Апаши, нема да ви платиме, уште помасовно ќе се вратиме!

23.12.2014 18:13
Апаши, нема да ви платиме, уште помасовно ќе се вратиме!

Со скандирање „Правда, правда, социјална правда“, „Нема правда, нема мир“, „Апаши“, „Лебот ни го земате“, неколку илјади хонорарци, граѓани од сите професии и возрасти, вчера во Скопје го изразија својот револт против владата, која реши по Нова година да им наметне давачка од 35 проценти од висината на хонорарот за плаќање придонеси за пензиско и здравствено осигурување.

Оваа давачка се однесува на секој поединечен хонорар или, пак, на повеќе хонорари што заедно во текот на месецот ќе надминат 9.600 денари, колку што од јануари треба да биде загарантираната минимална плата, независно дали хонорарецот е веќе вработен или, пак, хонорарната работа му е единствен приход.

Протестот на хонорарците, на кои им се придружија и студентите, но и сите граѓани што се против постојаното зголемување на давачките, почна точно напладне во паркот „Жена-борец“ спроти Собранието. Потписниците на Повелбата за солидарност застанаа пред споменикот на Прометеј и ѝ порачаа на владата дека вечниот оган што гори, уште повеќе ќе се распламтува и ќе ја храни нивната борба против „рекетот“ што таа им го наплатува.

- Владата нека нѐ сфати сериозно. Ние нема да дозволиме уште повеќе да нѐ осиромашува. По Нова година, кога од хонорарите ќе се одбиваат 35 проценти, зашто тие во најголем дел ќе паднат на грбот на работниците, нашите протести ќе бидат уште помасовни и уште порадикални - рече Марјан Ристевски од Конфедерација на синдикални организации.

Долгата колона демонстранти, во која имаше и родители со бебиња во колички, застанаа пред „Порта Македонија“ и со силно „Уааа!“ кажаа што мислат за давачките што ќе треба да се издвојуваат од џебот на граѓаните. Преку транспарентите што ги носеа, тие ја прашаа владата колку од нивните хонорари ѝ требаат за да си изгради панорамско тркало.

Пред зградата на владата, хонорарците ги повикаа тие што седат зад барокната фасада од стиропор да излезат и да видат колку народ дошол за да го изрази своето незадоволство.

- Овие зад оваа фасада ни го упропастија здравството. Сега сакаат хонорарците да го подобрат, но дури и да им земат од нивните пари, подобро здравство нема да видиме. Тие пари ќе ги искористат за оваа фасада. Ако сакаат да си ја градат, нека тоа го прават од свои пари. Ако ова е демократија, тогаш нека го слушнат гласот на народот, ако не е, нека кажат што ѓубриња се - со вперен прст во владата, рече Здравко Савевски, член на движењето за социјална правда „Ленка“.

Савевски нагласи дека со законската обврска за плаќање хонорари уште повеќе ќе осиромаши народот, многумина што сега се во редовен работен однос, газдите на фирмите ќе ги префрлат во хонорарци, а наместо нови вработувања, ќе се склучуваат хонорарни аранжмани.

За граѓанскиот активист Петрит Сарачини сево ова се случува затоа што зад стиропорот на владата се крие Калигула, кој брца во џебот на народот.

На протестот, хонорарците директно ги прозваа министрите за труд и социјална политика Диме Спасов и за финансии Зоран Ставрески. Како што се очекуваше, никој од владините претставници не им се обрати на незадоволните и револтирани граѓани.

Чаусидис: Кога сакаат да тепаат, нѐ замолчуваат

Голем дел од новинарите работат хонорарно и се држат на кус синџир, а владата си има свои реални шоуа, како што е нејзината отворена седница, рече Тамара Чаусидис, претседателка на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

- Нема да дозволиме дополнително да нѐ осиромашат. Нѐ има новинари, преведувачи, професори, лекари, осиромашени од сите еснафи. А владата кога сака да тепа, прво на новинарите им ја затнува устата да нема кој да каже дека ве боли - рече Чаусидис.

Хонорарците фрлаа парички пред владата

Револтирани од давачките, хонорарците решија да дадат уште еден придонес за испразнетата здравствена и пензиска каса која, според нив, е во таква состојба токму поради владата, па пред нејзината зграда фрлаа метални парички.

- Еве го нашиот придонес, еве им уште некој денар, да не им биде малку придонесот од 35 проценти - довикуваа хонорарците.

Извор: Слободен печат
Фотографии: Ванчо Џамбаски