Мирисот на парите

02.12.2015 03:50
Мирисот на парите

Бидејќи во два-три наврати, а во контекстот на првичните импресии од (авто)фројдовската конструкција на непрежаленион ни шапшал за сличностите на џихадистите и бароконосците ги спомнувам парите, ред е и да ги дообјаснам. Поточно тие, парите, се несомнено еден од потенцијалните/можните компаративни сегменти (покрај омразата, незнаењето, неукоста, насилството) помеѓу џихадистичката деструктивност и нашиот бароковозљубен културоцид. Како, впрочем, и кај сите други и разноразни и разнородни „групации“ (сместувајќи ги тука не само сите можни воинствени збирштини туку и политикантските „терористи“ како нашиве локални модернофоби), парите играат пресудна улога, иако најчесто скриена зад фасадата на религијата, идеологијата или „патриотизмот“, како во нашиот случај. Колку поцврста фасада – а религиозната е прилично цврста – толку посилна убедливост. Нашата фасада е проѕирно патриотска и стиропорна и затоа самата се рони!

(Патем, за уште една споредба со „сличностите“ помеѓу Палмира и ликвидацијата на 82-годишниот археолог Калед ал Асад, а за која што пишуваше вечниот ни Сарајлија: во годината на објавувањето на ликвидацијата на делото на нашиот Петар Муличковски, архитектот имаше 83 години. Секоја случајност е – намерна!)

Не дека откривам којзнае каква новост дека парите „вртат“ и кај џихадистите и кај нашиве модернофобни културоциди. И повторно: тоа се виде речиси од самиот почеток, од махерското „ѕидање“ на тендерите и десеткратното зголемување на (божем) утврдените износи. Нормално, како што секој „патриот“ тропнуваше на вратата на тендерот, така цените растеа. Мораше да има доволно за задоволување на „патриотските“ побарувања на сите од врвот, на еден или на друг начин. И, за разлика од сите други, нашиве полит-терористи за себе имаа цели годишни буџети, баснословни народни пари за трошење за нивните шизоидни „Миле ми текна“ идеи.

Инаку, на пример, еден од заклучоците на неодамнешниот состанок на групата Г-20 бил дека терористичките групации, вклучувајќи ја тука и ИСИЛ, можат да се уништат само ако останат без приходи. Зашто секогаш, и секаде, и таквите групации, но и „легитимните“ полит-терористички субјекти преправени како и нашиве модернофоби, функционираат на крилјата на туѓите пари. Кај едните тоа е шверцот, насилството, киднапирањето, кражбите, кај другите тоа се „легитимните“ празнења на државниот буџет, па странските кредити, па разноразни обврзници итн. Скратете им ги тие извори и - труба. Нема пари – нема „акција“ (подразбирајќи под овој поим сè што може да се опфати, па и нашево налудничаво „Скопје 2014“).

Но, кога имаш (народен) буџет – сè е полесно. Па оттука, сонот на нашиве модернофобни културоциди – сомнабулната „креација“ наречена „Скопје 2014“ – не ќе беше можен без киднапирање на (дел од) државниот буџет. Онака, најбезобразно, најдрско, небаре парите си ги донеле од дома или од родителите. Со години, прво поскришно, криејќи ги низ разни нејасни ставки, а потоа и најбезочно и јавно, беа јадени огромни делови не само од главниот буџет туку и од буџетите на неколку министерства, на други државни институции, на буџетот на градот итн. Те ваму фонтана „Воин на коњ“, онаму Археолошки „музеј“, на друга страна едно чудо дилетантски споменици… и коцките полека се склопуваа(т) додека со око да трепнеш. Малку од Министерство за финансии, малку (или многу, сеедно) од Министерство за (не)култура, па од Собрание на Град Скопје, па од Општина Центар… и сето тоа на штета на други приоритети, на штета на граѓаните од чии џебови беа извлечени тие пари.

Денес тешко дека некој ќе може да пресмета што сè загуби македонската култура со таквото терористичко киднапирање на културниот денар, или што сè му беше ускратено на граѓанинот на главниот град за сметка на сите будалштини испилени во умовите на локалниве бароконосни терористи! Иако и сега сумите допираат фантастични проекции, дури и да останат такви (а нема, многу нешта веќе беа сокриени) какви што ги објави надлежната комисија на Општина Центар, тие изнесуваа близу 600 милиони евра. Еден цел нов град! А ќе бидат поголеми зашто работите на културоцидиве продолжија и целата оваа година.

И што е најинтересно, теророт нема абер да сопре: само градот Скопје наредната година (повторно) ќе поарчи неколку милиони евра за префасадирање и други слични будалштини заради фикс-идеите на неколкумина наши „мули“ и „емири“ од модернофобна провениенција! А главниот извор – државниот буџет – велат е најголем досега.

(Целиот текст e достапен на teodosievskiumetnost.wordpress.com)

Слики: Свирачиња

Слични содржини

Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото