Уф! Ј… вас отчет!

06.11.2013 06:56
Уф! Ј… вас отчет!

Претседателот Хорхе не може да држи лекции (веќе) никому! Можеби за жал, можеби за среќа. Тој ги одржа своите лекции во три потези: демократијата е космодиск (за жал, таа не се покажа ни толку во одржување на неговиот политички рбет исправен); разумен компромис е разумен компромис (тоа остана будистички неразбрано до ден денес); на изборите во Кина победува секогаш истиот, вистински пат (ова е од неговите источни медитации).

Јавноста некого издигнува, некого закопува. Тоа требаше да му биде јасно на овој кинеско-руски човек и вљубеник во ориенталните деспотии, кога влегуваше во политиката во Македонија, поттикнат од својата провинциска амбиција. Стана фигура за подигрувања и потсмев, вреќа за боксирање на деспотијата на ДПМНЕ! Не ја балансираше извршната власт (како што е предвидено во Уставот), туку ја засили со своето простирање под аздисаната недемократска влада, воден од оригинерната верба во идиотскиот проект за идентитетска трансмисија на Македонецот на маргините на модерноста и светот, во скутовите на Олимпија, куде Александар. Подоцна се „отвори во струкот“ (како што велат шнајдерите) и разви своја – новопронајдена, а долго чувана – љубов кон еднопартискиот систем скриен зад формалната демократија, т.е. го најде руско-кинескиот модел на транзиција (сенешто, само да е антизападно).

Не се проблем Хорхеовата говорна и интелектуална немушт, гафовите, политичкото пелтечење. Тоа би било симпатично да не е неговиот карактер формиран од страв и амбиција – убиствена комбинација – која деспотијата ја растура показно, ја развива како тесто за пита. Ја прави личноста - додуша, самоволно - огледен кловн кој доброволно се ведне и простира како ќилим покажувајќи дека деспотијата може да го гази (тоа е преземено од сталинистичките ритуали на самопонижување, самокритика и самоучество во масовните злосторства).

Тоа е најголемиот проблем на Хорхета и конечно толку за него во Незаборавникот на македонското бесчестие!

***

А сега за една институција која ни е вметната (прошверцувана) од комунизмот и еднопартискиот систем (делегатскиот систем) во нашава современа демократија и која масовно се користи од ДПМНЕ, како наци-комунистичка партија на левицата. Имено, за ОТЧЕТОТ!

Отчетот се продава како блискост до народот на „вистински демократската власт“ и нужно користи партиски говор. Тој говор е нагризувачки, вознемирувачки, црно-бел, агресивен напаѓачко-одбранбен, нетолерантен, со еден збор идеолошки говор-речник.

„Отчетот за сработеното“, како го разбира ДПМНЕ, како постојана изборна кампања – во демократијата е ЗАБРАНЕТ, и тоа како стандард, од две либерално-демократски причини.

Прво, партискиот идеолошки речник-говор поради својата бруталност, варварство и агресивност, ако се пушти неограничено во јавниот дискурс предизвикува ефект на ДИСПЛАЗИЈА на целиот јавен дискурс. Тоа демократиите веднаш го воочиле и го ограничиле. Имено, партискиот говор се однесува како калифорниска пастрмка во базен со охридски пастрмки – по кратко време ги јаде и уништува сите охридски пастрмки и себе се намножува целосно. Тој говор е како наркотикот КРЕК, ја уништува смислената мрежа на значења, сомнежи, алузии, иронии и метафори на нормалниот говор, фината мрежа на значења – разјадувајќи го и сведувајќи го јавниот говор на прости црно-бели слики на напријателско опонирање – со еден збор, го ЗОМБИРА граѓанинот.

Императив на граѓанско-либералната демократија се одбраната на спокојството и благосостојбата на граѓанинот и неговите права. Правото на приватност и правото на слобода на говор во овој контекст се најзагрозени. Лажната демократска отчетност на диктатурите е преземена од еднопартискиот систем во кој нема избори и каде ком-функционерите мораа постојано „да бидат со работничката класа и народот“ (некои се испратени да живеат со народот низ селата и комбинатите). Партијата е постојано во домовите на народот, очитувајќи се за постигнувањата и резултатите и бркајќи ги предавниците и шпионите.

Во демократијата таа „отчетност“ изрично е забранета како директен симбол на еднопартиските диктатури и затоа се заменува со ослободување на граѓанинот од абразивниот идеолошки говор, а истиот се ограничува законски само во кампањите непосредно пред изборите. Така се дефинира и ПОЛИТИКАТА како дејност во демократијата: како ефикасна, јавна дејност на решавање конфликти, изнаоѓање развојни опции на општеството и на крај и последно – мобилизација за плуралистички партиски опции пред граѓанските избори.
Кај нас под ДПМНЕ само на ова последново се сведе сета политика. Постојаната кампања и мобилизација на вознемирениот, уплашен, хаотичен граѓанин е квази демократски концепт кој всушност е наменет за негова контрола и манипулација.

Европската Унија, ако има намера нешто да знае и влијае, треба конкретно да ја посочи таа точка на распаѓање на јавниот говорен дискурс како опасност за младите демократии, посебно во Македонија. Пелтечењето за нејасно формулираната потреба од „медиумска култура“ е празно и ќе биде злоупотребено во друга насока: јазикот кој го користеле новинарите (шијем ти га Џуро).

Треба да се нападне и ограничи абразивниот партиски говор, супериорно финансиран од власта и насочен кон секого во државата – говор кој постојано го вознемирува граѓанинот, ги напаѓа и уценува медиумите, нон-стоп го адренализира политичкиот простор (ние сме во постојана предизборна кампања), ја дели и конфронтира јавноста на опонирани гласачи и тогаш кога тоа не е потребно, и конечно ја уништува знаковната и смисловната структура и значење на говорот и јазикот – во целина.

Таа инсталација на власта, преку која се воспоставува диктатурата – треба одлучно да се нападне и деконструира. Саморекламата на партиите и борбата на опции треба се води само и единствено во ограничениот простор на предизборието во точно наведени периоди (еден месец, најчесто). Граѓанинот и неговата приватност мораат да бидат заштитени од овој партиски говор надвор од тоа време. Граѓанинот мора да има многу повеќе време за политичките опции во поширока смисла, за едукација, за себеостварување, за забава и хедонизам, најпосле. Така е во демократиите, никако поинаку.

Слики: Свирачиња
Извор: Либертас