личен став“ се потрошени јавни пари. Големи! Затоа, апсолутно е неразбирлив, да не речам целосно ступиден, ставот дека со огромни јавни, народни пари некој може да си игра „лесна естетска едукација за недоволно писмената нација“! Според сето ова што го гледаме денес, сериозна естетска едукација, но и базичнo лично воспитување, подуки за честа и моралот на поединецот, па нека е и уметник, им се неопходни токму на македонските уметници од типот на цитираниот Аџиевски.

И ние тука понатаму можеме на долго и на широко да расправаме зошто кај македонскиот уметник (не само) денес го нема тоа чувство за јавна одговорност, за самопочит и / или почит кон другите (публиката, јавноста). Тоа би било интересно социолошко истражување, но тоа овде не е темата. Битно е тоа дека еднаш загубената (само)почит тешко се надоместува. И тоа уметникот мора да го има предвид, инаку е комплетно загубен во лавиринтот на секојдневните притисоци. А некаде на крајот на истиот секогаш чека некој безмилосен Минотаур.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Beatriz Lobo

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото