Нивен термин

20.11.2014 12:27
Нивен термин

Мртва трка се води помеѓу Министерството за здравство и Агенцијата за државни патишта. Според последните извештаи, само на „Мој термин“ поминуваат повеќе пациенти отколку возачи на пофреквентните патарини. Ако тука се додадат и гласовите на тие што се јавиле во „Ало, докторе“, зашто и тие спаѓаат во ресорот здравство - нивниот број незапирливо расте од ден во ден, од медиум до медиум – тогаш дефинитивно станува јасно зошто Агенцијата размислува да воведе вињети, електронска наплата, што било само да нема задржување пред наплатните рампи, или барем да биде пократко од прегледите во лекарските ординации или од тоа за чекање да се добие на телефон дежурниот специјалист.

„Терминијадата“ урива рекорди: специјалистка по пластична хирургија прегледала 92 пациента, а нејзин колега од дигестивна 75 - во еден ден! Како е можно и каква врска има тоа со какво било лечење? Бидејќи власта има болна, речиси патолошка потреба од броење и пребројување секаде и во секоја сфера (игралишта, фискални, елаборати, пензионери, споменици...), оваа реформска операција беше со цел и здравството да го направи мерливо, да го претвори во бројки. А за да можат сите да ги сфатат успесите, таа ги претвори медиумите во огласни табли на кои фали (барем засега), освен имињата на дежурните лекари да се запишуваат и на тие што им се јавиле. За да се постигне тоа, министерот мораше со штоперица да го одредува и да го мери времето потребно за преглед, да ги тера лекарите не да се посветат на лекување, туку на регистрирање пациенти. Нездраво, во секој случај.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња