Германија: Без полиција на фудбалски натпревари, поради избегнување на непотребните провокации

05.08.2014 13:46
Германија: Без полиција на фудбалски натпревари, поради избегнување на непотребните провокации

Некои натпревари од Бундеслигата ќе се играат без присуство на полиција - така наводно ќе се заштедат парите на даночните обврзници и ќе се избегнат непотребните провокации. Германскиот печат главно ја критикува оваа иницијатива, бидејќи станува збор за „опасен експеримент“.

„Ралф Јегер, министерот за полиција на Северна Рајна-Вестфалија“ (Nordrhein-Westfalen, NRW) радо повторува колку го сака фудбалот, без оглед што како навивач на МСВ Дуизбург има неколку тешки години зад себе. Атмосферата на стадионите во Дортмунд и Гелзенкирхен е единствена во Европа, вели овој политичар социјалдемократ, и тоа мора така да остане“, пишува Шпигел и додава: „Таа фудбалска атмосфера следните недели би можела да стане многу подобра или -да излезе од контрола.“

Најголемата германска покраина NRW има најмногу клубови во првите три Бундеслиги: две Борусии, Шалке, Баер Леверкузен, Келн, Бохум, Фортуна Дизелдорф, Арминија Билефелд... а тоа значи дека има и најмногу трошоци за обезбедување на натпреварите. Просечно на натпреварите од првата, втората и третата лига се ангажираат 235 полицајци, за следната сезона вкупно 54.285. „Повеќе обврски, а помалку луѓе“, пишува Вестфален Блат (Билефелд). Весникот накратко ја објаснува буџетската ситуација во која се наоѓа целата покраина: „Не само што даночната каса во NRW не се прелева, туку постои и немилосрдно замрзнување на буџетот.“

Затоа министерот Ралф Јегер дојде до идеја некои натпревари на почетокот на сезоната - оние за кои ќе се процени дека не носат преголем безбедносен ризик - да се играат со многу малку полиција, а некои и без полиција. Освен тоа, полицијата во целосна опрема нема да биде видлива околу стадионот, туку ќе реагира само во случај на инцидент. Пилот-фазата ќе трае само до 27 септември. Оваа оригинална идеја од покраината NRW се најде во речиси сите германски весници. Овде ќе се ограничиме само на покраинскиот печат.

„Кој ќе преземе одговорност ако сепак дојде до проблеми, ако безбедносната проценка била погрешна?“, се прашува Вестфаленпост (Хаген). „Полицијата е задолжена за безбедноста на јавните места, таа мора да се покаже, а не да се крие во глувчја дупка. Обезбедувањето на натпреварите, јасно, чини многу. Организаторот на натпреварот треба да се погрижи за безбедноста на својот имот. Фудбалските клубови располагаат со милиони - не мораат во иднина баш сè да дадат за нозете кои ја шутираат топката, туку треба да сносат дел од трошоците и за полицијата која ги следи навивачите до железничките станици. Тоа не можат да го плаќаат само даночните обврзници. Леб и игри - министерот Јегер се плаши дека наплатувањето од клубовите не може да се протурка политички. Меѓутоа, проблематично е едноставно да се намали бројот на полицајци...“

Поинаков став имаат во уште еден билефелдски весник, Ное Вестфелише: „Легитимен е обидот на министерот да заштеди ресурси за време на помалку ризичните натпревари“, пишува коментаторот, и посебно го критикува предлогот фудбалските клубови да ја плаќаат полицијата. „Не смее да има приватизација на јавната безбедност, ни во централните пешачки зони на градовите, ни во предградијата низ кои поминуваат патролни автомобили. Едно посветено општество никако не смее да дозволи граѓаните кои посетуваат манифестации како фудбалските натпревари или демонстрации сами да плаќаат за својата безбедност. Тоа би било крај на демократскиот принцип на слобода. Безбедноста мора да биде поважна од буџетските проблеми. Се чини дека обидот на Јегер го почитува ова мото.“

Безбедноста пред сè? Тешко, пишува Рајнише пост (Дизелдорф). Колумнистот смета дека станува збор за „експеримент кој треба да утврди дали насилниците меѓу навивачите се уште повеќе воинствени кога полицијата е околу нив. Тоа е опасен обид, поради три причини. Најпрво, не може да се исклучи дека добро вмрежените хулигани ќе прават хаос токму таму каде што нема полиција, бидејќи Јегер сака да си игра невидливост. Второ, со намалувањето на бројот на припадници на полицијата само ќе се забошоти и одложи проблемот на преоптовареност на силите на редот. И трето, дозирањето на полицијата не го решава вистинскиот проблем. чијашто срж е во едно - макар и делумно - насилно општество. Тој проблем до сега не го решија ниту полицајците ниту бројните социјално-педагошки проекти во фудбалот. Предлогот на Јегер е уште еден доказ за беспомошноста.“

Конкурентскиот дизелдорфски весник Вестдојче цајтунг исто така наведува дека ризикот е преголем: „Доколку дојде до нереди со повредени, ќе бидат придружени со најмалку уште една жртва: самиот министер Јегер ќе биде политички пикнат во ќош. Тој вели дека на крајот од својот проект ќе знае дали е остварена целта, како шеф на лабораторија, кој ги анализира резултатите дури по експериментот. Но, во овој случај, ако експериментот биде неуспешен, тоа ќе значи страдање на луѓето.“

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото