Уставните судии ќе решаваат за придонесите на хонорарците

24.01.2015 11:57
Уставните судии ќе решаваат за придонесите на хонорарците

Конфузија на закони, нееднаков третман на граѓанитете, правна несигурност, се дел од аргументите на граѓанскиот сектор, преточени во Иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредби од пет закони со кои се уредува плаќањето на пензискиот и здравствениот придонес на хонорарците.

На дебатата што вчера ја организираше Институтот Отворено општество - Македонија, свој придонес во докомплетирање на иницијативата дадоа правните експерти, но и засегнатите чија хонорарна работа од први јануари подлежи на големи давачки.

- Во Законот за придонеси од задолжителното социјално осигурување се опфатени сите можни категории граѓани, па се случува еден ист осигуреник, по една иста основа, да плаќа повеќепати, без да добие некои дополнителни права - појасни Нада Наумовска од Иннститутот Отворено општество.

Иницијаторите за преиспитување на уставноста на плаќањето придонеси, потенцираат дека не се оправдани аргументите според кои придонесите се наплатуваат за да се намали невработеноста, односно дека и хонорарците ќе се стекнат со права што произлегуваат од плаќањето придонеси.

„Законодавецот погрешно ги изедначува лицата што извршуваат работи по договор за дело, авторски или друг договор со оние што се во редовен работен однос, односно погрешно претпоставуваат дека сите луѓе што извршуваат работи врз основа на вакви договори, се всушност фиктивно вработени лица“, пишува во Иницијативата.

Иницијаторите потенцирале и дека законодавецот пропуштил оти постои непостојаност на приходите од хонорари, различна динамика на исплати, која може но и не мора да биде на месечна основа, несигурност на ангажман, можност за раскинување на договорите, можност за уплата на помала сума од првично договорената, ангажирање одреден број работни денови со договор што трае неколку месеци па и година или повеќе.

Професорот Светомир Шкариќ вели дека не е голем оптимист дека Уставниот суд позитивно ќе одлучи за иницијативата и покрај добрите аргументи.

- После промените на уставните судии во 2012 година, Уставниот суд е блокиран и може многу лесно да се случи иницијативата да биде одбиена. Дури и ако биде одбиена, а ако се даде образложение, а не само техничко одбивање, половина сте успеале - им порача на иницијаторите Шкариќ.

Тој истакна и дека една иста материја - работни односи - се регулираат на различни начини.

- Законите се во конфликт едни со други. Законите што брзо се менуваат се во војна меѓу себе - рече Шкариќ.

Стамен Филипов, кој на јавноста ѝ е познат по тоа што често поведува иницијативи пред Уставниот суд, рече дека веќе постои законска одредба со која се спречува злоупотребата на хонорарно место редовно вработување. Имено, според Законот за работни односи, работодавачот може да склучи со некого договор на дело само поради вршење работи што се надвор од дејноста на работодавачот или за културно-уметнички работи со лице што врши културно-уметничка дејност. Во пратика ова значи дека градежна компанија не може хонорарно да ангажира градежници. Но, многу професии, како преведувачи, филмски работници и други, имаат таква работа чија природа бара повремени ангажмани.

Авторските агенции се судриле со огромна конфузија во практика

Ванчо Дамјански од авторската агенција „Берин“ вели дека не добиле никакви упатства и дека и покрај тоа што се обратиле до надлежните институции, никој ништо не им одговорил.

- Се соочуваме со голема конфузија во практика. Немаме никаква соработка со институциите и не знаеме како да постапуваме со корисниците. Оној што зема хонорар под минималната плата, сега ќе земе повеќе пари од оној што зема малку над минималната плата, затоа што за неговите пери се плаќаат придонеси. Баравме придонеси да се плаќаат на разликата од минималната плата до нивниот износ, но никаков одговор не добивме - вели Дамјански.

Извор: Слободен печат
Слики: Sinisa Botas