„Уметничка“ држава

25.11.2014 11:26
„Уметничка“ држава

1.

Не знам што е поточно: дали наводниците да стојат кај зборот уметничка, или пак кај држава. Точно е, веројатно, и едното и другото, ама бидејќи овде акцентот сепак ќе биде на уметниците, тогаш подобро наводниците да ги поткрепуваат нив. Иако и државата ни е држава со наводници. Барем во културата.

Но, од друга страна, ако се следат официјалните соопштенија, изјави, мислења, статистики, анкети… ние сме не само уметничка држава и асли држава, туку сме и меѓу најдобрите во светот. Во сè. Ич муабет да не правиме за економија, за бизнис клима, за едношалтерски систем, за земјоделство, за култура, за уметност, за филм… Уште некој да ни поверува! Ама важно е самите да си веруваме во сопствените соопштенија! А дал господ, има и такви што веруваат. Кај нас.

2.

Некако однапред знам дека нема да има никаква практична полза во разбиструвањето на македонските културни и особено ументички „дилеми“, зашто веќе подолго време ме „притиска“ мислата дека ние всушност и не сакаме да ни биде подобро. И генерално, но особено во културата. Некако, како да влечеме некаква таинствена мазохистичка жичка низ деценииве, па и вековите, којашто не ни дава сериозно да се зафатиме со проблемите, туку ги пикаме под тепих, ги премолчуваме, ги пренесуваме од година в година, од деценија во деценија, препуштајќи им ги одлучувањето и управувањето (и со културата!) на дилетанти и незнајковци, на манипуланти и анафалбети, на повторувачи и полуписмени… Како да уживаме некој да нè тормози со сопственото незнаење, да нè шиканира со глупости и идиотизми, како да мораме да ги трпиме сите бесмислености што доаѓаат како готови „формули“ од нашиве недоквакани „функционери“. Ни еснафските здруженија, ни стручните асоцијации, ни квалификуваните институции – уште помалку умните поединци – не сметаат за потребно да ги постават нештата на своето место, да објаснат што е што, а што не е тоа што се претставува дека е. Токму заради тоа кај нас дивеат државните органи – во случајов непрежаленото ни Министерство за култура, ама и сите други – пропишувајќи ни норми и поведение, поставувајќи ни правила и делејќи аутистични лекции, иако стопати досега биле фатени во незнаењето, во глупоста, во идиотските местенки… you name it!

Последниве случувања со „акцијата“ за откуп на ликовни дела, па со Скопскиот фестивал и сите други „музички“ фестивали и фестивалчиња, со разноразни бесмислени „активности“ за божемната промоција на културата и сакатата поддршка на уметноста, се само врвот на огромната санта мраз. Под него се кријат тони ѓубре што чека да биде распретано, но и којзнае што друго што во моментов не можеме дури ни да си го замислиме. Зашто не мислиме со такви тупави глави. Или, како што вели народот, што една будала ќе замрси, сто паметни не го одмрсуваат!

3.

И последното нивно „соопштение“ во врска со јавните реакции по повод наградите на Скопскиот и другите фестивали, по повод нивното шарлатанско вреднување на вистинскиот уметнички труд, ја покажува целата нивна глупост, неписменост, незнаење… но и нашата инертност, неподготвеноста да реагираме, мазохизмот, неспособноста да си ги одбраниме сопствените творечки интереси.

Нивната наводна грижа за уметникот, за творецот, или како сè го нарекуваат, е само форма на класичен поткуп со којшто се (пот)купува мирот (и) во културата. Заради тоа и сите овие „акции“ за (п)откупи вакви или онакви, сите оние огромни пари за божемни награди за триминутно врескање и скокање на сцена, (п)откупи за сценарија што никогаш нема да ја видат светлината на денот, астрономски хонорари за наши филмски диви (во буквалната смисла на зборот), сокривање/покривање на очебијните грабежи завиткани во културен целофан со розова машничка… Нашата (наводна) грижа за уметникот поприми навистина историско епски размери. Оној социјализам со човечки лик го трансформиравме во демократизам со „уметнички“ сурат. Сите, и шуто и рогато, одеднаш станаа уметници и се закачија на државната онаква. А таа – радодајка, таму секогаш има за секого по малку. За некои, додуша, и по повеќе, дури многу повеќе. Ама тоа другите не го знаат, па се задоволуваат со трошките. Односно капките. Иако, впрочем, во некое посериозно општество со цврсти стандарди и критериуми, тие не би ги добиле ни трошките/капките, зашто не ги ни заслужуваат. Ниту пак некој би ги нарекувал уметници, уште помалку би спроведувал озаконети „акции“ за да им ги полни џебовите. Онака, континуирано, по неколку пати годишно! И божем на конкурс.

4.

