Покондирени тикви

09.03.2017 04:50
Покондирени тикви

Немам дилеми дека многумина ќе жалат за катастрофалниов распад на криминалнава власт, за затворањето на низата дуќанчиња – а богами и цели стоковни куќи – од каде што црпеа без ред и мерка и, ако биде како што треба да биде, заради реставрацијата на системот, законите, правото, вредностите… Редот и поредокот на многумина нема да им одговара, се разбира, зашто нема да можат да се потпираат на партиските и криминалните ралации, на штабните наредби и формации, на групната неодговорност. Некои ќе завршат и прилично неславно, се разбира, ама на тоа требале да мислат на време.

Иако, ако погледнете подетално, најголем дел од попарените е, односно, ќе биде од редовите на самонаречените бизнисмени и од првите ешалони во државната администрација. Зашто тоа се главните коруптивни центри во оваа држава и тие секако ќе бидат несреќни заради распадот на нивниот континентален рај со островски попатни станици каде се складира капиталот изнесен од земјата. Но, несреќни, торжествено растревожени, дури неутешни ќе бидат и „патриотските“ изданоци на бандитиве во културата, во образованието, во науката… зашто исто како да останале без најмилото, без најдрагото, без златната кокошка што носи светликави јајца со отпечатокот на нивното име. Кај најголемиот дел од нив ова што им се случуваше изминативе години не можеле да го сонуваат ни во најслатките сништа! Затоа впрочем и сета оваа мешаница, нервоза, трка по прес конференции, формирање на уставобранителски одреди и брзи сили за одбрана на македонштината. Ја истопорија пред Собранието и онаа стара будала да држи говор што не умееше ни да го прочита! Само ја потврдуваат тезата на Алваро дека тоталитаризмот е идеален амбиент за остварувањето на најниските лични цели. Нашиве по којзнае кој пат докажуваат и дека страсната љубов кон Пастирот, како некогашната српска кон Вождот, е највносниот бизнис во македонското општество!

Всушност, живее(в)ме во трагична деценија. Не само заради тоталната културна девастација, заради уништувањето на цел еден град, па и држава, уривањето на сè што нешто значеше и вредеше во оваа земја тукушто пркната од вековниот чемер. Велам, не само заради сето тоа, туку првенствено заради флагрантниот и во основа мизерен распад на човечкиот материјал којшто некогаш сме го сметале за цврст, сериозен, непоткуплив, креативен, распад и растекување буквално пред наши очи, среде бел ден. Се разнебитија личности и цели институции, се избрукаа творци (односно „творци“), се полакомија по сребреници, „слава“, „моќ“… Им го прочитавме карактерот – поткуплив, поводлив, ксенофобичен, гнасен…, им го видовме вистинското лице – окезено, накострешено, одмазничко, саможиво, простачко …

Денес е јасно дека тие никогаш и не припаѓале на македонската култура и уметност, на културната и уметничката историја на оваа земја. Јасно е дека станува збор за превртливци, мативоди, дилетанти, кецароши, уличари, покондирени тикви. Зашто, кој друг би дозволил така да биде искористуван, манипулиран, инструиран, подбуцнуван? Да, станаа побогати: во пари, во изложби и концерти, во книги и монографии. За која сè будала не се напиша монографија, која сè будала не напиша книга…? И – што? Мислеа дека тоа им е карта за вечноста? Ништо од тоа нема да остане освен прав и пепел и евентуално смрдлива предавничка реа.

И не само што ја фризираа и манипулираа личната и групната биографија – што, некој ќе рече, и не е толкав грев – ама и директно учествуваа во сите прогони, уривања, лаги, монтировки контра македонската култура и уметност, контра историјата и целиот систем на вредности. Зашто, тоа белки веќе го увидоа, основната цел на нивните газди беше да се разградува, да се уништува, да не остане камен на камен од претходното. Бидејќи само така покондирениве тикви можеа да се тртат и да се перчат дека се некои и нешто, дека се некакви, па нека и платенички лица и имиња во македонската култура. Или, ако сакате, како онаа тиква дојдена од којзнае кое свирипичино ќе станеше директор во МСУ, па згора и да повикува на протести? Или оние спотнатине офуцани македоманифестни некадарници кои, ете, не дозволувале жив странец да влезе во државава само за да не им го поремети комодитетот? И уште колку такви неспособни тикви седат и по другите институции, губејќи ни го времето и непотребно трошејќи буџетски пари за нивните провинциски „политики“?

И тоа не треба, не смее да им се заборави. Ако промените, новото време не се справи сериозно со тој шљам, со тој гној од луѓе, тие повторно ќе се растечат на сите страни, ќе контаминираат, ќе реат и роварат. Зашто тие се такви, неспособни за друго!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики:
 Dan Cretu

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото