Ловци на души (2)

09.09.2014 10:18
Ловци на души (2)

Границите на Македонија според различни автори (1843-1927).

Во оваа вавилонска кула на јазици, носии и обичаи каде што „социјалните класи се така споени како никаде во Европа, а ниту еден човек се чини не е на своето вистинско место“, прашање е дали и како Абот ги препознава и им го одредува идентитетот на македонските Словени. Најчесто словенското население во Македонија го именува како Бугари. „Во Велес, поголемиот дел христијани се нарекуваат Бугари, барем во времето за кое зборувам, но би било избрзано да тврдам дека сè уште е така; бидејќи на Балканот националноста е променлива категорија, со која таквите поими како чувство, крв или јазик имаат малку заедничко“. „Како што минарето е сигурен знак за присуството на Турците, така кафеаната е за Грците, но Бугаринот е прененаметлив по природа за да има сомнителен беџ... Неговите верски и политички чувства немаат доволна боја, не се изразуваат гласно... На моите испрашувања за националноста на овие луѓе добив два одговора, контрадикторни навидум, но сепак соодветни за оние кои се блиски со источниот начин на мислење и изразување. Комесарот, Турчин, ги нарече Грци, или поправо, Рум. Тој мислеше на нивната религија. За него христијанин и Грк се заменливи термини. Инженерот, Европеец, ги нарече Бугари, мислејќи на нивниот јазик. Но, со едноставна алгебарска операција се добива збирниот резултат - христијани кои зборуваат на словенски идиом, што е најдалеку што еден внимателен истражувач може да отиде со чиста совест.“

Понатаму, Абот пишува: „Ретко е можно на Словените во Македонија да им се припише посебна националност со каков било степен на сигурност. Нивниот јазик е несомнено словенски дијалект, почист на северот, и сѐ поизмешан со грчкиот како се оди кон југ. Ризично е да се каже нешто повеќе од ова. Македонскиот Словен му е подеднакво разбирлив или неразбирлив и на Србинот и на Бугаринот. Во некои области сличноста е поголема со едниот идиом, во други со другиот. Невозможно е да се обележи цврста линија помеѓу ривалските сфери на влијание... За самите македонски селани, освен оние од крајниот југ, чија хеленска националност е недискутабилна, тешко може да се каже дека имаат каква било национална душа, или поточно, каква било душа. Ако како млади ги зафати бугарската пропаганда и се школуваат во нивните школи, тие се надоени со идејата дека се Бугари. Ако први стигнале Србите, тие стануваат Срби. Побрзите и побогатите ја одредуваат националноста. Во едно исто домаќинство, понекогаш, ќе се најдат претставници на сите гранки на човечкото семејство; таткото тврди дека има српско потекло, синот се колне дека во неговите вени тече само бугарска крв, додека ќерките, ако воопшто им се даде глас, подеднакво се сигурни дека се наследнички на Елена од Троја или на Катерина од Русија. Старата мајка е главно задоволна да ги изрази своите национални убедувања со изјаснување дека е христијанка. Вистинска комедија на забуни, каде што никој не знае кој е, но секој инстинктивно чувстува дека секој е некој друг. Македонија може да се опише како област населена со новородени души кои талкаат во потрага по тело и се губат себеси во таа потрага.“

Етничка структура на жителите на Балканот (1877) според Едвард Стенфорд.

Иако забележува дека словенскиот јазик преовладува во селата низ поголемиот дел на централна Македонија, Абот смета дека „jазикот не може да служи како непогрешлив водич за истражувачот на националностите, бидејќи има голем број селани кои зборуваат бугарски, но сметаат дека имаат грчко потекло објаснувајќи дека нивниот говор се должи на контактите со бугарските соседи: Тие не го учат нашиот јазик, така што ние мораме да го научиме нивниот. Но, различните народи се така безнадежно испреплетени и измешани во овие централни области, што не би било сигурно ниту научно да се извлечат какви било позитивни заклучоци од нивниот надворешен изглед. Може само општо да забележиме дека земјоделецот и селанец кој, иако може да се нарекува себеси Грк, Бугарин или Србин според чувството, случаен интерес или состојбата на политичкиот барометар, во своето држење има печат на нехеленско потекло. Колку се оди кон север, толку се понагласени овие карактеристики. Околината на Мелник е населена со словенски селани: чесни, вредни, сериозни, но глупави, троми, неартикулирани и малку неинтересни.“ Положбата на селаните Абот ја опишува како гладување среде изобилство. „Длабок впечаток ми остави непобедливото трпение и незгасливата верба во иднината. Нивното чувство за правдина се побунува против идејата дека тие се предодредени да го влечат ланецот на ропството засекогаш и сè уште го држат запален факелот на надежта. Тоа е единственото светло што ја осветлува пеколната темнина на нивните животи.“

Во Петрич, христијаните се поделени на Бугари и Грци, а Бугарите го претставуваат мнозинството, кои „…се одликуваат со трпелива штедливост и непретприемчива работливост, особена за селаните од оваа раса. Нивниот начин е бавен, но сигурен. Тие се емпатични синови на земјата, во која, се чини, се толку длабоко вкоренети како и дрвјата и пченките меѓу кои живеат. Нивните лица се загрижени, спечени од сонцето, со длабоки брчки; грбовите им се повиени од постојано свивање. Не се елоквентни, но затоа се надарени со капацитет за постојана, непрекината работа, која нивните брилијантни грчки соседи ја немаат. Бугаринот никогаш не сонува дека има свет зад границите на неговата нива, или има бледа претстава за неговото постоење, но нема желба да оди таму. Има некоја добра, солидна, иако по малку груба состојка во овие славо-татарски селанчишта, и во подобар режим тие несомнено би се развиле во крајно корисни и продуктивни, иако неорнаментални членови на општество. Тиранскиот јарем под кој живеат ги присилува да ја проституираат својата фина интелигенција за да се самозаштитат. Слободниот граѓанин на една голема држава тешко може да ја сфати инфериорната положба на локалниот христијанин во Турција кон муслиманите“. Принципот на христијанската понизност е вграден во поговорките од типот: „Стапот што се витка не се крши“; „Ведната глава сабја не сече“. Населението е учено да не очекува ништо и да се задоволи со малку. Но, кога се меѓу своите, си даваат оддишка на чувствата со прилично остри зборови. Коџабашијата во Петрич му рекол на Абот: „Ова не е живот. Ние сме робови. Трпеливоста е нашето единствено прибежиште. Нема никаква надеж за спас. Ние страдаме последниве пет века и ниту еден христијански владетел не ни подаде рака да нѐ спаси. Но, ќе дојде денот на пресметка. Господ е голем“.

На крајот на XX век, Македонија била регион без јасни граници во рамките на османлиската држава, и дури не била формализирана како посебен административен ентитет. Опкружена со новосоздадените држави - Грција, Србија и Бугарија, таа влегла во фокусот на нивните експанзионистички амбиции. Сите тие можеле да посочат „неослободени браќа“ или историски територии надвор од границите што им ги определиле големите сили. Религијата, особено христијанското православие, станала значаен фактор на Балканот, по колапсот на Османлиската империја и белег на националниот идентитет. Сер Чарлс Елиот, во 1900 година, напишал: „Во Македонија расата е само политичка партија“.

Етнографска карта на Гијом Лежан од Ethnographie de la Turquie d'Europe, 1861.

Користејќи ја верата и црквата и со нив поврзаните училишта, Бугарите, Грците и Србите водат безмилосна борба за придобивање и приклучување на македонските Словени во своите национални атари. Абот има јасен увид во дејноста на бугарската, грчката и на српската пропаганда и во нивните методи на работа. „Во Солун, пишува Абот, Бугарите имаат свои школи, како опозиција на грчките, но иако нудат бесплатна храна и сместување, не можат да се пофалат со некој забележителен напредок. Нивните установи го посакуваат престижот на антиката и високите стандарди на ефикасност кои ги имаат достигнато нивните хеленски ривали, и нивната цел, се чини попрво политичка отколку образовна. И Романците и Србите се обидуваат да ги промовираат своите политички интереси преку образованието, но нивните резултати се помалку охрабрувачки од оние на Бугарите. Серес е центар на активноста на сите пропаганди кои се борат да ги востановат своите барања во Македонија. Тука се бугарската, српската и романската мисија.“ Македонските селани, забележува Абот, се задоени со идејата дека се Бугари, но ако први стигнале Србите, тие стануваат Срби. Побрзите и побогатите ја одредуваат националноста... Интересите на Србите и Бугарите често се судираат, но немаат проблем да се помират поради заедничките интереси. Посилна е борбата меѓу Словените и Хелените.

„Петрич е едно од местата во Македонија каде кавгата помеѓу Грците и Бугарите е најсилна. Борбата за надмоќ помеѓу Словените и Хелените, битка стара колку и ридовите, тука, повеќе од каде било, се идентификува и се загорчува со верската борба која беснее помеѓу следбениците на бугарската Егзархија и на грчката Патријаршија – шизматичката и ортодоксната страна. Овој анимозитет ги опфаќа и труе сите односи во животот, приватниот, не помалку од јавниот. Еден Грк, под никакви услови нема да зборува или да се ракува со Бугарин. Ниту пак некој Бугарин ќе претпочита дуќан што го држи Гркот. Антипатијата помеѓу двете националности се крева речиси до физичка одбивност. Таа го надминува на големо непријателството и на двајцата кон Турчинот, кој ги има фрлено во правта веќе пет века на најлошо замислива опресија. Страста од пазариштата често се пренесува во самото семејство. Во Петрич, како и во други делови на Македонија, најдов многу куќи каде поделбите се меѓу самите членови на семејството, едни ја поддржуваат едната, а други спротивната кауза. Не дека поделбата е секогаш заснована на искрено разидување на политичките или религиозни погледи. Патриотизмот, во премногу случаи, може да се поистовети со паричникот. Бугарската пропаганда не штеди сили и средства за придобивка на приврзаници, и многу следбеници на бугарската партија во Петрич, и други области на централна Македонија, добиваат месечна плата. Ова е еден од методите кои ги применуваат овие современи ловци на души; практичен, но прилично скап метод, која не секогаш е и успешен. Има дури и во Петрич луѓе кои нема да си ги продадат душите за сребро. За нивна конверзија се користи друг, потежок и поевтин метал. Еден високо почитуван жител на Петрич ме уверуваше дека веќе извесно време во минатото и двата метода биле применувани врз него. Му биле понудени околу 6 фунти месечно ако ѝ се придружи на Егзархијата – ова веројатно е пазарната вредност на првокласна македонска душа – или слободен премин во бесмртноста, доколку одбие. Тој одбил, и оттогаш живее во постојан страв, кој е потврден со судбината на другите. Со мудра комбинација на овие две методи – корупција и застрашување, бугарската пропаганда веќе успеала да придобие повеќе од ¾ на христијаните во градот, од нивната мајка црква. Тие веќе присвоиле една од двете цркви, и во времето на мојата посета се бореа напорно да ја земат и другата.“ Политиката на турските власти била да одржува добри односи со двете страни од кои тие примале поткуп.

Етничка структура на Балканот во доцниот XIX век, Pallas Nagy Lexikon, 1897.

И руските панслависти имале свој удел во оваа пропаганда. На Света Гора постоела долгогодишна борба меѓу хеленизмот и славизмот, а сесловенското движење напредувало, финансирано од Русија. „Жителите на селата близу устието на Струма ми кажаа дека не многу одамна руски поморски офицери истражувале дел од брегот и се изненадиле, слушајќи како се говори грчки во областа која пансловенските памфлетисти ги учеле дека е бугарска. Но, географијата не е единствената тема која се третира како политичко прашање во овој чуден агол на Европа. Во своите прокламации водачите на Славо-македонскиот комитет го сметаат Александар Велики за свој национален херој.

Во времето кога Абот патувал низ Македонија свеста на христијанските селани во османлискиот систем не била обликувана ниту со училишта ниту со војска, двете клучни институции преку кои модерната држава го пропагира националниот идентитет. Преминот на вековите е токму тој период кога носителите на модерната етничка политика, во селата сретнале еден преднационален свет, каде султановите христијански поданици имале чувство на припадност на една заедница дефинирана со религијата, а јазичните разлики биле помалку важни од нивната заедничка православна вера. Поради тоа, во официјалните истории на Балканот, кои им служеле на интересите на националните држави, не влегувале колебливите, двосмислени гласови на селаните. Роднинските, селските, регионалните и верските колективни идентификации биле за нив побитни од етничките.

Не само кај Абот туку и кај сите други набљудувачи однадвор, мултиетничката слика на Македонија, религиската фундираност на османлиската држава, преднационалната свест на голем дел од населението и делувањето на соседните пропаганди придонесувале за формирање на една матна претстава за етничката припадност на словенското население во Македонија. Тоа и не е за чудење, со оглед на тоа што македонската национална свест во тој период е во фаза на формирање, пред сè, во редовите на македонската интелигенција, буржоазија и револуционерното движење. Оваа свест не била сè уште јасно дефинирана меѓу широките народни маси и доминантното селско население.

Абот тешко се снаоѓа во динамичниот процес на формирање на националните идентитети, кои, според Смит, кај балканските нации се формираа врз база на предмодерните етнички идентитети или етнии, во процеси со кои демотските етнии се преобратуваат во етнички нации. Овој процес станува важна, дури и најбитна категорија меѓу колективните идентитети во XIX и XX век. Етничкиот идентитет, пак, според етнолозите, антрополозите и филозофите не е еднаш засекогаш зададена категорија. Според руските теории за етносот, западноевропските за етницитетот, етничките групи, заедници и категории, етниите и слично, се работи за променлива и динамична категорија која е производ на посебни историски сили и оттаму е подложна на историски промени. Етнијата е сѐ друго само не исконска, примордијална категорија. Етничката припадност, според Биенен, не се усвојува со раѓањето, и како што се менува религијата може да се смени и етничката припадност.

Етнографска карта на централна Европа и Балканот, La Science et la Vie 1918, Paris.

Очигледно, на Абот не му се познати овие категории, а не му е позната ниту дејноста на македонските просветители и преродбеници од XIX век, ниту пак на македонската револуционерна организација, кои несомнено ќе одиграат пресудна улога во етничкото себеосознавање и обособување на Македонците и ќе ги постават основите за формирање на македонската нација. Но, факт е дека дејноста на сѐ уште скромната македонска интелигенција во овој период не била доволно длабоко навлезена меѓу доминантната селска словенска популација во Македонија, за да може да биде препознаена преку „скромните искуства“ на овој истражувач.

Соочен со разноликоста на народи кои ја населуваат Македонија, каде „националноста е променлива категорија, со која таквите поими како чувство, крв или јазик имаат малку заедничко“, Абот има доволно доблест и научничка чесност да констатира дека припадниците на словенското население во Македонија се христијани кои зборуваат на словенски идиом, сомневајќи се дека не се работи ниту за Бугари ниту за Грци ниту за Срби.

Овој трпелив и вреден народ, како што го опишува Абот, кој ја користи својата фина интелигенција за да се самозаштити и преживее, станува цел на ловците на души на соседните пропаганди. Многу веројатно и овој лов на души придонел кај Македонците да се искристализира свеста дека се нешто сосема друго, поинакво од сите нив. Абот, кој е образуван и квалификуван истражувач, со релативно неутрален поглед однадвор, документирајќи ја актуелната состојба во Македонија, во овој турбулентен премин на вековите, преку конкретни и илустративни примери, дава една за нас скапоцена, иако не сеопфатна, слика за развојот на идентитетските процеси кај Македонците, како и пречките и предизвиците кои стоеле пред нив. Овие субјективни описи на интимната историја на Македонците во 1900 година, обезбедуваат разбирање на историските промени кои ќе настанат во првата половина на XX век - Илинденското востание, распаѓањето на Османлиското царство, балканските и двете светски војни, кои ќе бидат дополнителен импулс во мобилизирањето на народните маси во Македонија, во нивната етничка консолидација и градењето на колективниот македонски национален идентитет.

(кон првиот дел)

Извор: Спектар, меѓународно списание на Институтот за македонска литература, 57, Книга I, Скопје 2011

Слични содржини

Култура / Историја
Балкан / Култура / Теорија / Историја
Балкан / Култура / Историја
Балкан / Култура / Историја
Никола Гелевски
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото