Неодговорни и преоптоварени

26.11.2014 10:34
Неодговорни и преоптоварени

Во Фергусон, предградие на Сеинт Луис, избија насилни немири откако беше објавено дека бел полицаец нема да биде обвинет за убиство на црн тинејер. Дали можеше да се смета на тоа?

 

Во случај на недоумица, пресуди во корист на обвинетиот. Големата порота на крајот се одлучи против покревање судски процес. Очигледно имаше премногу противречни изјави на сведоците. Немаше докази дека полицаецот Дарен Вилсон делувал невнимателно или го прекршил законот. Во едно соопштение Вилсон се правда за убиството на 18-годишниот младич. Работел, вели, онака како што е обучен. Неговите зборови звучат студено и самоуверено. Сторителот се претставува себеси како жртва. Би било подобро да молчеше.

Полицајци од втор ред

Така само додава сол на рана - им отежнува на Афроамериканците, и тоа не само во Фергусон, да ја прифатат одлуката на поротата. Дарен Вилсон сигурно не е оној кој може да собере симпатии. Тој го претставува она што и онака постои во вид на предрасуда за американските полицајци ширум светот: прво пукаат, па потоа прашуваат. Лошото кај некои предрасуди е што понекогаш се вистинити.

Статистиката јасно покажува: претераното полициско насилство против Афроамериканците во САД останува проблем, дури и ако американските граѓани радо го потиснуваат. Обуката на полицајците делумно има недостатоци. Таа воопшто не одговара на стандардот кој важи, на пример, во Германија. Незамисливо е некој да не е добар за работа во Франкфурт, а истиот да смее да ја работи таа работа во Лудвигсхафен. Токму тоа се случува во сојузната американска држава Мисури: добрите полицајци смеат да патролираат во Сеинт Луис. Оние помалку добрите - ова сакаме љубезно да го формулираме - смеат да се „докажуваат“ во социјалните жаришта како Фергусон. Таму чуварите на редот се од „втора класа“ и се полошо платени. А тоа баш и не е некој мотив.

Нови расни немири?

Смртта на Мајкл Браун е повеќе од трагедија, повеќе од поединечен случај во кој преоптоварен полицаец се фаќа за оружје. Слични случаи има речиси секојдневно во САД, но само за некои се известува. Случајот на Мајкл Браун има потенцијал да предизвика расни немири ширум зејата. Многу зависи од тоа како кон проблемот ќе се однесуваат политичарите. Тоа пред сè зависи од претседателот Обама и другите во Вашингтон.

Провинциските политичари во Мисури доволно пати покажаа дека се безнадежно преоптоварени - на пример, гувернерот Џеј Никсон. Во едно од интервјуата тој не можеше да одговори на прашањето кој е на крајот одговорен за безбедноста во Фергусон. Никсон премногу пелтечи, па на крајот му се потсмева цела нација. Па ни надлежниот јавен обвинител Роберт П. Мекалоу баш не блеска. Веднаш по смртта на Мајкл Браун многумина му префрлија на јавниот обвинител дека е пристрасен. Причина: таткото на Мекалоу бил полицаец кој бил убиен од Афроамериканец. Затоа Мекалоу одлучи да ги претстави сите докази пред поротата, според мотото: вие одлучете. Би било подобро ако случајот му се препуштеше на специјалниот јавен обвинител. Тој би ги преиспитал доказите со поротата. Мекалоу го одби тоа. Можеби затоа што е суетен, можеби поради погрешно чувство на должност. Така на крајот не ѝ направи услуга на својата земја. Серијата случаи на преоптоварени локални политичари од Мисури би можела да продолжи - градоначалникот на Фергусон е само еден од многуте. Навистина, против некомпетентноста на политичарите може да се направи малку. Затоа граѓаните се тие кои мораат да изберат нови претставници.

Меѓутоа, разочарувањето од политиката и правосудството во САД не може да биде оправдување за насилните немири, на кои за жал сме сведоци. Местото за оние кои ограбуваат продавници и палат автомобили е во затвор. Жителите на Фергусон би требало да се запрашаат што можат самите да направат за да се смири напнатата ситуација. Родителите на Мајкл Браун се добар пример: тие повикуваат на мир и мирољубиви акции. Слично постапуваат и претставниците на месните цркви, синдикати и невладини организации. Сите тие во овие тешки денови носат посебна одговорност.

Извор: Deutsche Welle

Слични содржини

Свет / Живот

ОкоБоли главаВицФото