Каранфил-уста

28.02.2015 13:14
Каранфил-уста

Каранфил-уста ја викаа сите,
само за љубов, само за љубов,
Каранфил-уста ја викаа сите,
само за љубов денот ѝ беше битен.

Тукушто се симна во Сан Иларио,
почна низ село насмевки да сее,
и кој ја погледна, веднаш сфати
дека калуѓерка сигурно не е.

Некои само од досада љубов водат,
на други занает им е да не велат не,
Каранфил-уста ни едно ни друго,
таа од страст правеше сè.

Но страста често води кон тоа
да се дојде до ќеф по секоја цена
без да се провери дали бендисаниот
е со слободно срце или има жена.

Така, ден за ден, Каранфил-уста
со насмевката своја и погледот меден
го собра гневот на сите кучкици
чијашто коска под себе ја зеде.

Но селанките по природа се такви,
немаат баш талент за иницијатива,
затоа долго време како противмерка
немаа ништо освен лутина дива.

Се знае дека човек добар совет дава
за да се почувствува како Исус страден,
се знае дека човек добар совет дава
штом веќе не може лош пример да даде.

Така, една грбава стара мома
ни мажи на ум, ни деца дома,
си припиша право на подвиг важен –
на жените совет да им каже.

Ги погледна дрско прелажаните в очи
и процеди зборови што влеваа почит:
„кривично дело е крадењето на страста -
рече - ова треба да го реши власта“.

И овие оттрчаа брзо-брзо кај кметот
и рекоа без многу да парафразираат:
„гнасата ептен претера со муштерии
ко на воденица кај неа се збираат“.

И ете веднаш четворица жандарми идат,
со пушките в раце, со пушките в раце,
и ете веднаш четворица жандарми идат,
со пушките в раце, што има да видат.

Цајканите, како што знаеме сите
не се особено чувствителен сој
но кога Каранфил-уста до возот ја испраќаа,
како да се збогуваа со животот свој...

На станицата набрзо се насобра народ
од кметот до оние од бога заборавените,
на станицата набрзо се насобра народ
со шапките в раце и со очи вкрвавени,

да се поздрават со онаа што на кратко
без ни еднаш да побара да ѝ се плати
да се поздрават со онаа што на кратко
во селото нивно љубовта ја врати.

А врз еден жолт картон со црно
некој напишал за очи да боде:
„Збогум и среќно, Каранфил-уста,
со тебе и пролетта наша си оди...“

Но, јасно е дека вестите лесни
немаат потреба од никаков весник:
од усти излетуваат како од лакот стрела
и брзо се шират низ градови, села.

Така, во следното село, на станицата
уште поголема беше турканицата:
некој праќа бакнеж, некој фрла цвеќе
а некој ете и си закажал веќе.

Дури и попот, кој иако се женил,
па претпочита масло, крпа, или пара,
и минливата убавина знае да ја цени,
па за богослужбата пред себе ја бара.

Со Дева Марија зад себе, на иконата,
а пред себе Каранфил-уста, насмеана сета
проповеда тој, сред екотот на ѕвоната
за љубовта профана, и за љубовта света.

Препев: Живко Грозданоски
Мурал: Алесандро Морино

Извор: bulevarosloboduvanje.weebly.com

ОкоБоли главаВицФото