Ни би светлост

04.09.2014 09:08
Ни би светлост

Не требаше многу за конечно, и за сите, да стане очигледна независноста на македонското судство, владеењето на правото во државата, силата на доказите и да се демаскира слабоста на политичките манипулации во судските процеси. Доволно беше во судницата да се појави Јовица Стефановиќ - Нини и да изјави дека никогаш во животот не зборувал лично со тужителот, премиерот Никола Груевски, ниту некогаш се сретнал со него, ниту преку посредник му давал мито. За сведок го повика тужениот, Зоран Заев, но поверојатно е дека самиот Господ ни го прати, зашто Нини ни го направи тоа што му доликува на семоќниот - ја одвои светлината од мракот.

Ваквата библиска сцена ќе останеше засенета од дневнополитичките случки, да не ја видеше професорката Тања Каракамишева: „Изјавата на сведокот Нини несомнено дава една нова светлина на она што до вчера претставуваше голема скандалозна и корупциска афера што беше обелоденета од СДСМ, како и една нова светлина за тоа како правните аргументи и силата на правото можат да надвладеат во однос на политиката. Недвосмислено силата на изјавата на сведокот е засилена и поради тоа што ја дава под заклетва“.

Недвосмислено и несомнено може не само да му се верува на газда Нини (веројатно не се ни сретнал, ниту го познава, ниту слушнал за Интерпол, кој во потерницата по него тврдеше дека проневерил милиони евра), туку треба да се почитува како пресвртница во судството (до вчера голема афера, денес ништо) и да се обожава како извор на една нова светлина. Не само во судството.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња