Колку чини вашата вратоврска?

05.02.2014 10:25
Колку чини вашата вратоврска?

Хорхе Македонски - модел за секоја прилика

Недостигот на критичко новинарство не е проблем само за оценките коишто една држава ги добива во меѓународните извештаи. Напротив, недостигот на критичко новинарство ги хендикипира останатите процеси коишто мора да се одвиваат во едно демократско општество. Новинарите коишто известуваат и критикуваат се маслото кое што го подмачкува системот - моторот. Новинарите известуваат за грешките на политичарите, за ветувањата и нивната остварливост, за трошењето на парите од заедничкото кесе кое го нарекуваме „буџет“ итн. Е, сега, кога има премалку масло, моторот „зарибува“, кочи и на крајот престанува со работа. Истото се случува и со општеството кое ги губи своите критички настроени новинари.

За среќа, во мало општество како македонското, дел од проблемот е саниран преку прераскажување од еден на друг, или во 21-виот век, преку социјалните медиуми. Па така, пред некое време, влијателен твитерџија под псевдонимот @ToVOrNotToV објави една единствена веб страна од Бирото за Јавни Набавки за Кабинетот на Претседателот ни, Хорхе Иванов. На неа се објавени јавните набавки за Кабинетот во период од 6 месеци, од 01.01.2012 до 30.06.2012. Фер и чесно. Она што не е чесно е претседателот да троши 5.800 евра на вратоврски во рок од 6 месеци. Колку чини една вратоврска од Фокабо (набавувачот)? Не би имала таква информација, а и фирмата нема никаква веб страна на интернет каде што би можеле да се информираме.

Но, проблемот и не тоа. Проблемот е како, во моменти на висока невработеност и сиромаштија, претседателот си дозволува да троши 5800 евра на вратоврски, во рок од само 6 месеци? Уште повеќе, како е можно некој да износи вратоврски вредни 5.800 евра? Па, да ги јадеше за појадок, немаше да му требаат толку!

Само како споредба околу тоа колку вратоврски се купени, да ја погледнеме ставката за гориво. Замислете, горивото за 6 месеци чини исто колку и вратоврски за 6 месеци! Но, иако се трошат 5.800 евра (359.900 денари) на гориво, се трошат и 354.000 денари на такси. Еве, да претпоставиме дека сопствените возила на Кабинетот се користат за патувања во внатрешноста на државата, а такси превозот за превоз во градот (што би имало најмногу смисла во случај на плаќање и гориво и такси превоз). Најскапото мое возење во Скопје е околу 250 денари. Но, еве да кажеме дека секое патување со такси во еден правец ги чинело по 300 денари (зашто, вила Водно, нели). Тоа значи дека во рок од 6 месеци, тие патувале 1.180 пати на истата дестинација од 300 денари, односно скоро 10 пати дневно за работни денови! Да, и покрај колите коишто ги возат и развезуваат членовите на Кабинетот, како и претседателот, граѓаните на Република Македонија плаќаат и за возењето со такси на вработените. Дали тие пари се потрошени само на професионални патувања на вработените во Кабинетот или не е прашање што ќе продолжи да виси во воздухот бидејќи во јавноста не се достапни информации за начинот на трошење на овие државни пари.

Но, тоа не е единственото нешто што го плаќаме двојно. Имено, ние сме платиле 359.900 денари за фотокопирна хартија, но сепак сме платиле уште 708.000 денари за „Услуга за копирање, печатење и издавање“. Зошто? Е, не знаеме. Дали хартијата за фотокопирање била расипана, па не можеле да ја искористат или немале фотокопир... Кога купувале бела техника од 287.500 денари, сигурно не им стигнале пари за фотокопир.

Не знаеме колку луѓе се вработени во Кабинетот на Претседателот, но кога би требало да претпоставиме, драги мои, што би рекле? 30? 50? 100? Сепак, и покрај таквата бројка од вработени „стручни“ кадри, претседателот не успеал да најде ниту една личност која што е доволно ментално и интелектуално способна да биде модератор на настаните коишто ги организира Кабинетот. Наместо тоа, го најмиле актерот Игор Стојчевски за сума од 5.800 евра или магичните 359.900 денари. Не постои официјална информација што конкретно модерирал Игор, но на неговата „фан“ страна на Фејсбук има само два настани коишто се во официјална организација (или ко-организација) на Претседателот на РМ и тоа Илинден 2012 и 8-ми Декември 2012 (или за нас што немаат поим, денот на Св. Климент). Тоа би значело дека добил по 2.900 евра од настан (ако го сметаме еврото по 61.2 денари). Тежок живот актерски!

И некако, пак и пак се навраќаме на бројката од 359.900 денари. Толку чини „услуга за материјално техничка поддршка за реализација на настани“, но и вратоврски за 6 месеци. 359.900 денари сме платиле и за „набавка на знамиња и свилени ленти“, но и „кутии за поклони“, „фотокопирна хартија“, „гориво“ и „модератор“. Би се запрашале, драги мои, како е можно да чинат исто сиве овие работи, во чудесниот свет на Хорхе Иванов?

Дури се прашуваме и ја сонуваме бројката од 359.900, да не заборавиме и на децата од руралните средини кои сѐ уште користат полски тоалети, ниту на заболените од хронични болести кои плаќаат високи цени на лековите, ниту на социјалните случаи кои преживуваат од милоста на добрите луѓе. Немаме пари за нив, оти ги потрошивме на вратоврските на Хорхе. Или барем така велиме „за пред луѓе“.

Извор: ivanatukatamu.blogspot.com