Рипрап*

15.03.2015 13:38

Положи ги зборовиве
Пред својот разум како камен.
     сместени цврсто, со раце
При бирањето место, стави ги
Пред телото на разумот
     во простор и време:
Полнотијата на кората, листот или ѕидот
     рипрапот од ствари:
Свиокот на млечната патека,
     скршнувањето на планетите,
Песниве, луѓево,
     изгубените пони коњи
Со товарни седла -
     колебливите траги од сигурен чекор.
Световите како бескрајна
     четиридимензионална
Игра Го.
мравките и измазнетите камења
Во плитката глина, секоја карпа еден збор
     камен од поток испран
Гранит: вжиличен
     во маката од оган и тежина
Кристал и седимент споени во врелина
     сосема преобразени, во мислите
Исто толку добри колку и стварите.

*Riprap (англ.) - темел или потпорен ѕид од кршлив камен, како и самиот материјал. (прев.)

Оригиналната песна

Гари Снајдер на Окно:

Што треба да знаеш за да бидеш поет

Гари Снајдер (Gary Snyder, 1930), американски поет, роден во Сан Франциско. Студирал антропологија, ориентални јазици, будизам. Работел како морнар, шумар, дрвосечач, но потоа работел и како професор на повеќе универзитети. Објавил над триесет стихозбирки. Објавил и повеќе книги патеписи, антрополошки студии, преводи на поезија и филмски есеи.
Тој е поет кој ги застапува архаичните вредности на природата и животот: магијата на животните, силата на визијата во самотија, застрашувачките иницијации и повторното раѓање, љубовта и екстазата на играта, заедницата како древно племе - наспроти нерамнотежата и незнаењето на нашето време.

ОкоБоли главаВицФото