И овие, „уметнициве“, нормално, се задоволни. А кој не би бил? Ни во сон не мислеле дека ќе заработат толку од кафеанско фалш урлање по македонските фестивали, а згора некој ќе ги нарекува и – уметници. А да се само тие. Та зарем сето она ѓубре што се објавува со државни пари, или што приредува „изложби“, или дрнда по штиците театарски или пљачкосува низ филмските сетови… зарем сета таа збирштина некогаш можела да се надева дека ќе ја вбројат меѓу уметничката фела, дека не само што ќе користи државни пари за своите „творечки“ д’ткања туку и ќе им даваат државни награди. Највисоки. Поим немале дека таква среќа ќе ги стрефи во животот. Ама ете, ваквите „држави“ ги исполнуваат и најневеројатните соништа!

И луѓето не се виновни. Она што повеќе зачудува е токму мазохистичкото молчење на оние помалубројни сериозни творечки личности во македонската култура, оние на прсти да ги наброиш вистински уметници од сите профили кои молчаливо гледаат како овој културен лумпенпролетеријат константно ги ограбува. Од месец во месец, од година в година, со државен амин.

Она што социјализмот со човечки лик не успеа да го постигне – да ги приближи културата и уметноста до работниот човек, овој демократизам го прави ко од шега: си направи „уметничка“ држава. И „културна“. Со закон определи дека кај нас секој може да биде уметник, ако тоа го сака Министерството за култура, се разбира. И може да биде културен работник, дел од врвната култура во оваа држава. И тоа бре брате го спроведува доследно и континуирано. Секоја година, преку конкурс. И ајде најдете им мана?! И не е проблем само во она фамозно (или фантомско?) здружение на Сетинци и Попадинци што со години по ред се храни од културниот буџет, и не се проблем сите оние анонимуси чии имиња секојдневно ги читаме низ медиумите дека објавиле книга, направиле изложба, одржале концерт, добиле награда. Таквите дури и можеа да се издржат, ама веќе ги има стотици, илјадници. Секоја будала намириса дека оваа држава во културата дели пари „шаком и капом“ само ако исполниш одреден „критериум“ и навалија ко мутави на телефон. Трошки – трошки, капки – капки, ама само нека капе. И капе богами, ко низ решето. Некаде тече ко река, ама тоа главно се држи во тајност и се прераскажува низ „уметничките“ кулоари. Зашто ако проговорат гласно, отиде и таа цркавица што им ја фрлаат.

5.

Што е најинтересно, ова веќе и не се крие туку отворено се пропагира новата „уметничка“ држава. „Сите проекти кои се во програмата на Владата на РМ и Министерството за култура, сите стимулативни мерки со кои финансираме различни сегменти од творештвото, се реализираат исклучиво во полза на нашите уметници, на македонската култура и уметност“, гордо ечи од мегафоните на Министерството. И некој неупатен може да праша од кога тоа забавната и народната музика се „сегменти на творештвото“, и од каде, и од кога тоа естрадата стана дел од „македонската култура и уметност“, а кафанските пејачи – уметници?!

Ако пак на некој како Алаѓозовски му текне да им ги пикне под нос споредбените податоци за хонорарите или другите принадлежности кај писателите, ликовните уметници, во театрите… овие само вртат глава и се лутат. Ама податоците остануваат, токму оние дека, на пример: „писателите добиваат од 30 до 120 илјади денари за своите авторски дела, или од 500 до најмногу 2.000 евра. Еснафските награди на Друштвото на писатели се 30 илјади денари или 500 евра. Најпрестижната награда „Браќа Миладиновци“ не е повисока од 100 илјади денари или изнесува ни цели 2.000 евра! Ликовните уметници најчесто добиваат 30 до 60 илјади денари, или 500 до 1000 евра за изложби, само како продукциски трошоци. Откупот на дела варира до 1.000 евра. Режисерите на претставите не добиваат повеќе од 300 илјади денари или 5.000 евра, а костимографите добиваат до 1.000 евра. Значи, делото на писателот е до 40 пати помалку вредно од испеаната песна?“, итн., итн. Тоа е всушност вистинската македонска културна реалност, тоа е грижата и стимулацијата на оваа држава за македонската уметност.

Друга приказна е колку и меѓу овие има навистина сериозни творци кои заслужуваат државна потпкрепа, колку писатели би требало да ги добијат тие 500 или 2.000 евра, колку ликовни уметници би требало да ги добијат тие 500 до 1.000 евра поддршка за изложба. Проблемот на оваа „уметничка“ држава е тоа што и катагодишната бројка поддржани „проекти“ во сите области треба во старт да се преполови, па потоа списоците да се прочистуваат врз основа на сериозни критериуми. Па тоа што ќе остане, тие десетина книги, пет-шест изложби, две-три претстави… финансиски да се поткрепат така како што доликува на сериозни творечки потфати. Останатата боранија нека си бара друга работа! Културата не може и не смее да биде хотел промаја низ која што ќе шетаат секакви шарлатани.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Џон Холкрофт

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото