На 8 април си Ром, а останатите 364 денови си Циган

08.04.2015 09:44
На 8 април си Ром, а останатите 364 денови си Циган

Имаме ден на водата, ден на дрвото, ден на пролетта, ден на лагата, и оп, имаме и ден на Ромите, или како што поголемиот дел од граѓаните милуваат да ги нарекуваат „Цигани”.

Секоја чест на вистинските Роми кои успеале да се изборат низ цел свет да бидат признаени како нација, да имаат химна, знаме и да се нарекуваат Роми.

За мене 8 април е еден од најлицемерните денови, затоа што на денот на Ромите честитки испраќаат премиерите, претседателите, министрите… Лани, ми текнува, за денот на Ромите во Шутка беа Гордана Јанкулоска, Трајко Вељаноски, Ѓорге Иванов и други, и додека им укажуваа чест на Ромите си држеа политички говори бидејќи беше изборна кампања.

Ветувањата што им беа дадени точно пред една година Ромите ги чувствуваат на своја кожа, а тоа се: немање вода и канализација во дел во Шутка, немање гинеколог, прекинување на социјалната помош на сите што земале пари преку Вестерн унион или Маниграм, сè уште во некои ноќни клубови не пуштаат Роми со образложение дека е „резервирано“ или „приватна забава“, секојдневно ги враќаат од граница… А сега слушаат и какво мислење за „Циганите“ имаат гореспоменатите, посебно министерката Јанкулоска, а и каква вредност имаат – за уши право на гласање, па после, нека кршат глава!

8 април бил неработен ден за припадниците на ромската етничка заедница. Сигурно на ова се израдувале стотина Роми, бидјеќи нема да одат на работа, но на илјадници Роми секој ден им е неработен и живеат во лоши услови. Стотина Роми не можат да го искористат правото да бидат ослободени од работа за 8 април затоа што не ни можат да работат, бидејќи немаат лична идентификација. Стотина деца не посетуваат настава и се на улица каде што едвај преживуваат…

Каде беше државниот врв да ги посети Ромите преку цела година, да ги праша со кои проблеми се соочуваат и да видат како живеат? Но, во Шутка одат само за време на избори или на 8 април.

Ромите се Роми само еден ден, на 8 април, а останатите 364 денови во годината се „Цигани”, „Чергари”, „Ѓупци”… ќе ми простите што не можам да се сетам на уште некој „надимак”.

Пред извесно време додека се возев во такси, не знам како почнав муабет со таксистот за Ромите, и тој ми вели: „Абе ова Циганите се ептен лоши, крадат, лажат… абе што да ти кажам за нив“. Иако се нервирав, останав присебен и му реков – „да бе, да, такви се, што ќе им правиш“. Продолжува – „Абе знаеш, сега добиваат стипендии, одат на факултет, ама Циган си е Циган, од него ништо не бива…“. Не го прекинав, го оставив да се „исповеда” што мисли за „Циганите” и пред да се симнам му реков – „јас сум Дехран и сум Ром“. Таксистот не знаеше што да ми каже, едно 5-6 пати повторуваше „знаеш, јас, јас, јас…“, му велам – „уживајте, јас ги прележав тие сипаници, не ме навредивте, туку мило ми е што си ја научивте грешката и можеби ова ќе Ви биде лекција да не навредувате некого само поради тоа што сте слушнале дека сите Роми се лоши“.

Јас не мислам дека сите таксисти се лоши и националисти поради само еден таксист што имаше лошо мислење за Ромите. Напротив, таксистите се ептен фини луѓе. За жал, секаде има исклучоци, како што има исклучоци и кај Ромите.

На Ромите не им е потребна глума ЕДЕН ден, им треба ПОЧИТУВАЊЕ 365 денови во годината.

Извор: Либертас

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото