Поради мундијалот во Бразил, Германија менува закони

02.04.2014 14:24
Поради мундијалот во Бразил, Германија менува закони

Наближувањето на светското фудбалско првенство во Бразил полека ја подгрева температурата и ја зголемува еуфоријата кај фудбалските фанови ширум светот. Поради германските граѓани кои нема да можат да отпатуваат во Бразил и нивната потреба да се собираат на јавни места за да ги гледаат натпреварите на германската репрезентација, властите во Германија привремено ќе го променат Законот за јавни собири.

Со новиот закон, ќе биде дозволено огранизирано гледање натпревари во градовите до доцна во ноќта, што досега беше проблематично поради предизвикувањето врева.

Барбара Хендрикс, германската министерка за животна средина, ја потврди оваа информација констатирајќи дека „јавното гледање натпревари е дел од традицијата во Германија, но и дел од секое светско првенство“.

Бидејќи многу натпревари на првенството во Бразил ќе почнат во 22 часот и подоцна по германско време, владата за време на мундијалот ќе ги суспендира прописите за нивото на дозволена врева, за да може слободно да се гледаат натпревари на јавни простори во одредени делови од градовите.

Според важечкиот закон, во Германија сите јавни собири на отворено кои предизвикуваат голема врева во населените места, мораат да завршат до 22 часот.

Извор: www.knysnaplettherald.com