Интервју со Драган Протиќ од Шкарт

03.02.2010 13:29
Protic3.JPG

Фестивалот на поезијата насловен како „Песничарење“ полека преминува во можеби највозбудливиот литературен фестивал во регионот. Како и со која намера ја почна целава оваа работа?

- Како дете со години испраќав песни до разни книжевни редакции, но десетина години (навистина!) не добивав никаков одговор. Секако, песните беа детски препотентни и несмасни, но да не се добие никаков одговор беше навистина обесхрабрувачки. Потоа Жоле и јас го оформивме Шкарт и, меѓу другото, одлучивме со поезија да се позанимаваме на некој поинаков начин, самиздатски, со акции, со перформанси, со дизајн. Од сите тие искуства, еве, дваесет години подоцна – некој би рекол предоцна, хахаха, но не е предоцна, не е – одлучивме тој простор да го отвориме и за други отфрлани, незапишани, невешти, задоцнети и невклучени. Поезијата на музичката сцена рамноправно е презентирана и со објавените поети. За слепите поети веќе да не и’ читаат само на слепата публика, а панкерите на панкерите. Предолго живеевме во гета. Накусо – се извинувам за одолговлекувањето – „Песничарењето“ е обид за дегетоизирање на малите литературни форми.

Дали очекуваше публиката толку добро да реагира ако се земе предвид дека тоа, на крајот на краиштата, е сепак поетски фестивал, а поезијата е традиционално непопуларна и речиси никој не ја чита?

- Сè е во пристапот. „Песничарењето“ се потпира на различните претходници и посестрими: open mike и slam формите на западните култури – некогаш кај нас тоа се викаше „поклони се и почни“ и „микрофонот е ваш“ – и поп концертите, значи еден „слободен стил“ и крајно неакадемски пристап кон поезијата донесе навистина изненадувачки број упорна и охрабрена публика. Да, и ден денес редакцијата си мисли дека никој нема да дојде, а има сè повеќе луѓе... нема каде да се седне... чудно...

Колку „Песничарења“ се одржани досега и кога се одржа првото? Каква атмосфера владееше на првиот фестивал во однос на сегашната атмосфера?

- Досега се одржани четиринаесет „Пеничарења“. Дизајнерската група „од-до“ нè повика да изложиме наше дело на нивната изложба во галеријата „Озон“ на 28 октомври 2008 година. Ние наместо тоа предложивме да направиме поетски фестивал. Ги повикавме сите поети од хорот „Проба“ и, на сеопшто изненадување, дојдоа толку луѓе што немаше место да се влезе. Експериментот го повторивме во истиот простор еден месец подоцна и беше уште пополно. Потоа преминавме во „Рекс“. Песничарењето, значи, настана со случаен настап на членовите на хорот „Проба“ на дизајнерска изложба. Вистински поетски почеток. И настапите на поетите и реакцијата на публиката беа срамежливи, но се заврши со чудна желба сите колку што е можно поскоро да се сретнеме и нешто да размениме. Веројатно е препознаена некаква глад за таков вид отворање.

Го спомна влијанието на slam и open mike фестивалите. Дали има нешто што „Песничарењето“ го разликува од тие слични читања на поезија во живо?

- „Песничарењето“ го правевме во Лондон, во галеријата „Спејс“. Претходно ги баравме потенцијалните учесници низ разни дупки. Повикавме и седумдесет годишна балерина со „сомнително минато“, и срамежлив кантавтор, и ѕвездите на групата „Apples and snakes“, тамошните песничари, и човек кој црта по гуми за џвакање... Накусо, повикавме разни луѓе кои се претставуваа на разни луѓе... И самите рекоа дека ова им е нешто сосема ново... Затоа што и slam и open mike се гетоизирани на свој начин. Би требало да имаш дваесет и три години за да останеш до полноќ во open mike дупките. Или и самиот да си избран поет затоа што поетските вечери служат за исти луѓе да им читаат на исти луѓе... Значи, си го поставивме прашањето: Кои се тие „други“ кои би можеле да учествуваат и која е таа друга публика која тоа може да ја инспирира. Обраќање кон другиот, а не кон себеси. Тоа, се разбира, е ризично, зашто не го познаваш оној другиот. Посигурно е да повикаш „свои“, па потоа да отидеш на пијачка во паб... Ние после секое „Песничарење“ сме толку потрошени што сите се разбегуваме по дома... во тишина... и нов ризик...

Како се учествува во „Песничарењето“? Кои се уловите?

- Учесниците сами се пријавуваат преку сајтот pesnicenje.org. Тие самите ги предложуваат следните учесници, со што мрежата бескрајно се шири и отвора во непредвидливи насоки. Еден учесник, на пример, неодамна ја предложи жената која неговата мајка, веќе во пензија, прва ја затекнала на работа, госпоѓата Драгмила. Неколку учесници самите ние ги повикуваме, наоѓајќи ги низ разни кружоци. Тука е и одличната нова музичка сцена, од која секогаш повикуваме некој претставник. Сега се вклучуваат и ликовни уметници и дизајнери... ќе биде интересно....

А како стојат работите во регионот? Дали настапуваа луѓе од соседните земји и, од друга страна, дали има во план евентуални гостувања на „Песничарењето“ низ регионот?

- Имавме гости од Загреб, Сплит, Сараево, Скопје. Секогаш тука се наоѓа и некој надвор од Белград. Странците поминуваат кога се во Белград. Сè уште работиме без средства, така што немаме никакви пари за покривање на трошоците за пат (за волја на вистината во последно време ни остануваат малку пари од картите, со што покриваме неколку карти за соседните градови). Досега имавме „Песничарење“ во Лондон, Рига, Врање, Лесковац, Нови Сад. Многу се заинтересирани, но треба да се најде вистинската формула која малку чини, ние сега за сега во врска со ова сме блокирани... Заборавив да го спомнам Панчево...

Интересно е што парите собрани од продажбата на влезниците се за подготовка и печатење на поетските книги. Како избирате чии збирки ќе ги објавите и каде можат да се купат овие книги?

- Тоа е една од малите „традиции“ на самиздатите, но истовремено и пример за другите кои постојано се жалат дека „нема пари, нема разбирање“ за авторските иницијативи. Прва збирка песни е збирката записи на Тамара Петровиќ која воопшто и не е поетеса. Еден нејзин другар ја советувал „тука и таму да стави ентер, па голема буква“, па таа го направи тоа. Тоа е и насловот на нејзината книга. Во првите десет книги се застапени поети на кои ова им е прва книга или кои се покажаа како одлични песничари. Изборот го прави десетчлена редакција. Интересно е тоа што во редакцијата исто така се наоѓаат не-поети, од архитекти до филозофи и музичари. Книгите никаде не можат да се купат. Се делат бесплатно на самото „Песничарење“. Веќе има колекционери кои ги бараат претходните изданија, кои веќе се разделени.

Дали „Песничарењето“ е проект на Шкарт или нешто покрај тоа и каков е односот на Шкарт и „Песничарењето“? Понатаму, вие пред сè сте дизајнерска група, иако давате сè од себе да избегнете какви било лесни дефиниции и класификации. Се занимававте со визуелни работи, со дизајн, но и со музика (Хорхешкарт), па еве, и со организација на поетски фестивал. Каква е врската меѓу сите тие разновидни нешта што ги правите? Дали воопшто има врска?

- Иницијативата, формата и насловот „Песничарење“ го смисливме ние во Шкарт. Сите подоцнежни содржини на месечниот фестивал се производ на (тајните, хахаха) редакциски состаноци. За среќа во самото „Песничарење“ Шкарт останува невидлив, освен што понекогаш јас ја водам програмата (а тоа го прават и другите членови на редакцијата“. Го спомена Хоркешкарт како музички Шкарт-простор. Би се вратил чекор наназад. Интересно е што првите независни изданија кај нас ги направи и ги уредуваше Слободан Машиќ, архитект, значи некој „од другата страна“. Нас во Шкарт отсекогаш нè привлекуваше таа „друга страна“. И самите „обликувани“ на Архитектонскиот факултет, постојано влегуваме во туѓи дворови. И Песничарењето е дел од тој „туѓ“ простор, веројатно работа со која би требало да се занимава некој друг, но, ете, сите тие кои отсекогаш ги чекаме повеќе сакаат да работат во своите сигурни фиоки.

На крајот, еве нè во новата деценија. Како ја замислуваш? И кои се плановите за „Песничарење“ во непосредната иднина?

- Веќе долги години мојот пријател Бранко зборува: „Е, не давам да ми одземат уште една година“. Се надевам дека и тој сега конечно ќе престане. Локално, ова ќе биде деценија на проветрување, на конечен слободен од и соочување со нашата неважност во поширокото опкружување. Глобално, ова ќе биде деценија на проветрување, борба за нова надеж, еколошка, политичка... „Песничарењето“ продолжува понатаму. Баш денес имаме состанок. Поетесите и поетите веќе вежбаат. Дојдете да ги поддржите!

Извор: novossti.com