Државен удар врз државата

04.02.2015 06:19
Државен удар врз државата

Никола Груевски, од позицијата премиер, ја активира првата бомба со што и официјално го почна - го прогласи за отворен - долгонајавуваниот, очекуван и до тој момент полутајниот бомбашки процес во Република Македонија. Додека трае препирката дали со тоа спречил пуч, државен удар, односно некој - опозицијата - насилно да му ја преземе власта, како никој да не сака да се занимава со нешто што е речиси сигурно, извесно, за што не е потребна ни дебата, ни лексикон, ни враќање во историјата, па дури ни експертско мислење: бомбата на премиерот е разорен удар врз државата. Најтежок од нејзиното постоење.

Експлозијата направи парампарче, ги разнесе и најмалите илузии - кои, без разлика на сè, сепак постоеја - дека институциите на државата се државни, а не на партијата, односно на фамилијата на власт. Таа целосно ги уништи и теоретските шанси за каков било контакт помеѓу власта и опозицијата, што нема да биде борба на живот и смрт, така што големо прашање е дали објавената војна со бомби може – кога и како – да продолжи со други, односно со политички средства.

Давеникот-државникот се обидува да се фати за столбовите што би требало да бидат најцврсти во одржувањето на стабилноста на земјата. Сега ќе зажали што направи сè за да ги претвори во сламки. Бидејќи чувствува дека падот е неизбежен, се држи само на девизата: после мене - потоп. Затоа, за одмазда, реши да повлече во амбисот сè што може да досегне неговата, но и долгата рака на партијата. Државата, пред сè.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото