Концерт на српскиот бенд „Plastic Sunday“ и скопското трио „Суртуклер“ во „Кула“

20.03.2015 10:40
Концерт на српскиот бенд „Plastic Sunday“ и скопското трио „Суртуклер“ во „Кула“

Во пресрет на денот на пролетта, оваа сабота на 21 март ќе се одбележи нејзиниот почеток со концерт во културниот центар „Кула“. Со почеток во 20 часот ќе имате прилика да го проследите настапот на еден од најдобрите нови српски музички состави, Plastic Sunday, со локална поддршка од страна на скопскиот бенд Суртуклер. Макар што постојат веќе шест години, Plastic Sunday прв пат ќе се претстават пред скопската публика.

Музичкиот бенд Plastic Sunday е основан во 2008 година во Ниш од страна на Милан Митровиќ (тапани и вокал), Братислав Митровиќ (гитара) и Александра Станковиќ (бас гитара). Овој бенд може стилски да се окарактерзира како гаражен рокенрол со влијанија на ноиз и психоделичен звук. Имено, најзначајното признание бендот го добива од страна на критичарите и редакцијата на веб-списанието Попбокс (Popboks) каде се прогласени за најдобар нов бенд во Србија во 2010 година. Како резултат од таа награда, снимен е нивниот прв мини албум „Разум тражи разлоге“ во продукција на студиото „Дигимедија“.

Plastic Sunday имаат значајни настапи на „Јелен Демо Фест“ во Бањалука, 2011, „Нисомна“ во Ниш, 2011 и 2013, „Балкан Стритс Фестивал“ во Врање, серијал концерти во „Сцена Уживо“ во Дом Омладине во Белград, потоа на Ушќе пред Депеш Мод, на првата серија концерти „Проветравање“ во Ниш, фестивалот „Гарден Рок“ во Подгорица, „Цицвара Фест“ во Неум, „Бедем Фест“ во Никшиќ итн. Вториот студиски албум „Комуникација“ кој е исто така снимен во продукциската куќа „Дигимедија“, Plastic Sunday самите го објавуваат онлајн. Потоа следува и нивната прва регионална мини-турнеја, каде Plastic Sunday настапуваат во Србија, Црна Гора, Словенија и Македонија.

http://plasticsunday.bandcamp.com/
https://soundcloud.com/plastic-sunday
http://www.last.fm/music/PLASTIC+SUNDAY

Како предгрупа на Plastic Sunday ќе настапи скопскиот бенд Суртуклер. Имено, ќе имате прилика да го слушнете новиот материјал на овој трочлен музички состав, кој наскоро ќе биде издаден како Self-Titled EP. Суртуклер ја започнуваат својата кариера во 2013 година во подземјето на скопските гаражи. Бендот го сочинуваат Самир Карахасан (тапани), Ертунч Сали (гитара) и Стефан Николовски (бас гитара). Досега имаат настапувано неколку пати во Скопје и на шестиот Бош-фестивал во Гевгелија.

Поаѓајќи од сознанието дека тројцата се ликовни уметници и графичари, напоредно и нивната музика се развива како боја која бавно се провлекува низ печатарска форма. Тие лично го опишуваат својот звук како гаражен панк со елементи на сурф-рок и стонерски-акорди кои одново нè навраќаат на нивниот опис од настапот на Бош-фестивал: "…несвесно празнење на умот хранет од суровата абразивност на скопскиот бетон, шареното ѓубре и маите, скапи конзерви надеж, танцувајки со бесот во длабочините на етерот. Sürtükler! Не сака промена, сака крај!"

https://www.facebook.com/surtukler
https://soundcloud.com/surtuklerband

ОкоБоли главаВицФото