Власт со широка рака

26.05.2016 13:31
Власт со широка рака

1.

Овие десет години ја навикнаа македонската култура (и уметност, се разбира, иако од уметноста одвај „у“ остана) на расипништво и клиентелизам, на непринципиленост и партиска фаворизација, на волунтаризам и неодговорност, на кич и општа нивелација на вредностите. И тоа во сите сегменти, од горе до долу, по хоризонтала и вертикала. Сите македонски шапшали запишани во тефтерите на власта се самопрогласија за уметници и културни работници, што понатаму резултираше и во таквото финансиско „вреднување“ какво што (особено) наметна налудничавото „Скопје 2014“.

Таквата општа кражба, каква што имавме прилика да гледаме во рамките на тој „проект“, ги надмина и најфантастичните сништа на нашиве локални молери и заварувачи, кои пак власта великодушно ги прогласи за „национални уметници“. Впрочем, и тоа ќе треба да се испита: зошто и како токму тие беа извлечени за уши од партиските тефтери, нели?

Којзнае колку децении македонската култура и уметност нема видено толкави пари на едно место, за жал фрлени во неповрат по идиотштини и приватни џебови. А барем да вредеше, да има барем еден сегмент за кој што може да се каже дека „има нешто“ во него! Оваа власт се покажа така широкорака и великодушна кон еден (минорен) дел од македонската култура што тоа предизвикува сериозно кревање на стомакот.

2.

Историјата на уметноста памети секакви примери: на непотизам, на фаворизирање, на расипништво, на кражби … ама мислам дека ова што ние го живеевме овие години, со овој „проект“, е нешто ненадминато. И непоимливо за современи цивилизирани средини!

Мал излет вон „Скопје 2014“: познати се молбите на еден Дирер, на пример, за некаква (прилично бедна) пензија од буџетот на градот Нирнберг. Дирер му пишува на намесникот на Саксонскиот изборен кнез дека „стоте форинти што ми ги вети Неговото Царско Височество (царот Максимилијан, м.з.) … секоја година до мојата смрт, господарите (магистрати) сега ми ги оспоруваат. Така што под стари денови живеам скудно (…) сега кога видот ми слабее и раката потешко се движи, со мене ќе биде лошо“[1], пишува Дирер. Уметникот ја уживал таа ветена „пензија“ одвај осум години! Се разбира, познати се и многу други случаи со подеднакво големи имиња од уметноста кои умираат во сиромаштија додека нивните дела потоа вредат милиони. Сите импресионисти, на пример, или Ван Гог! А расправиите околу парите помеѓу Микеланџело и папата Јулие II се веќе класика!

Но затоа нашиве властелини на време им делеа, и делат, национални титули и пензии кому ќе стигнат, дури и на четириесетгодишници! И ги наградуваат нивните недела со милиони. Евра, се разбира! И за овие седумдесетина години државност и самостоен развој во културата и уметноста, македонското општество едноставно не памети такво расфрлање пари на почетници, на луѓе без професија, на некадарници … Во бивша Македонија, онаа од времето на социјализмот, неколкумина уметници можеа да се пофалат со сериозни за тоа време хонорари за нивната уметност, главно сврзана со реализацијата на неколкуте капитални монументални зафати. И велеа дека со парите можеле да купат кола! Е сега, можеме да компарираме што тоа како вредност значело за седумдесеттите или осумдесеттите години на минатиот век или пак какви коли се возеле односно купувале во Македонија. И еве, не морало тоа да биде „фиќо“ или „101“, нека била некоја „буба“ или друга странска марка. Ама не чинела повеќе од сегашни 15-20.000 евра!

Ако пак го споредите тој износ со хонорарите исплаќани на сегашниве тутмаци, распонот се движи од 1:10 до 1:100. А ако ги споредите уметничките вредности на неколкуте монументални дела од минатото со овој кич од сегашноста, распонот е повторно ист, или сличен, ама во полза на некогашните дела.

3.

Затоа, впрочем, беше и вчудовиденоста на македонската културна јавност кога се обзнанија хонорарите што овие „антикниве“ ги укнижија. Особено кога ќе се направеше споредба со минатото и квалитетот на којшто бевме навикнати!

Но, повторно, што е спорно во цената, и не само цената, на вкупниот самонаречен проект „Скопје 2014“ и каде таму би се нашло Специјалното јавно обвинителство?

Па, спорно е речиси сѐ: од процедурите (спротивни на законите) за подигањето на спомениците и постапките спроведувани во општината, преку договорите со уметниците и тендерите, па сѐ хонорарите на уметниците. Сето тоа влегува во т.н. цена на „уметноста“ со која што нѐ закрпија бандитиве! Или, ако сакате, не е можно никој во таа полуписмена општина, во подеднакво полуписмената Влада или која и да е друга државна инстанца, да не знаел дека веќе во старт го кршат Законот за меморијалните споменици бидејќи подигаат нешто што не е во нивна надлежност! Или, не може никој да не знаел како се спроведуваат сериозни конкурси за такви големи нарачки. Или дека „уметниците“, во трошковниците, им подметнуваат двојно или тројно повисоки цени за нештата. Или дека уметникот, ако е уметник, треба да си има и соодветен алат, а не набавката да ја вметнува во трошковникот. Или, како би изгледало ако распишувате тендер за такси услуги, а некој од пријавените во цената да ја калкулира и набавката на возилото со коешто би се вршеле такси улугите? И вие тоа да го плаќате – се разбира, од туѓи пари – без прашање? Впрочем, кога сите тие ставки, и многу други, вклучувајќи ги тука и хонорарите, ќе се ѕидаат една врз друга, стиропорната зграда наречена „Скопје 2014“ достигнува фантастични 600 милиони евра одлеани во нечии џебови!

____________________________________________

[1] Richard Fridental, Istorija umetnosti kroz pisma velikih stvaralaca (od Gibertija do Gejnzboroa), Jugoslavija, Beograd,1967, стр. 61

 

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Свирачиња

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото