Судир на концепти

03.07.2014 12:20
Судир на концепти

1.

Двојниот идентитет е потенцијална двојна опасност. Двојниот идентитет создава забуни кај околината, ама и кај личноста што „го носи“. Во одделни (важни) мигови човек може да заборави кој е, односно кој треба да биде.

Се разбира, ова повеќе важи за шпионските романчиња од типот на Le Carre но прикажувањето на еден потенцијален самостоен уметнички концепт во две дијаметрално различни пројави е секако збунувачки. Не дека уметноста не памети и такви „трансформации“, особено литературата и појавата на псевдонимот како рамноправен авторски катализатор, но тоа е сепак нешто друго. Во рамките на македонската ликовна уметност денес и особено на одделни „творечки“ пројави во т.н. проект „Скопје 2014“, се соочуваме со реален судир на два сосема различни уметнички концепти од исти автори.

Велам судир зашто не постои поблага квалификација за појавата. Дури и поимот судир е прилично беневолентен, зашто таквото (јавно) уметничко однесување е податливо и за редица други погруби квалификации. Бидејќи, повторно, овде не станува збор за т.н. „интимна“ уметност, нешто што уметникот го работи во ателјето и останува во ателјето, нешта коишто можат да бидат времена или континуирана провокација за уметникот, но единствено за лична употреба. И такви примери има многу, ги има и кај нас. Графичарите сликаат, сликарите работат скулптура, скулпторите работат цртеж или можеби акварел итн., но сето тоа, повторно, нема (или има сосема ретко) јавна намена, уште помалку пак пројавува претензии за естетско – творечки вреднувања. Иако има примери и на сосема солидни дела!

2.

Споменичката „одисеја“ на македонските скулптори во рамките на т.н. проект „Скопје 2014“ е, најблаго речено, збунувачка. Примерот со разликите помеѓу актуелниот „фиќо мо(ну)мент“ и споменикот на Димитрија Поп Георгиев Беровски во центарот на Скопје – дела на ист автор – е само еден во низата. Ни подобар ни полош од другите. Таквата авантуристичка партиципација на безмалу една цела генерација уметници, меѓу кои најбројни се неколкумина професори на Факултетот за ликовни уметности, свесно или несвесно, отвори бројни принципиелни прашања за уметничкиот ангажман и неговите (претпоставени) граници. Но едновремено, сакале или не, овие уметници како да отворија конфликт самите со себе, со својата уметност, со својот личен и творечки интегритет!

Проблемот е хипертрофиран заради фактот што останатите актери во претставата наречена „Скопје 2014“ беа / се епизодисти, многумина и само лоши статисти, „уметници“ само по образование (и тоа очигледно лошо!), но не и по дух и резултат. Нивните творечки биографии беа празен лист хартија и во таа насока споредби не се можни. Друго е што сѐ уште останува тајна како воопшто можеше македонската култура и (монументална) уметност да се доведе во таква ситуација ним да им препушти такви сепак одговорни задачи. Кај нив нема(ше) „материјал“ за споредба! И во тој однос тие се чисти како солза! Со нив ќе имаме проблем утре, кога ќе пројават, ако пројават, и уметничко – естетски амбиции. Вака, додека остануваат заробени во доменот на овој „проект“, некаде помеѓу рахитични лавови, лего коцки и патриотски огради, за македонската уметност тие како и да не постојат.

Но, проблемот е и супер-хипертрофиран и заради фактот што кај останатите уметници станува збор за претставници на генерација која беше најавувана, стимулирана, поддржувана и наградувана – од највисоко државно па до најтесно стручно ниво – како генерација што ветува, како надежна генерација во македонската уметност на преминот на двата века. Уметници кои критиката и институциите благонадежно ги претставуваа на меѓународната сцена како автентична македонска вредност во ликовната уметност. Некои од оваа генерација беа посочувани како носители на една поинаква лексика во македонската уметност, различен сензибилитет и концепт. Се разбира, минатите резултати и квалификации остануваат, иако значително поматени, ако не и доведени под генерален сомнеж!

3.

Зашто, едноставно е неприфатливо – барем во светот на сериозната уметност – еден уметник јавно да се претставува со два дијаметрално спротивставени уметнички концепти, толку неспоиво различни што го доведува во прашање идентитетот на уметникот. И на неговата уметност, се разбира. Денес уметноста стана премногу растеглив поим, или некој сака така да ја гледа, но и во таа „растегливост“ има граници. И во таа (наметната) „широчина“ не постои таков комплетен и „комплексен“ расчекор во резултатот, а да може да се нарече уметност. Неспоивоста на „фиќо мо(ну)ментот“ и споменикот на Поп Георгиев Беровски, а згора на тоа и претходните познати и признати резултати на истиот уметник, е еклатантен актуелен пример на проблемот. Иако и самиот „фиќо мо(ну)мент“ е со (пре)многу „дупки“ и разногласија во концептот и самата реализација, тој сепак останува во некаков (подалечен) континуитет на творечката мисла на уметникот. Наведениот споменик не само што тоа не е, туку особено ја потенцира забуната во поглед на творечкиот идентитет!

И овде треба да се појасни дека Наневски сосема случајно и можеби неоправдано „упаѓа“ како повод и пример. Безмалу истите констатации се однесуваат и на сите други македонски скулптори чиешто творештво во не така далечното минато нѐ навикна, нѐ насочи кон една блиска визеулна мисла и естетика, а денес ги гледаме во очајно поинаква улога, распослани низ Скопје како чаршиски (лоши) занаетчии кои штанцаат кич производи! Можеби некој од нив ќе се нафати да го работи и Панорамското тркало, исто како што и името на еден скулптор го најдовме во „проектот“ за „осмислување“ на новата ограда на мостот „Гоце Делчев“, или кој и да е друг мост?!

4.

Некој може во овој и ваков контекст да го постави прашањето на слободата на творештвото, иако ова прашање нема никаква врска со неа. Но, може да биде разгледано и во тој контекст. Односно, овој текст никако не ја проблематизира или ограничува слободата на македонскиот уметник да (с)работи што и како сака. Тоа е беспоговорно негово право. Дури има и легитимно право сработеното да го смета за уметност. И тој / таа, па и други. Но подеднакво право да го каже својот суд има и критиката денес, а историјата на уметноста утре. И да ги спори постигнатите резултати. Аргументирано, се разбира.

Значи, повторно, овде не е спорна слободата на творештвото. Не е спорен, ниту пак пошироко се дискутира, квалитетот на оваа наша одисеја. Тоа допрва ќе биде предмет на сериозни студии. Овде е спорен концептот, идејата, исказот… на уметникот којшто доведува до идентитетски забуни, до сомнежи, до недоумици „што е што“ и „кој е кој“!

Односно, ако во творештвото на еден уметник доминантно бил присутен / развиван еден творечки концепт, можно ли е одеднаш истиот уметник да се јави како потписник на дело / дела со тотално различен творечки концепт? Можно е, и тоа не е спорно и не претставува никаков проблем. Уметноста е (и) менлива категорија! Но ако уметникот паралелно ги реализира и јавно ги претставува двата (тотално различни односно неспоиви) концепти, тогаш е сосема легитимно прашањето: кој навистина е уметникот, кој и каков е неговиот творечки концепт, кој е неговиот вистински творечки исказ, постојат ли кај него различни / паралелни концепти за различни пригоди? И воопшто, знае ли што и како прави, станува ли збор за уметник, или за нешто друго?

Ако продолжиме во оваа насока, логични се прашањата: кој е всушност уметникот – оној во „фиќо мо(ну)ментот“ (или некое од постарите дела) или оној во Поп Георгиев Беровски? Или, кој е вистинскиот скулптор – оној во полиестерските скулптури или оној во Делчев и Груев, или можеби Ѓорче Петров во Прилеп; и зошто тогаш во Венеција не беа однесени реплики на овие споменици како наша современа „уметничка“ презентација на таа манифестација? Или, ако сакате, кој е вистинскиот автор – оној на чудоно наречено „Споменик на паднатите херои“ карши Собранието, или оној кој го праќавме на „Venecia Open“ и други изложби? Се разбира, набројувањето може да тече и до споменикот на Карев, на Неџат Аголи, па сѐ до оние автори чии (тотално имбецилни) „дела“ ги гледаме низ и над старо-новион Театар, а ги паметиме по бројни изложби и дела на коишто сме укажувале како на автентичен уметнички исказ.

5.

Па оттука, кој навистина е македонскиот уметник денес? Како денес, и особено утре, во еден сосема нов историски и општествен контекст, ќе биде разгледувано нивното творешетво? И што ќе биде доминантниот репер? Ако ние се чудиме, како и колку ли ќе се чудат идните проучувачи на македонската ликовна уметност?

Без каква и да е намера да ги судам или осудувам, на што впрочем и немам право, само се обидувам да ги домислам можните дилеми, одговори, толкувања на ваквото времено (?), краткотрајно (?), инцидентно (?) … откажување од сопственото творештво – зашто овде токму за тоа станува збор – а заради некаква (нека е и голема) финансиска добивка. Како може да се (про)толкува ваквиот паралелизам во творештвото на еден уметник? Како, на пример, би било да го читате Правописот на македонскиот јазик, а да го слушате неговиот автор како ви го објаснува истиот, ама на искривен скопски дијалект! Или на пример во некој од македонските музеи да откирете едно чудо некогаш скапо платени романтични пејзажчиња од Мазев? Колку што се овие нешта невозможни, или би биле третирани како творечка катастрофа, подеднакво одбивно, непристојно, нетворечки изгледа и оваа македонска авантура.

И, повторно, да нема префрлања од каков и да е вид, ниту на едно место не ги спомнав сите оние тотално непрофесионални, некој велат и криминални, откритија во врска со безмалу сите споменици во рамките на самонаречениот проект „Скопје 2014“. Оние од типот на наплатување за алатот, наткачување на цените за сѐ и сешто, лажење во должината на релјефите, дури и констатацијата на Комисијата дека „скоро сите автори доставиле слични предмер пресметки, во кои можат да се забележат идентични формулации и начин на искажување на трошоците и нивните цени. Тоа упатува на заклучок дека постоело извесно „меѓусебно координирање помеѓу авторите и општината“ (Втор извештај за фактичката состојба за реализацијата на проектот Скопје 2014 преку Општината Центар). Тоа се, условно, вонуметнички нешта – иако некој со право би забележал дека баш и не е така – и спаѓаат во доменот на испитувањата на други надлежни институции. И таму секој си одговара пред закон.

Но за творештвото нема такви закони. Односно има, ама нашиве уметници изгледа тие најмалку ги загрижуваат.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Jacopo Rosati

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Култура / Уметност
Култура / Уметност

ОкоБоли главаВицФото