Ортома

16.03.2015 10:55
Ортома

Абе, знаеш како е, како пластично, долго е и само се стега како ортома – отприлика вака некако, сликовито, да не кажеме пластично, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски наводно му го објаснувал механизмот за затворање на кесите во кои се чувале изборните списоци по гласањето од општина Центар на Сашо Мијалков. Работата, наводно, била да се пронајде човек во МВР, кој ќе може незабележително да ги отвори кесите, да ги собере списоците и повторно да ги затвори. Без оштетување на ортомите!

Во суштина Јанакиевски е во право кога механизмот го споредува со ортома. Ортомата е исплетено јаже. Тоа значи дека мора да има најмалку две влакна (конци) од коноп, лен или некој сличен материјал од кои веќе се прават јажиња. Се разбира, со пробивот на пластиката, се произведуваат и пластични ортоми, иако претпоставуваме дека механизмот за затворање на кесите не е пластична ортома, туку „како ортома што е“. Сепак, првенствената асоцијација за ортомата е дебело, испреплетено јаже, односно коноп, а ако се мисли на друг материјал, тогаш редовно се нагласува („пластична ортома“).

Ортомата може да служи за многу работи, па и за врзување кеси и други амбалажи. Една од асоцијациите за ортома е и јаже за бесење, па со тек на време зборот „ортома“ станува синоним и за бесилка. „Да си донесеме ортоми или вие ќе ни дадете“ е познатата поента на еден виц кој говори за наводната кроткост на македонскиот народ и неговиот висок праг на толеранција. Во таа смисла, можат да се набројат и некои слични поговорки што ја користат ортомата со ова значење: „Кој од кол, кој од ортома“, што значи собир на лоши ликови, најчесто криминалци; „Од кол на ортома“, со значење дека ништо не се променило на подобро, односно состојбата е подеднакво катастрофална; „Сам си ја влече ортомата“ – работи нешто за што ќе биде казнет, сам ги поднесува последиците; „Се бесат на една ортома“ – работат заедно, работат на иста работа, делат иста судбина; „Симнат од ортома“ – криминалец, најчесто некој што ја избегнал казната; „Го држи на ортома“ – го држи под контрола.

Според некоја асоцијативност, спомнувањето на ортомата во два разговора од телефонските разговори што го презентира лидерот на опозицијата, можат да се толкува и низ некаква социо-психолошка призма – истата ортома што требаше да ја одврзат, ќе им се врзе околу главата или барем околу рацете. Според македонските закони, изборните криминали се едно од најсериозните кривични дела. Станува збор за директно менување на избирачката волја, а тоа, јасно, не го прават умови со минимален демократски капацитет, туку автократи, подготвени да ја реализираат онаа автократска максима на еден од француските Луеви: „После мене потоп“.

Инаку, зборот „ортома“ во македонскиот јазик е влезен преку турскиот „hortum“ со исто значење.
Постои уште една поговорка врзана за ортомата: „Од влакно (конец) ортома“ со значење дека нешто се преувеличува. На пример, славната комедија на Шекспир „Многу врева за ништо“ (Much Ado About Nothing), кај нас е преведена и како „Од влакно ортома“. Трагикомедијата што сега ја гледаме би можела да има ист наслов, само во инверзија – „Од ортома влакно“.

Имено, речиси е и симпатично како власта сака ортомите што ги доставува Заев да ги претвори во – влакна. Сепак, таа алхемија не може да помине. Барем не во догледно време.

ОкоБоли главаВицФото