Тие со најниски плати плаќаат најголеми придонеси?!

01.12.2014 01:50
Тие со најниски плати плаќаат најголеми придонеси?!

За сите што земаат минимална плата од 8.800 денари, основицата за пресметка на придонеси е 15.451 денар или речиси двојно повеќе од нивната плата! Ваквото законско решение, според кое основица за пресметка на придонесите за пензиско и за здравствено осигурување е половина од просечната бруто-плата, таа што ја објавил Заводот за статистика, долги години им создава проблеми на газдите, ги осакатува платите на работниците, а сега таа состојба ќе се преслика и кај хонорарците. По Нова година, за хонорарите што се повисоки од минималната плата ќе се плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување. Но, пак, најмалата основица може да биде половина од статистичкиот просек за бруто-плата.

Согласно со ваквата регулатива, тие што имаат најмали примања, во Македонија плаќаат најголеми давачки. Така, за минимална плата од 8.800 денари давачките се 4.340 денари, што значи дека платата се оптоварува со дополнителни 49,3 проценти. Ако, пак, пресметките се прават на реалниот износ што го добиваат работниците, а не на половина од просечната бруто-плата, тогаш оптоварувањето ќе биде за 6 проценти помало и давачките ќе беа 3.788 денари. Согласно Анкетата за работна сила за 2013 година што ја објави Државниот завод за статистика, нето-плата помала од 15.451 денари земаат половина од работниците.

Бројките за придонеси и за персонален данок со години ги збунуваат работниците, затоа што оптоварувањето на нивните плати е далеку над очекувањата. Законски сите придонеси (за пензиско 18 проценти, за здравствено 7,3, за вработување 1,2 и за професионални заболувања 0,5 проценти) се 27 проценти, а се плаќа и 10 проценти персонален данок, односно за платите има вкупни давачки од 37 проценти. Но, платата што ја добива еден работник е оптоварена многу повеќе од 37 проценти, затоа што сите придонеси се плаќаат на бруто-плата! Или, за нето-плата од 17.153 денари, бруто-плата е 25.000 денари и основицата за плаќање на давачките се овие 25.000 денари.

Со концептот за пресметки од бруто кон нето-плата, ни персоналниот данок не е 10, туку е 11 проценти. Ние ова обично го нарекуваме „грчка математика“. Процентите се тие, ама сѐ зависи на која основица ќе ги пресметуваме. Тука не постојат некои европски сметководствени стандарди за пресметка, туку секоја земја поединечно си утврдува стандарди за примена – вели Горан Рафајловски од консултантската куќа „Рафајловски консалтинг“.

Покрај персонален данок, по Нова година за хонорарите над минималната плата, задолжително е плаќањето на придонесот за пензиско и за здравствено осигурување. Но, според реакциите на работодавачите, овие давачки ќе паднат на грбот на хонорарците, а основица за плаќање придонеси повторно е бруто-приходот. Во законот што го регулира плаќањето на придонесите е наведено дека основица за плаќање е бруто-надоместокот утврден во договор за дело, за авторски или за друг договор.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња