Барање за оставка на лидерите на Ромските политички партии во Р. Македонија

18.04.2015 16:33
Барање за оставка на лидерите на Ромските политички партии во Р. Македонија

Општата состојба на Ромите во Р. Македонија го достигна дното на тоа што може да се нарече цивилизиран начин на живеење во 21-от век на европска почва. Ромите денес се: дискриминирани, полициски и правно малтретирани, омаложувани, потчинети, навредени и практично исклучени од сите општествени текови во државата. Иако вклучувањето на „рамноправните„ Роми во сите сфери на функционирањето на државата не е само нејзина морална одговорност, туку и нејзина законска регулирана и истовремено преземена должност зацртана во рамките на институциите на Европската Унија.

А вие господа лидери на Ромските политички партии, вие со вашите фундаментални погрешни проценки за ромскиот интелект, со желба за минимизирање па дури и негирање на испадите на омраза против Ромите, со прикривање на инциденти, необезбедување на инфраструктура, желбата за лично и незаконско збогатување, криминалните дејствија, недоличното јавно однесување, злоупотребата на ингеренциите и службената положба, рекетарството, уценувањата, заплашувањата кон неистомислениците и ред други однесувања и одлики кои ве „красат“, придонесовте за актуелната катастрофална положба и состојба на Ромите и за негативната перцепција кон Ромите во Р. Македонија. Ја издадовте и за евтини, ситни пари ја продадовте визијата на првата политичка партија на Ромите во Р. Македонија, го згазивте нашето достоинство, без грам култура и морал сте, се срамиме со вас како наши претставници, смешни сте и кримогени, вие сте „Цигани“ а не Роми...

Затоа учтиво барам од вас, веднаш да си поднесете оставки од вашите претседателски функции (кои и така не умеевте да ги вршите) во вашите, а во наше име, основани партии. Со таквиот чин ќе ослободите место за враќање на гордоста на вистинољубите Роми и на нивната визија. Ромите се сè уште во ваше политичко и социјално заточеништво, дајте ОСТАВКИ – дајте им СЛОБОДА на Ромите!

Фотографија: Ванчо Џамбаски