Граѓаните се потпишуваат – Уставен суд да ги поништи законите за хонорарците

24.03.2015 15:21
Граѓаните се потпишуваат – Уставен суд да ги поништи законите за хонорарците

Платформата за граѓанска политика АЈДЕ! вчера започна акција за собирање потписи од граѓаните, за оспорување на уставноста на пакетот закони со кои на хонорарците им се наметна да плаќаат придонеси за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување. Нивниот штанд е поставен пред ПИОМ во Скопје, ќе биде поставен уште еден и уште во 13 градови низ државата.

Оваа иницијатива, која ќе биде поднесена до Уставниот суд, има цел да бидат оспорени осум закони со кои се воведува обврска за хонорарците да плаќаат придонеси за здравствено и пензиско осигурување.

- Иницијатива ја поднесуваме бидејќи со осумте закони се повредува правото на еднаквост и правото на работа за хопнорарците. Се повредува принципот на владеење на правото и се повредува забраната за ретроактивно дејство на законите.

Иницијативата ќе биде поднесена пред сè заради тоа што на хонорарците им се воведува обврска иста како за вработените, а за разлика од работниците, тие немаат никакви работнички права. Немаат право на платен годишен одмор, немаат право на родителско или породилно отсуство, немаат право на синдикално здружување.

Ако ги прашате вработените во ПИОМ ќе видите дека и самите се соочуваат со проблеми како да ги спроведат овие закони. А законодавецот не успеал да постигне јасност и прецизност на нормите, рече Наде Наумовска од АЈДЕ!

Оваа иницијатива била подготвена во долг и консултативен процес со граѓанските и еснафските здруженија и со неа се бара Уставниот суд да донесе времена мерка за стопирање на примената на законите, одржување јавна расправа во Судот и конечно, поништување на спорните закони.

- Во иднина ќе се појави проблем затоа што хонорарците нема да ги уживаат истите права како и останатите граѓани и на прашањето до Министерството за труд и социјална политика што во врска со оваа дискриминација и каде потоа да се обратат граѓаните, добивме само копија од член на законот кој укажува на работата на Комисијата за заштита од дискриминација, односно ни тие самите не знаат што во овие случаи и ги препраќаат граѓаните кај Комисијата во уште една постсапка, уште една бирократска процедура која што не ја предвиделе, вели Јасмина Голубовска од Хелсиншки комитет за човекови права.

Катерина Христовска, хонорарец, раскажува дека силно ќе го почувствува ударот на новите правила за придонеси.

- Дефинитивно ќе го почувствувам овој удар на новиот закон затоа што веднаш ќе го изгубам моето здравствено осигурување, кое досега го остварував преку мојот сопруг. Сега ќе го изгубам, а нема да добијам ништо. Сè уште не сум добила хонорар, но кој ќе ми каже ако хонорарот за јануари и февруари го добијам во март – за кој период ќе се пресметува осигурувањето. Товарот е буквално на хонорарците кои едвај преживуваат. Зарем немам право на годишен одмор, на боледување, каков е овој закон кој не ми ги дава основните права.

Акцијата на собирање потписи ќе трае од 23 до 6 април, а граѓаните ќе можат да се потпишуваат секој работен ден од 9 до 16 часот.

Инаку, покрај граѓаните, што уште пред да се постави штандот за потписи на АЈДЕ!, се интересираа каде да се потпишат и дел од новинарите што беа дојдени да го следат настанот, како хонорарци и самите се потпишаа да се поништат спорните закони за хонорарците.

Извор: A1on

ОкоБоли главаВицФото