Капацитети

09.12.2015 13:17
Капацитети

1.

Единствен сериозно разработен систем во нашава системска (не)нормалност е системот на лагата. Само таа, нејзиното височество Лагата, функционира речиси беспрекорно, има почеток, средина и крај. Поточно, нема крај зашто крајот е само нов почеток. Perpetuum mobile! Лагата и (не)нормалноста, кај нас, некако си одат заедно. Зашто лагата во нашава (не)нормалност се стопи со стварноста, многумина повеќе не умеат ни да ја разликуваат од вистината. Розовите очила на (не)нормалноста подобро прилегаат во друштво со лагата: 10.000 вработени преку проектот „Македонија вработува“, 30.000 вработени преку странските инвестиции, не-знам-колку стотици милиони долари инвестирани за добробитот на македончето во годината што изминува… итн. Како да не. А сега уште и студентите ќе ги возеле – бесплатно! Па што правеа до сега? Ги извозија, и тоа бесплатно, три пати околу Македонија. Човек ќе си рече дека уште малку па Швајцарија на Балканите ќе стане реалност, и тоа баш пред избори!

И главната оска околу која што се врти целиов наш (не)нормален систем е дека денес е подобро од вчера, а од завчера – муабет да не правиме. Почист е дури и воздухот, а загаденоста е подметнување на опозицијата. И на она Лилено-на-тато која сега се ококори и почна да блуе оган како Смауг, во дует со Пајо. Зашто ако избега последниов воз, ќе мора да почнат нешто и да работат во животот!

2.

А всушност, нема многу што да им забележите. Секој според капацитетите, секој според решеноста да прогледа тогаш кога сака. И да гледа што и како сака. Овие, ете, согласно капацитетите им, прогледале вчера и сега се колнат дека во светлата иднина ќе одат со отворени очи. И такви ќе има сè повеќе.

А бидејќи ги спомнав капацитетите, се сетив на herr Милошоски, некогашен „хипик“ а сега „г-дин“, кому, ете баш сега, во сета актуелна (не)нормалност, му текна да бара – капацитети. И тоа прво и директно кај опозицијата. Зашто, веројатно, смета дека во неговите редови просто блика од тој спецификум. Сите се – докажани. Капацитети, секако. Сега тој бара од опозицискиот министер да докаже пред јавноста дека има капацитет да се занимава со работи коишто се надлежност на министерството за внатрешни работи. И му дели задачи. Од претходната – не бараше. Или нејзе ѝ пишуваше на челото дека „има капацитети“ за таа работа? Или имаше физикус, што се вели? Што впрочем се покажа како „точно“. Особено, на пример, во „Диво насеље“, но и на други места. Но „капацитетов“ не бараше ниту од себе некаква потврда дека може „да се занимава“ со надворешнополитичките работи. Уште помалку дека може да биде дури и потпретседател на Собранието! Или таквите препораки, тоест „капацитети“ се потврдуваат на други начини?

Актуелнава (не)нормалност продуцира специфичен тип на македонски капацитети. Едните се за владејачката партија, другите за обичниот народ, а за опозицијата такви референци не се предвидени. Но и кај првите има (премолчена?) поделба на капацитетноста. Некои се, чиниш, родени капацитетни. Што ќе рече со секакви капацитети – поголеми, пошаренолики, дури повеќестрани … некои се со помали, можеби одвај видливи, ама сепак доволни за раководење со државни работи. „Г-динот“ Милошоски е од првите, како и неколкумина други од „врвот“. Ама далеку се од оној најкапацитетнион, толку далеку што дури не смеат ни да му преречат за капацитетот на глупоста што ја поседува. И на лагата. Затоа и е на чело.

3.

Но, шегата на страна, кога би се примениле барањата на Милошоски па навистина да се мери капацитетноста на секој кандидат за некаква, каква и да е функција, нешто како приемен испит за раководно место, каков ли циркус би гледале?! Почнувајќи од дотичниот барател, се разбира. Зашто, не е само напумпаното CV низ разноразни „леви“ школи, па нека се и високи (иако, навистина, не знам зошто факултетот се смета за висока школа кога некои, денес, се бескрајно ниски?), па партиски фирми, па леви сметала низ секакви НВО, итн. Какви ли капацитети докажуваат таквите будалаштини? Впрочем, токму таквите капацитети и ја донесоа државава на овие капацитетни гранки.

Зашто, наместо рационални капацитети, овие нудат партиско клиентелистички контингенти хиерархиски распоредени долж и попреку земјава. Оттука и нашата (не)нормална капацитетност денес не се мери со менталната и физичката способност за решавање на проблемите, туку со умешноста за марифетлук, за заобиколување на системот, за повладување на врхушката, за… Кај нас капапацитетот се изедначи со деформитетот – моралниот, етичкиот, професионалниот, стручниот, хуманиот. Сите институции се наштелувани според антонимите на поимот капацитет и капацитетност, така што капацитетот се препознава веќе на влезната врата и не се пушта внатре! Впрочем, погледнете ја капацитетноста на македонската култура денес. И уметноста, се разбира. Врие од „капацитети“ мимикриски камуфлирани во директори и стручњаци, во уметници и интелектуалци. Токму овие „капацитети“ и нивниот светоглед не подалечен од нивниот нос и џеб ја (де)формираа(т) македонската културна сцена до непрепознатливост!

Нашите пак современи „капацитети“ кои ја претставуваат државата последниве години се „од прва“ препознавани и вон земјата. Бидејќи личат еден на друг, скоцкани се ко војничиња во неспособноста им, бодат очи каде и да се појават. Кој, на пример, ги измери капацитетите на актуелноно министерче за надворешни работи кое деновиве плачеше како мало дете странците да ни дале награда (чоколадо?) ако добро ја сработиме задачата во април?

Вистинските капацитети на оваа држава одамна си заминаа. Заминуваат и оние малку потенцијални капацитети. На оние пак кои по некоја случајност – или заради различни други причини – остануваат овде, „капацитетите“ гледаат да им го загорчаат животот по секоја цена. И успеваат во тоа, делумно.

 

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото