Труењето на Скопје станува мистерија

06.11.2014 01:11
Труењето на Скопје станува мистерија

„Макстил“ запре, загадувањето продолжи

 

Огромни концентрации отровни ПМ10 честички се евидентирани во ноќните часови во скопските општини Гази Баба и Лисиче и откако челичарницата „Макстил“ во саботата го прекина производствениот процес.

Податоците од мерните страници, што ги објавува Министерството за животна средина, покажуваат дека дури пет дена последователно, заклучно со вчера, има надминување на среднодневните концентрации на ПМ 10 честички и тоа на мерните места во Гази Баба, Лисиче, Кичево и во Тетово.

Загадувањето во Лисиче во понеделникот во 19 часот се искачи на дури 400 микрограми ПМ10 на метар кубен, што е за 8 пати поголемо од дозволената концентрација од 50 микрограми. Загадувањето, според дијаграмот, почна да се намалува од 1 часот по полноќ. Вакви ноќни шпицови во загадувањето се евидентирани и во претходните ноќи.

Поблаго, но сепак значително повисоко од дозволеното, е загадувањето во Гази Баба и на мерното место „Ректорат“ каде што ПМ-честичките, испуштени ноќе, се меѓу два и трипати повисоки од дозволените.

Во Министерството за животна средина велат дека податоците за загадувањето не се изненадувачки.

Ние постојано повторувавме дека големите капацитети не се големи загадувачи. Загадувачи се домаќинствата, малите капацитети, градежните активности и сообраќајот. Кон сите нив институциите, согласно со своите надлежности, мора да делуваат – вели Сашо Секуловски, портпарол на Министерството за животна средина.

Под надлежност на Град Скопје се дури 39 објекти, кои подлежат на Б-интегрирана еколошка дозвола, а за кои во јавноста многу малку се зборува.

Упатените објаснуваат дека има и „мистериозни“ загадувачи, кои ноќе испуштаат темни облаци, но дека нема кој да реагира зашто нема инспектори за животна средина што вршат мерења ноќе.

Преку Министерството за здравство се обезбедија мобилни апарати за мерење на отровните материи директно од изворот на загадување, но потоа се покажа дека нашите лаборатории не се акредитирани за испитувањата и дека „фатениот“ воздух треба да се испрати во странска акредитирана лабораторија, но по претходно распишана меѓународна јавна набавка. Вакви испитувања се правени повеќепати, но резултатите од ниту едно не се обелоденети.

Што се однесува, пак, до загадувањето од градежните работи, неодамна и министерот за животна средина Нурхан Изаири ги повика градежните инспектори да видат на терен како градењето влија врз животната средина, зашто тоа е и обврска од Законот за градење. Упатените во градежништвото објаснуваат дека во развиените земји има постојан мониторинг на воздухот од градежните активности и тој се доставува до надлежните институции на дневна основа и ако има недозволено загадување, следниот ден не може да се продолжи со градба.

За загадувањето од сообраќајот, експертите по животна средина ги обвинуваат ниските еколошки стандарди за увезените возила.

Според Извештајот за квалитетот на воздухот за 2013 година, што го објави Министерството за животна средина, прв загадувач се домаќинствата и административните згради, кои со загревањето опфаќаат 38,42 проценти од вкупното загадување во Македонија со ПМ10 честички. Потоа се производствени капацитети со 17,4 проценти. Земјоделството учествува со 17,3 проценти, мобилни извори и машини - 15,1 проценти, енергетски објекти - 9,13 проценти, патен сообраќај со 2,4 проценти и третирање отпад со 0,1 проценти.

Извор: Слободен печат