Од хонорарите голем смут, а само трошки во државната каса

29.11.2014 11:43
Од хонорарите голем смут, а само трошки во државната каса

Дополнителната давачка за плаќање придонеси за пензиско и здравствено осигурување за хонорарни соработници во износ од околу 25 проценти, сериозно ќе загрози некои дејности каде што е карактеристична договорната работа, какви што се медиумите, лекторирањето, преведувачката дејност... Но, со нивните пари ќе се освежат испразнетите каси на фондовите, иако математиките покажуваат дека ова се трошки во однос на дупките во фондовите за пензиско и за здравствено осигурување.

Според последните податоци на Управата за јавни приходи, а кои се однесуваат за 2012 година, хонорарно ангажирани биле 125.000 работници, кои оствариле околу 190 милиони евра хонорар. Или, конкретно по основа на договор за повремено вршење услуги, поднесени се 100.617 даночни пријави за приход од 127,6 милиони евра. За остварени приходи од авторски права и права од индустриска сопственост се поднесени 25.237 даночни пријави за 62,5 милиони евра.

Досега за овие 190 милиони евра хонорар се плаќаа 10 проценти персонален данок, а во зависност од хонорарната дејност имаше и даночни ослободувања од бруто-износот што може да бидат и 60 проценти. Според новата регулатива од 2015 година, треба да се платат придонеси за пензиско и за здравствено осигурување, но само ако хонорарите се над минималната плата, која сега е 8.800 денари. Така, не може да се направи точна пресметка за тоа колку овие хонорарци би платиле за пензиско и за здравствено осигурување, ако новата регулатива би важела и пред три години, но колку за ориентација, ако на целиот износ се платат околу 25 проценти за придонесите, во касата на фондовите би се инкасирале 48 милиони евра, и тоа околу 34 милиони евра за Фондот за пензиско и околу 14 милиони евра за здравствено осигурување.

Во Фондот за пензиско осигурување, пак, од година во година од државната каса се префрлуваат сѐ повеќе пари. Според податоците од Фондот за пензиско осигурување, во 2013 година Фондот остварил вкупно 830 милиони евра приходи, од кои од државната каса се префрлени повеќе од 340 милиони евра, а другите пари се главно од придонесите на вработените. Дури и за сите хонорари, независно од нивниот износ, да се плати придонесот, државата ќе успее да спаси еден месечен трансфер од Буџетот во фондот.

Во Фондот за здравство за годинава се планирани 380 милиони евра. Минатата година, пак, приходите на Фондот изнесувале околу 360 милиони евра, а според извештајот на Фондот, 89,37 проценти од парите дошле од придонесите. Полнењето на касата на Фондот за здравство со парите од хонорарците се смета за најспорен дел во новото законско решение. Оние што дополнително имаат хонорари, а веќе се вработени, и покрај тоа што веќе плаќаат за здравствено осигурување, пак ќе ја имаат истата обврска, и тоа за истите здравствени услуги. Хонорарците што, пак, имаат повремен ангажман, за месеците кога хонорарно работеле ќе имаат здравствено осигурување, за другите не. Од друга страна, според регулативата, сите што оствариле годишни приходи од над 96.600 денари во претходната година, месечно треба да издвојуваат по 1.125 денари за здравствено осигурување, ако сакаат да бидат осигурени. Оние, пак, со годишни приходи над 185.447 денари треба да издвојуваат по 2.256 денари. Па, барем според сегашната регулатива, и во овој случај може да се случи двојно плаќање на здравственото осигурување, еднаш како хонорарец и еднаш според пријавените лански приходи.

Извор: Слободен печат
Слики: Paolo Curcio